Во Москва се тестираат летечки такси-возила (ФОТО, ВИДЕО)

HOVERSURF
Беспилотните такси-дронови би можеле да почнат да летаат над рускиот главен град веќе во 2023-2025 година. Засега се тестираат во затворениот манеж на московскиот стадион.

Во јануари оваа година руската компанија Hoversurf, која се занимава со производство на беспилотни летала, почна со тестирање на летечкото такси Hover, беспилотни дронови кои можат по воздушен пат да доставуваат патници и товар, пишува магазинот „Популарна механика“.

Воздушното такси е дрон со големина 5х1,6 метри, што според димензиите одговара на класичен автомобил, пишува новинската агенција ТАСС повикувајќи се на службата за односи со јавноста на московскиот Оддел за претприемништво и иновативен развој. Колата може да полета на висина од 150 метри и да совлада растојание до сто километри во текот на еден лет. За леталото не е потребно да се градат специјални писти. Дронот може да слета на паркиралиште за обични автомобили, да маневрира таму и да влезе во гаража. Во автомобилот собира двајца луѓе, може да понесе до 300 килограми, достигнува брзина до 200 километри на час.

Тестирањата на дронот се одвиваат во затворената арена на спортскиот комплекс „Лужники“. Засега кај прототипот се тестира режимот на летање Lift & Cruise при што за полетување, слетување и хоризонтален лет се одговорни различни групи мотори, како и системот за работа на падобранот во вонредни случаи кога е неопходно да се спасат екипажот и дронот.

Развојот на летечкиот такси-дрон го започна иноваторот и бизнисмен Александар Атаманов, основач на компанијата Hoversurf во 2018 година. Освен летечко такси Hoversurf, постои и летечки мотоцикл кој Атаманов го претстави 2016 година.

Максималното време на летање на мотоциклот изнесува 40 минути, а максималната брзина 96 километри на час. По јавното тестирање на леталото на конференцијата Startup Village во Сколково компанијата доби 3,5 илјади порачки. Засега мотоциклите се продаваат на парче, а за нивно склопување е потребно околу еден месец, рече Атаманов во интервју за Vc.ru 2019 година.

Таксито Hover има повеќе шанси за сериско производство, тврди Атаманов во интервјуто за „Популарна механика“. Според него, до оваа пролет владата на Москва ќе изгради во Сколково нова платформа покриена со 5G мрежа за тестирање дронови. Таа ќе овозможи да се унапреди системот за управување заснован врз вештачка интелигенција. Системот формира маршрути, управува со апаратот и ја следи безбедноста на летот.

Компанијата, како што планира Hoversurf, ќе започне со производство на првите сериски модели на летечки такси во тековната година, меѓутоа масовна употреба се предвидува за периодот од 2023 до 2025 година, кога во Русија ќе се појави 5G мрежа и ќе биде донесен закон кој дозволува летови на вакви дронови на територијата на земјата.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња