Руски хакери од жители на Европа и САД во 2020 година украле преку 6 милиони долари

Legion Media; Russia Beyond
Дваесетина хакерски групи кои користат руски јазик крадат пари користејќи лажни сајтови на популарни курирски служби и онлајн-продавници.

Во 2020 година руски хакери користејќи лажни сајтови на курирски услуги и онлајн-продавници од граѓаните на САД, Европа и земјите од Заедницата на независни држави украле над 6,2 милиони долари, објави компанијата за спречување сајбер-напади Group-IB.

Шемата на овие кражби на пари е наречена „Мамонт“ (мамут), како што на сленг измамниците ја нарекуваат својата жртва. Овој систем почна да се користи во Русија уште од летото 2019 година, а пролетта 2020 година хакерите почнаа да го користат и во странство. Причините беа: пандемијата на коронавирусот, преминувањето на работа од дома, зголемување на побарувачката кога станува збор за купување преку интернет и услуги на курирските сервиси, објаснува компанијата.

Моделот на измама изгледа вака: на популарните сервиси за бесплатни огласи измамниците објавуваат таканаречени „мамки“ - огласи за продажба на фотоапарати, конзоли за игри, лаптопи, паметни телефони и друга стока по ниски цени. Купувачот му се обраќа на „продавачот“, а вториот прави сè за да ја префрли комуникацијата со него од официјалната платформа на месинџер.

Таму жртвата ги дава своите контакт-податоци за испорака на робата преку курирска служба. Потоа добива линк до наводно еден од сајтовите на популарните курирски служби за плаќање на испораката, тоа може да биде DHL, FedEx или СДЭК. Всушност, корисникот оди на лажна веб-страница каде ги внесува своите податоци. Така од него се преземаат и податоците за банкарските картички и парите. На некои измамниците им нудат да ги „вратат“ повлечените средства на друга веб-страница со наводно давање изјава дека ќе ја вратат стоката. Таму на жртвата повторно ѝ ја земаат истата сума.

На овој начин измамниците крадат пари од граѓани на следниве земји:

  • САД
  • Франција
  • Полска
  • Чешка
  • Бугарија
  • Украина
  • Узбекистан
  • Киргистан
  • Казахстан

Измамниците, на пример, правеа лажни веб-страници на францускиот сајт за бесплатни огласи Leboncoin, сајтот на полскиот бренд Allegro и чешкиот Sbazar. Во најскоро време се подготвуваат во своите манипулации да вклучат и нови брендови: FedEx и DHL Express во САД, СДЭК во Казахстан и САД, сметаат аналитичарите на Group-IB.

Многу хакери прават лажни веб-страници преку специјални групи на „Телеграм“. Хакерот може во чет-бот да стави линк до роба-мамка, а ботот (софтверски робот) самиот прави веб-страници на курирски сервиси, за плаќања и враќање на робата.

Ботовите умеат да направат лажни веб-страници на популарни онлајн-продавници, страници за изнајмување станови и спортски обложувалници, кои потоа ги користат на сличен начин. Хакерските чет-ботови исто така даваат врски до „продавници“ каде што ќе најдете сметки за разни огласници, е-паричници, упатства, па дури и контакти на адвокати, кои во случај на апсење на измамникот ќе го бранат на суд.

Постои слична шема на измама при продажба на роба, објаснија од прес-службата на Group-IB за Russia Beyond. Измамникот на сајт за огласи бара вистински продавач, кој го наведува неговиот телефонски број. Му пишува преку месинџер и тврди дека е подготвен веднаш да го нарача производот со испорака. Потоа му испраќа на продавачот лажна веб-страница која наводно потврдува дека робата е платена. Измамникот објаснува дека веќе платил сè и му предлага на продавачот да ги преземе паричните средства, се разбира, така што ќе ги внесе податоците од неговата банкарска картичка.

Андреј Бусаргин

„Засега има две пречки што спречуваат овој вид измама да се здобие со масовни размери во Европа: едната е јазичната бариера, а другата се тешкотиите средствата во странство да се преточат во кеш“, истакнува Андреј Бусаргин, заменик-генерален директор на Group-IB во сегментот Digital Risk Protection. „Веднаш штом ќе бидат совладани овие пречки, очекуваме масовен пораст на измамите на Запад. Поради популарноста на овие методи доаѓа и до конкуренција меѓу измамниците, кои честопати без да знаат се обидуваат да се измамат едни со други (кога купувачот-измамник ќе му се обрати на продавачот-измамник – заб. на уред.).

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња