Технолошки продор: руските конструктори проектираа мотор кој генерира 35 илјади коњски сили

Слободан Ѓукиќ
Руската воена индустрија интензивно работи на самостојно производство на бродски мотори за потребите на површинските пловила во состав на Воената морнарица, со што целосно ја прекинува зависноста од странските производители. Ракетните фрегати веќе почнаа да добиваат руски мотори со гасни турбини со моќност од 27000 коњски сили, додека во план е конструкција на мотор кој ќе генерира речиси 35000 коњски сили.

Корпорацијата која ги обединува најголемите руски производители на мотори (рус. Объединенная двигателестроительная корпорация - ОДК, која е составен дел на „Ростех“), разгледува развој на два експериментално-конструкторски проекти кои се однесуваат на производство на бродски мотори кои ќе генерираат моќност од 35000 коњски сили. Ова за веб-порталот ТАСС го изјави генералниот директор на ОДК Александар Артјухов.

„Денес имаме три линии на домашни мотори чија моќност се движи во опсег од 6-27 илјади коњски сили. Покрај тоа, интензивно го разгледуваме најновиот проект ОКР, кој нуди мотори кои ќе генерираат 35000 коњски сили“, рече Артјухов во специјализираната воена емисија „Военаја пријомка“ (Военная приемка) што се емитува на телевизискиот канал „Ѕвезда“.

Според првиот човек на корпорацијата ОДК, првите мотори кои се резултат на новата производна линија се инсталирани во декември минатата година на ракетната фрегата „Адмирал Головко“.

Збор-два за класата ракетни фрегати 22350

Должината на фрегатата е 135 метри, ширината 16, а газот 4,5 метри. Вкупниот депласман на фрегатата изнесува 5400 тони. Погонската сила што ја генерираат гасните турбини може да достигне 50000¹ коњски сили и тие му овозможуваат на бродот да помине 4500 наутички милји без дополнително полнење гориво (секако ова се однесува на економичната маршовска брзина на пловење). Максималната брзина на бродот при форсажна работа на моторот достигнува 34 јазли (околу 65 км/ч).

Првиот брод од оваа класа „Адмирал Горшков“ во своето вооружување ќе има 16 суперсонични противбродски ракети „Оникс“ (можно е да се примени и конфигурација која ќе се состои од шемата 8+8, односно 8 ракети „Оникс“ + 8 ракети КР „Калибар“). Меѓутоа, оваа платформа во блиска перспектива може да стане носител на хиперсонично ракетно вооружување кое ќе биде направено врз база на ракетата „Циркон“, што претставува нерешлив проблем за американската морнарица без оглед на видот и специфичноста на бродот. Противвоздушната одбрана на фрегатата „Адмирал Горшков“ ќе се состои од интеграција на поморскиот ракетен ПВО-систем „Полимент Редут“ кој во борбените вертикални лансери ќе има дури 128 ракети од различен вид и дострел. Фрегатата ќе има ефикасно оружје и за фронтот што се наоѓа под површината на водата. Противподморничкиот ракетен комплекс „Медведка-2“ како и специјалната противподморничка верзија на ракетата „Калибар“ ќе бидат главниот адут на бродот во борбата против непријателските подморници.

Потсетник

И со цел да се надмине зависноста од испораката на мотори за опремување на површински бродови на руската Воена морнарица (ова конкретно се однесува на украинските производители), командата на Воената морнарица на почетокот на 2000-тите го утврди „Концептот за производство и примена на мотори со гасни турбини и агрегати за површинските бродови од составот на ВМФ“, каде специјализираната руска компанија НПО „Сатурн“ требаше да биде носител на целиот овој проект. Имено, за потребите на комплетирањето на современите воени бродови во состав на Воената морнарица на Русија, конкретно на фрегатите од класите 22350 и 11356, се користеа мотори на украинскиот производител - компанијата „Машпроект“.

———————————————————————————————————————————

¹ Со вградување на перспективни мотори и над 70000 коњски сили – заб. на прев.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња