Актуелно: Руската армија гради супертајна база за „оружјето на Апокалипсата“

Слободан Ѓукиќ
Русија планира до крајот на наредната година да ги заврши работите на комплетирање на поморска воена база наменета за базирање нуклеарни подводни беспилотни апарати со интерконтинентален дострел 2М39 „Посејдон“ (или оружјето на „Судниот ден“).

Согласно податоците од проектната документација, оваа поморска база ќе има технички капацитети што ќе овозможат базирање и опслужување на „новото стратешко оружје за одвраќање“. Во новоизградениот објект ќе се реализираат активности поврзани со извршување на задачите за постојано борбено дежурство и употреба на „Посејдон“. Како што пренесува веб-порталот Риафан.ру, за точната локација каде што ќе се гради оваа база нема податоци. Таа ќе има таен карактер.

Неодамна Руската федерална агенција соопшти дека наскоро се очекува спуштање во вода на нуклеарната јуришна подморница „Хабаровск“¹ која ќе може да носи и да ги употребува беспилотните подморници „Посејдон“. Според овие наводи, овој епохален момент во историјата на руската воена-поморска бродоградежна индустрија треба да се случи во првата половина на 2021 година. Воените експерти ги сместија нуклеарните беспилотни подводни апарати за стратешка намена „Посејдон“ во „првата петорка“ на новото руско вооружување. На оваа листа се наоѓаат уште и интерконтиненталните ракети „Сармат“, крстосувачката ракета со интерконтинентален дострел „Буревесник“, хиперсонично оперативно-тактичката ракета „Циркон“ и хиперсоничниот маневрирачки болид за стратешка намена „Авангард“.

Нуклеарно дрон-торпедо „Посејдон“

Се работи за беспилотно пловило на нуклеарен погон кое има трансокеански домет и кое може во од да ја менува траекторијата на своето движење. Според западни разузнавачки извори, овие подводни апарати ќе бидат опремени со термонуклеарно оружје. Имено, просторот за полезен товар (боева глава) ќе има должина од 6,5 метри. Според наводите на американското разузнавање, толку голем простор е  запремнински доволен за да може во него да се смести боева глава со сила од дури 100-150 мегатони ТНТ.

Неодамна руски извори изнесоа податок дека стратешкото нуклеарно подводно дрон-торпедо ќе носи боева глава со сила од 2 мегатони. Покрај нуклеарна боева глава, тоа ќе може да носи и конвенционална боева глава, што сепак малку веројатно, со оглед на цената на еден ваков „гиган“ која секако не е мала за операции на тактички план.

———————————————————————————————

¹ Главните карактеристики на нуклеарната подморница „Хабаровск“ се наоѓаат во режим на воена тајна. Според информациите што доаѓаат од отворени извори, подморницата не само што ќе може да носи до шест „Посејдони“ (инаку, овој дрон во САД веќе го нарекоа „Торпедо на апокалипсата“), туку ќе се напојува и од нуклеарен реактор од новата генерација „Феникс“. Според компактноста и ефикасноста „Феникс“ значително ќе ги надмине постојните нуклеарни реактори со какви денес се опремени руските подморници и ќе овозможи континуирана работа без дополнување на нуклеарното гориво во текот на нејзиниот работен век. 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња