На телеграм-каналот „Борбени Ефективи“ се појави снимка на која се гледа употреба на специјален оклопен автомобил „Викинг“ при ликвидација на терористичка група на територијата на Република Дагестан/Руска Федерација. Благодарение на силната балистичка заштита која е непробојна за стандардните модели на стрелечко вооружување, како и на добро осмислениот дизајн што овозможува дејствување на практично сите членови на јуришниот тим кои се наоѓаат во возилото, добиена е мобилна борбена платформа со голема огнена моќ која е исклучително погодна за изведување контратерористички операции.
Возилото е оклопено во целост (делот каде што се распоредува групата специјалци + кабината). Оклопната заштита е непробојна за стандардната стрелечка муниција, вклучително и за фрагменти од гранати. „Викинг“ е опремен и со специјален систем за набљудување кој обезбедува покриеност во круг од 360 степени околу возилото. Исто така, има специјални широкопојасни камери со висока резолуција кои ги покриваат тнр. „мртви агли“. Овие камери ја пренесуваат сликата до индикаторите поставени во кабината на возачот, но и до блиндираната капсула во која се наоѓа јуришниот тим.
Оклопното возило „Викинг“ е конструирано во рамките на програмата за опремување на специјалните одреди на ФСБ со нова техника, која ќе се карактеризира со висок степен на ефикасност при изведувањето контратерористички активности во регионот на Кавказ. Возилото е дизајнирано од инженери на Московскиот државен технички универзитет „Н. Е. Бауман“ преку проектот БКМ-49111.
Покрај ова возило, специјалните единици на ФСБ интензивно користат и друга модерна оклопна борбена техника. Во последно време сé почесто се гледа и оклопниот автомобил „Фалкатус“, карактеристичен според димензиите, но и според застрашувачкиот изглед, поради што во јавноста му е дадено името „бетмобил“. Станува збор за мистериозно возило направено од специјализираната компанија ЗАО „Форт технологија“, која е директно поврзана со ФСБ. Се претпоставува дека возилото е направено врз основа на КамАЗ-4911. Што се однесува до структурата и квалитетот на неговата оклопна заштита, засега нема достапни податоци. Возилото го придвижува исклучително силен мотор кој му овозможува да достигне максимална брзина од дури 200 км/ч. Воените експерти сметаат дека во возилото може да се транспортираат до 10 специјалци.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче