Првата фаза на добивањето дозвола за употреба на вакцината „Спутник V“ во ЕУ почнува на 19 јануари

Keystone Press Agency/Global Look Press
Процесот на регистрација на руската вакцина во Европската агенција за лекови започна кон крајот на октомври.

Првата фаза во рамките на добивањето дозвола за употреба на руската вакцина против заразната болест Covid-19 „Спутник V“ на територијата на Европската унија треба да започне на 19 јануари, изјави за новинската агенција ТАСС Кирил Дмитриев, првиот човек на Рускиот фонд за директни инвестиции РФПИ.

„Започнувањето на првата фаза во склоп на добивањето дозвола за итна употреба на руската вакцина против новиот коронавирус „Спутник V“ во Европската унија е планирано за 19 јануари. Се работи за таканаречена научна консултација. Апликацијата за добивање дозвола за итна употреба на вакцината „Спутник V“ беше поднесена од РФПИ на 22 декември“, рече Дмитриев.

Како што наведе тој, процесот за регистрација на руската вакцина во Европската агенција за лекови (ЕМА) започнал кон крајот на октомври.

Портпаролот на Европската комисија Стефан де Керсмакер изјави дека производителот на руската вакцина не барал да сертифицира вакцини во ЕУ, но дека бил во контакт со Европската агенција за лекови (ЕМА).

Европската комисија претходно призна дека земјите на Унијата имаат право да сертифицираат на нивните национални пазари и да купуваат за нивна сопствена употреба вакцини кои немаат добиено сертификација на пазарот на ЕУ, со цел да се задоволат итните потреби за заштита на здравјето на нивните граѓани. Меѓутоа, во овој случај, една земја може да ја користи вакцината само на своја територија, без да има право да ја пренесува или продава во други земји на Европската унија.

Вакцината „Спутник V“ е веќе регистрирана во Аргентина, Боливија, Србија, Алжир, Палестина и Белорусија. Уште десетина земји ќе ја регистрираат руската вакцина до крајот на месецот.

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња