Орудие за преживување: Шпанците го оценија малиот пешадиски ашов на рускиот спецназ

Виталиј Ањков/Sputnik
Зафатени од аномално ниски температури и незапаметени снежни наноси, жителите на Шпанија сфатија дека рускиот пешадиски ашов е идеално средство за опстанок.

„Ел Мундо“, еден од најчитаните и најугледни весници во Шпанија, посвети статија на малиот руски пешадиски ашов МПЛ-50. Во статијата пишува дека „ашовот на рускиот спецназ“ ќе им помогне на Шпанците во борбата против снегот и мразот, во услови на аномално заладување.

Авторот Даниел Олеро истакнува дека по снежните врнежи кои во централна Шпанија ги донесе снежната бура Филомена, многумина Шпанци сфатиле колку би било добро да си набават лопата. Меѓутоа, обичните градинарски лопати се гломазни и не се погодни за чистење снег и мраз. Подобро е, вели Олеро, да се сетиме на ашовот МПЛ-50. Тоа е компактен челичен ашов чија намена е копање ровови во замрзната почва. Веќе со децении тој е во арсеналот на рускиот спецназ. Благодарение на малите габарити (долг е околу 50 см) и острите рабови, тој е идеално орудие за отстранување снег и мраз.

Новинарот потсетува дека ашовот вообичаено се нарекува „руски“, но дека во 1869 година е направен од данскиот офицер Мадс Линеман. Потоа бргу станува популарен и пуштен во сериско производство. Новитетот заинтересирал многу земји, но само Руската империја го признала патентот, му платила на Линеман 60000 рубли за авторски права и нарачала 30000 ашови.

По падот на Руската империја ашовот остана во арсеналот на Црвената армија. Има остри рабови (така што може да служи и како секира за сечење или цепење дрва), мала тежина и моќна конструкција, така што е идеално орудие за преживување и борба гради в гради.

Благодарение на симетричниот облик на челичниот лист и избалансираната тежина, овој ашов е погоден и за фрлање. Стана многу популарен токму благодарение на ефектните видеоснимки на кои руски војници го фрлаат ашовот и го забиваат во дрвја.

Кога падна комунистичкиот режим, ашовот почна да се произведува и на Запад. Чини околу 30 евра. Може да се купи во обични и интернет-продавници.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња