Американски медиум: Обновениот Су-57 ќе се претвори во најмоќниот ловец на светот

Слободан Ѓукиќ
Веб-порталот MilitaryWatch го коментира амбициозниот руски проект за унапредување на повеќенаменскиот ловец од петтата генерација Су-57. Доколку овој проект успешно се реализира до крај, рускиот повеќенаменски ловец од петтата генерација претендира да стане најдоброто борбено летало на светот.

Со мотори од втора етапа кои ја носат ознаката „Изделие 30“ рускиот повеќенаменски авион-ловец од петтата генерација Су-57 претендира да  стане најдоброто борбено летало на светот, пишува американскиот веб-портал MilitaryWatch. Ова е повеќе од извесно, ако се знае дека и за сегашниот мотор АЛ-41 може да се каже дека е многу потентен кога се во прашање современите стандарди.

Силата на моторот АЛ-41 (покрај ловецот од 5 генерација Су-57 овој мотор го движи и ловецот Су-35 од генерацијата 4++) е за само 9% помала во однос на американскиот F119 кој се наоѓа кај ловецот од петтата генерација F-22 Raptor. Тој го претставува светскиот врв кога е во прашање генерирање на потисната сила кај двомоторните борбени летала.

Меѓутоа, титулата апсолутен шампион му припаѓа на моторот Pratt & Whitney F135 кој е интегриран на американските ловци од петтата генерација F-35 Lightning II. Ова летало спаѓа во класата едномоторни млазни авиони. Неговиот максимален потисок на фросажот (режим на дополнително согорување) достигнува 19,5 тони.

Колку за споредба, максималната потисна сила на моторот F119 достигнува 15,8 тони, а на АЛ-41Ф1 – 15 тони. Меѓутоа, Pratt & Whitney F135 е мошне габаритен, така што неговите димензии (должината и висината) не дозволуваат интеграција кај повеќето други летала.

Проектот на моторот од нова етапа „Изделие 30“ е еден од најтаинствените развојни програми на рускиот военоиндустриски комплекс. Без оглед на тоа што прототипот на ловецот Су-57 веќе леташе со овој мотор, неговите летечко-технички карактеристики официјално не се достапни. Според информациите од отворени извори, моторот е сличен на своите претходници АЛ-31 и АЛ-41, но е заснован на потполно нови агрегати направени врз принципите на современата технологија. Резултат на обемната употреба на најсовремените технолошки постапки при развојот и изработката на млазниот мотор од нова генерација е значителното зголемување на речиси сите негови технички карактеристики.

Важна одлика на новиот мотор е неговата млазница. Како и кај моторот АЛ-41, млазницата е опремена со систем за управување со векторираниот потисок во различни агли. Таа е димензиски помала во однос на претходните верзии и има поинаков облик.

„Главните предности на новиот мотор се неговата тежина, потрошувачката и специфичниот потисок. Таков потисок не дава ниеден мотор на светот“, изјави главниот конструктор на експерименталното конструкторско биро „Љуљка“ Евгениј Марчуков.

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња