Путинови „Потемкинови села“: Експерти од САД уверени дека РФ гради лажен имиџ на хиперсонична сила

Слободан Ѓукиќ
Американските воени аналитичари и стручњаци за воздухопловна воена техника сметаат дека визуелниот приказ на најновите модели на руско ударно хиперсонично оружје е најобично телевизиско шоу за широките народни маси. Тоа пред сé се однесува на неодамнешната демонстрација на специјалната варијанта на МиГ-31К со џиновска хиперсонична ракета „Кинжал“, која според нив претставува лажен реквизит и која нема реална борбена вредност.

Кремљ ја објави намерата да опреми и втор воздухопловен полк на руското воено воздухопловство со специјалната модификација на ловецот-пресретнувач МиГ-31К, кој е во состојба да носи и употреби хиперсонични ракети „Кинжал“ од класата „воздух-вода“ и „воздух-земја“.

Во пракса ова значи дека руската армија ќе го удвои бројот на ударни воздухопловни апарати способни да ја користат во моментов најопасната воздухопловна оперативно-тактичка ракета на светот. Според пишувањето на американски сајт, тоа практично значи дека Русите наскоро на борбено дежурство ќе имаат најмалку 20 оперативни борбени летала Миг-31К, со 20 ракети „Кинжал“.

Меѓутоа, кога конкретно ќе се анализира овој случај, во САД сметаат дека појавата на ловците МиГ-31К и нивните супербрзи ракети е најобичен „блеф“ на Москва. Засега се чини дека програмата за опремување на руското воено воздухопловство со хиперсонични ракети е повеќе работа на маркетинг отколку што тоа реално ги зголемува борбените способности на руската армија. „Сите информации што ги имам во врска со ова прашање се покажаа како погрешни“, констатира Том Купер, автор и независен воздухопловен воен експерт.

Купер истакнува дека во руските извори често пронаоѓа информации каде може да се видат зборови на критика кога е во прашање развојната програма на хиперсоничната ракета „Кинжал“. „Во суштина, се работи за шоу-програма која на пошироката публика треба да ѝ го демонстрира тнр. „напредок на руското оружје“, категоричен е Купер.

Според тврдењата на американските аналитичари, двата ударни воздухопловни полка кои ќе бидат опремени со модернизираната верзија на ловецот-пресретнувач Миг-31К со ракети „Кинжал“, во пракса не спроведуваат специјална обука за увежбување на воздухопловна тактика на употреба на ракети со голема брзина, која е инаку воздухопловна верзија на аеробалистичката ракета „Искандер“ (копнен оперативно-тактички ракетен комплекс „земја-земја“ – заб. на прев.)

Речиси 8,5 метри долгата ракета „Кинжал“ може да ја погоди својата цел на растојание од 1200 милји (1930 км). Проектилот е како и кај останатите типови балистички ракети, недофатлив за современите системи за противракетна одбрана. Засега не е јасно точно колку вакви ракети успеала да произведе руската воена индустрија, но се смета дека тој број е мал. Судејќи според сé, овие ракета ќе се употребат само против исклучително важни цели на потенцијалниот непријател.

„Сметам дека ракетите „Кинжал“ се наменети за напади врз цели од голема важност, како што тоа се, на пример, центри за командување и управување со борбени операции, воени бази и, можно е, големи воени бродови (носачи на авиони)“, вели специјалистот за нуклеарно оружје од Здружението на американски научни работници со седиште во Вашингтон Хан Кристенсен.

Но, сето ова претставува бесмислено теоретско муабетење во празно, бидејќи планерите на употребата на руските воздухопловни ефективи сè уште не формирале модел за примена на хиперсоничните ракети „Кинжал“ во потенцијална војна. Истовремено, армиската команда сè уште не го усогласила процесот на одредување на комплексот цели и  поддршка при нивното пронаоѓање кои треба да ги обезбеди специјален систем формиран од повеќе разузнавачки извори. Полковите кои се опремени со модернизирани апарати Миг-31К не изведуваат програми за огнена обука кога е во прашање употребата на хиперсонични ракети „Кинжал“ врз реални вежбовни цели.

Начинот на собирање разузнавачки податоци е од пресудно значење. „Тука не станува збор само за обично истрелување на ракета. Вие морате да организирате цел напад според сите негови етапи“, вели Том Карако, аналитичар на вашингтонскиот Центарот за стратешки и меѓународни студии (Center for Strategic and International Studies).

Иако медиумите укажуваат дека извидувачките авиони Ил-20М кои се наоѓаат во состав на руското воено воздухопловство потенцијално би можеле да собираат информации за целите и тие податоци да ги доставуваат до леталата МиГ-31К кои се вооружени со „Кинжали“, тоа останува нејасно, затоа што се поставува прашањето за степенот на преживување на „елисниот“ Ил-20М во зоните каде што дејствува непријателската ПВО. Сателитите и другите технички средства за надзор и детекција на цели би можеле да ги заменат извидувачките авиони, но и во тој случај и тие имаат извесни ограничувања.

Американскиот автор смета дека првиот проблем е закачувањето на една балистичка ракета на платформа на ловецот-пресретнувач Миг-31К. Вториот проблем е да се претвори оваа комбинација во ефикасен борбен потенцијал. И третиот проблем е вака конципираното орудие дополнително да се унапреди, особено кога е во прашање воздухопловната тактика за неговата примена.

Дури и под претпоставка дека Русија развива посебна верзија на воздухопловен извидувачки апарат кој ќе има функција на поддршка на новоформираните ударни полкови опремени со специјално модернизираните ловци-пресретнувачи Миг-31К, сето тоа чини многу. Претпоставката е дека цената на опремување со ударен ракетен хиперсоничен арсенал на формација со јачина на еден воздухопловен полк достигнува 300 милиони долари, што значи дека ниту една армија на светот, вклучително и Русија, не може да ги формира во поголем број.

Токму поради оваа причина американскиот аналитичар Брајан Кларк, кој доаѓа од Центарот за стратешки и буџетски проценки во Вашингтон, е скептичен кога станува збор за масовно производство на  хиперсонично оружје. „Точно е. Треба да се очекува производство на мала количина на ова вооружување, бидејќи е мошне скапо, што значи дека ќе може да се употреби против ограничен број цели“, вели Кларк.

Значи, сфаќајќи ја комплексноста и високата цена насгенерирање реална хиперсонична ударна сила, Кремљ досега главно ги користеше „Кинжал“ и МиГ само како обични реквизити, смета американскиот автор. Леталата како Миг-31К и нивните џиновски ракети имаа истакната улога на големата Парада на Победата што се одржа во Москва во мај 2018 година.

Според Купер, супербрзите ракети се дел од Путиновото „Потемкиново село“, кое се потпира на создавање визуелно-забележливи моќни ударни системи за широките народни маси, кои во суштина се лажни. „Колку што можам да забележам во овој момент не постои ниеден сериозен план кој би можел да ја претпостави нивната воена примена“, констатира американскиот аналитичар.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња