„Роспотребнадзор“ откри кога можеме да очекуваме крај на пандемијата на коронавирус

Виктор Лисицин/Global Look Press
Академикот на Руската академија на науките, раководител на научно-истражувачкиот оддел за превенција и контрола на СИДА на Истражувачкиот институт за епидемиологија на „Роспотребнадзор“ Вадим Покровски прогнозира намалување на инциденцијата на коронавирусот следната година.

„Следната година нé очекува крај на пандемијата на коронавирус, сите ќе здивнат“, рече Покровски во интервјуто за радиото „Говорит Москва“, пренесуваат руските медиуми.

Како што рече Покровски, туберкулозата, маларијата и ХИВ-инфекцијата, кои се шират побавно, а против кои нема вакцина, нема да отидат никаде. Академикот додаде дека не треба да се плашиме од епидемија на чума, со оглед на тоа дека начинот на лекување на таа инфекција е познат и едноставен, а нејзиното пренесување го следат стручњаците.

„Во Русија и околните земји имаме посебни станици против чума кои се занимаваат со тоа“, објасни тој. Научникот нагласи дека чумата е излечива во целост.

„Мислам дека до крајот на годината кај сите ќе се зголеми оптимизмот и ќе се подобри расположението, економската ситуација ќе се подобри“, заклучи Покровски.

Пандемијата на коронавирус го зафати речиси целиот свет. Според податоците на СЗО, во светот вкупно има повеќе од 81 милион заразени. Повеќето случаи се забележани во САД, Индија и Бразил, а истите земји се и водечки според бројот на жртви.  

Според бројот на заразени Русија го зазема четвртото место на светот. Од пролетта во земјата се забележани повеќе од три милиони случаи на зараза со коронавирус, вклучувајќи 2,4 милиони луѓе кои оздравеа и повеќе од 54 илјади мртви.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња