Каква униформа поседува рускиот војник од почетокот на третата деценија на 21 век

Vitaly V. Kuzmin/vitalykuzmin.net
Борбената униформа „Ратник“ ќе му обезбеди на рускиот војник зачувување на целосната борбена подготвеност во екстремни временски услови, и истовремено ќе ја намали можноста за детекција од страна на непријателските средства за извидување.

Борбената униформа на војникот на руската армија го носи називот „Ратник“. Таа е наменета за употреба на пошумен терен, како и на класичен фронт во борбата против непријателот.

Целиот систем борбено-тактички комплет на униформата „Ратник“ е составен од пет компоненти:

  • компонента за уништување на непријателот (основно вооружување, муниција);
  • компонента за откривање на непријателот и за нишанење;
  • компонента за балистичка заштита (шлем, тактички елек со панцир);
  • компонента за поддршка (униформа и елементи кои му овозможуваат на војникот да преживее на бојното поле);
  • компонента за врска.

Секоја од овие компоненти може да се раздвои на посебни елементи кои во понатамошниот текст ќе ги претставиме посебно.

Униформа

Таа е направена од нов вид ткаенина која е зајакната со арамидни влакна, што му овозможува на војникот употреба во практично сите услови на експлоатација.

„Таа е исклучително отпорна на абење (може долго време да се ползи по земја, ткаенината нема да се оштети). Благодарение на овие материјали зголемена е отпорноста и нејзиното истегнување. Таа може да издржи оптоварување од дури 300 килограми, а да не се скине. Исто така ткаенината не пропушта вода и благодарение на напредната примена на камуфлажни бои војникот се „претопува“ со околината, со напомена дека не го покрива во инфрацрвен спектар“, вели за Russia Beyond извор од военоиндустрискиот комплекс кој сакаше да остане анонимен.

Според него, ткаенината на униформата „Ратник“ е водоотпорна. Најотпорен дел на овој комплет се ракавиците кои можат да се намократ со запалива смеса и да се запалат. Исто така, од две парчиња ткаенина на униформата може да се сошие „џеб“ кој може да се навлече преку раката, и слободно да се стави над оган. Рацете нема да претрпат никакви изгореници.

„Секако дека ако ја полиете униформата со бензин и потоа ја запалите, таа ќе се уништи. Но, нејзиното изложување на директен пламен од некои 30 секунди нема да доведе до оштетувања“, вели експертот.

Сите системи во рамките на борбено-тактичката униформа „Ратник“ се проверени во екстремни услови на експлоатација (на вода, по удари, под притисок), така што нивната функција ги задоволува сите стандардни војници кои учествуваат во модерната војна.

Вооружување во состав на униформата „Ратник“

Во комплетот на униформата има нож кој е изработен според моделот на „швајцарски ножеви“ со повеќе корисни додатоци (нож, секира, клешти...) кои се прилагодени за употреба во воени услови (авторот сака да каже дека ножот е мошне поцврст и поотпорен од класичните видови кои можат да се најдат во слободна продажба).

Основното вооружување е составено од автоматска пушка од новата генерација АК-12. Новата пушка го има задржано квалитетот и сигурноста на оружјето што го произведува АК, додека истовремено значително е зголемена неговата ергономија за време на манипулацијата. Секој војник може по своја мера да го модификува личното вооружување. Благодарение на избалансираната употреба на шините Пикатини кои се монтирани на оружјето, стрелецот може да инсталира различни видови нишани кои му овозможуваат прецизност од најнеудобните можни позиции на високи температури кои се чести на фронтот.

Кога станува збор за балистичката заштита, шлемот што се наоѓа во состав на делот на комплетот „Ратник“ може да издржи пиштолски куршум со калибар од 9х18 милиметри (Макаров) и 9х19 милиметри (Јаригин, ЦЗ-99, Глок 17), како и заштита на главата на војникот од експлозивни шрапнели кои можат да летаат и до 500 метри во секунда.

„Балистичките очила исто така можат да задржат пиштолски куршум од калибрите што ги наведовме. Панцирната плоча која се наоѓа во тактичкиот елек му обезбедува на неговиот корисник заштита од сите видови погодоци со зрно со калибар од 7.62х54 милиметри, кои како пример, ги користи снајперската пушка СВД“, вели неименуваниот извор од военоиндустрискиот комплекс.

Електронски компоненти во рамките на униформата „Ратник“

Во комплетот на борбено-тактичкиот комплекс „Ратник“ влегува бинокл со нишански уред, далномер, фотоапарат и друга комуникациска опрема која има за задача во реално време по пат на затворена врска да остварува комуникација меѓу сите припадници кои се наоѓаат во рамките на пешадискиот оддел.

„Целата оваа опрема е исто така водоотпорна. Војникот може целиот да влезе во вода (за време на форсирање на реки или поморски десант) и да не се грижи дека ќе откажат електронските уреди во рамките на комплетот 'Ратник'“, заклучува на крајот за Russia Beyond неименуваниот извор од руската воена индустрија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња