Русија работи на „летечки беспилотен радар“ за зголемување на ПВО-ефикасноста против дронови

Слободан Ѓукиќ
Работата над новиот комплекс е иницирана од резултатите на анализата од последните воени конфликти, која покажа значително зголемување на учеството на ударните беспилотни летала. Перспективниот комплекс ќе биде направен врз основа на веќе постоечки решенија, поради што неговиот период на развој ќе биде значително пократок. Освен што ќе открива непријателски дронови на големи растојанија, новиот комплекс ќе има способност за наведување на ПВО-единиците при дејство врз нив.

Руската воена индустрија започна со развој на нов комплекс за далекуметно радарско откривање и наведување на единиците за ПВО врз база на беспилотно летало од хеликоптерски тип, велат за веб-порталот РИА „Новости“ извори кои доаѓаат од военоиндустрискиот комплекс.

„Од ноември започнавме со проект за развој на беспилотен хеликоптер за далекуметно радарско откривање на минијатурни и бавни беспилотни летала, кои се движат на мали и екстремно мали висини. Овој хеликоптер ќе обезбеди и наведување на ракетните ПВО-системи со цел борба против вакви цели“, изјави соговорникот на оваа медиумска куќа.

Неименуван извор додаде дека работата над овој комплекс е „иницирана од резултатите на анализата од последните воени конфликти, која покажа значително зголемување на учеството на ударните беспилотни летала“. Според него, перспективниот комплекс ќе биде направен врз основа на веќе постоечки решенија, поради што неговиот период на развој ќе биде значително пократок.

Во моментов руската армија се потпира на извидувачки беспилотни летала како „Орлан-10“, „Леер“ и други. Што се однесува до развојот на ударно-извидувачки варијанти на беспилотни летала, над нив работи групата „Кронштат“ (моделот „Орион“ е првиот сериски договор потпишан во 2020 година) и КБ „Луч“ со своето летало „Корсар“, каде што засега нема соодветен договор со руското Министерство за одбрана. Покрај тоа, се претпоставува дека руската армија располага и со непозната количина на малогабаритни дорнови-камикаѕе „Куб“ и „Ланцет“.

Што се однесува до класата на тешки ударни беспилотни летала, и покрај подолгиот временски интервал откако беше објавено дека се работи на слични проекти, сè уште немаме комплетиран примерок на оружје од овој тип. Најпознатиот домашен проект на беспилотно летало од оваа класа е секако С-70 „Охотник“ (проект на компанијата „Сухој“) со маса од 20 тони, над кој во последно време се работи најсериозно. Тука е уште и перспективниот проект ударен дрон со голема брзина кој ја носи ознаката „Гром“ (производител: група „Кроштат“) со маса од 7 тони, како и перспективниот проект на извидувачко беспилотно летало со голем долет „Алтиус“ (производител: Уралската фабрика за цивилна авијација) со маса од 5 тони.

За време на последниот воен конфликт на подрачјето на Нагорно Карабах, кој траеше во временска рамка септември-октомври, беше регистрирана зголемена употреба на разни видови беспилотни летала, во вид на извидувачки апарати, кои учествуваа во мисии за откривање и обележување зафатени цели, потоа ударно-извидувачки беспилотни апарати, како и на дронови-камикаѕе (тнр. лојтеринг муниција). Поради оваа изразена специфичност која беше карактеристична за овие борбени дејствија (азербејџанската војска), овој судир во медиумската сфера беше наречен „војна на дронови“.

Последниве години, ударни беспилотни летала, како и дронови-камикаѕе, активно се применуваат и во другите региони на светот. Така, терористите во Сирија повеќепати се обидоа да ја нападнат руската воздухопловна база „Хмејмим“ со помош на импровизирани летала, кои руската ПВО успешно ги уништуваше. Во септември 2019 година, Саудиска Арабија изгуби милиони барели сурова нафта по нападот од дронови врз наоѓалиштето Хураис. Тогаш поради нападот на неколку десетици беспилотни летала беше предизвикана голема материјална штета на нафтените постројки, што доведе до намалување на експлоатацијата на нафта во наредните две недели за 2 пати.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња