„За следната година да се постигнат овие показатели, две третини од воениот буџет ќе се употребува за набавка на вооружување. Планирана е набавка на над 3.400 единици нова и ремонт на 1.300 единици воена техника од основните модели“, изјави рускиот министер на седницата на колегиумот на руското Министерство за одбрана, а пренесува рускиот Интернет-портал ТАСС.
Рускиот министер додаде дека во тек е подготовката на тендерската документација и нацртот на државните договори со главните извршители на оваа работа (военоиндустрискиот комплекс) кои е предвидено да се реализираат во назначениот временски период (декември 2021 година). Покрај тоа, потпишани се и договори кои ќе стапат на сила веднаш по нивното одобрување од соодветните владини органи. Според рускиот министер за следната година ќе „обезбедат балансирана модернизација на руската армија со современи видови борбена техника“. Тој понатаму додaде дека „модернизацијата на оперативните единици на руската армија со нови примероци современа борбена техника на почетокот на 2022 година ќе го достигне нивото од 71%“, што е во согласност со предвидената динамика за опремување на руската армија во тековната деценија.
Министерот Шојгу се осврна и на опремувањето на руските воздушно-десантни единици. Тој стави посебен акцент на единиците од овој род од војската кои се формирани на современи основи, а кои се радикално помобилни во однос на претходниот период. Исто така, значително е зголемена и нивната огнена моќ, и тоа за отприлика 20%“, истакна рускиот министер.
Министерот додаде дека во рамките на експериментот за формирање воздушно-десантни единици од нов тип реализирани се блок тестирања кои се однесуваат на изградбата на нови тактички способности на овие единици за извршување борбени задачи од десантно-офанзивен тип со масовна употреба на средства за вертикален транспорт (аеромобилна компонента) во услови на водење современа војна.
Резултатот од овој експеримент, според министерот, ја покажа сета неопходност од формирање воздушно-десантни единици од нов тип, но и „неопходност од понатамошно усовршување на теоријата и на практиката за примена на родот на воздушно-десантна војска како основна мобилна компонента на руската армија.
Руските министерства за одбрана, за финансии и за индустрија осмислија ефикасен начин за постојано одржување на темпото на испорака на современа воена техника, со цел надминување на негативното влијание на глобалната пандемија со коронавирусот врз рускиот военоиндустриски комплекс која вклучува непланирани расходи во буџетот за периодот од 2021 до 2023 година. „За постигнување на неопходното ниво на опремување на руската армија Министерството за одбрана во координација со министерствата за финансии и за индустрија разработи програма за финансирање на државните договори преку привлекување целни заеми со обезбеден период на отплата од 2024 до 2027 година“, изјави Шојгу, зборувајќи за плановите за опремување на руската армија во следната годија, како и за проекциите за 2022 и за 2023 година.
„Ова ќе го овозможи планираниот обем на испорака на вооружувањето, на воената и на специјалната техника, а исто така ќе обезбеди задржување на темпото на работа на военоиндустрискиот комплекс во периодот додека трае епидемијата со коронавирусот, да го исклучи порастот на цената на државните договори со што ќе се спречат непланирани дополнителни расходи во федералниот буџет“, рече министерот.
Тој истакна дека руското Министерство за одбрана и следната година ќе продолжи постепено да го зголемува обемот на набавка на современо вооружување и воена техника, како и на проектите за ремонт и за модернизација на постојната техника.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче