ЕЛИТА: Кои се падобранците од Уљјановск кои се десантирани во Нагорно Карабах?

Владимир Смирнов/TASS
Во мировната операција што ќе биде реализирана на територијата на Нагорно Карабах, а кој ја договорија лидерите на Русија, на Азербејџан и на Ерменија ќе учествува одбранбениот состав на елитната воздушно-десантна армија со две илјади луѓе. За каков специјализиран состав станува збор, какво вооружување и современа борбена техника поседува тој? Поопширно во текстот што следува.

31 гардиска самостојна десантно-офанзивна бригада е составена од професионални војници. Овој состав на руската армија ја помина специјалистичката обука кога станува збор за реализација на мировни операции во состав на колективните сили на безбедноста. Секој војник кој е припадник на оваа бригада има обврска да го познава англискиот јазик – пренесува Интернет-порталот „Московски комсомолец“.

Во претходниот временски период бригадата доби задача своите активности да ги насочи кон образување на посебна тактичка група која ќе има функција организација и спроведување мировни операции во подрачјата зафатени со војната. Во врска со тоа реализирани се и бројни вежби со оваа тема на воениот полигон Поливно кој се наоѓа во непосредна близина на Уљјановск.

Сценариото на овие вежби главно се состои од вежбање различни модалитети на употреба на воздушно-десантните единици на руската армија во зоната на изведување на мировната операција во која активно дејствуваат незаконски вооружени формации. Овој комплекс на проверки се состоеше од вежбање тактички принципи за време на одбраната на контролните пунктови и набљудувачници, испораката на хуманитарната помош, ликвидацијата на блокираните непријателски сили, како и организација на делењето хуманитарна помош во бегалските кампови. Покрај тоа, единиците на оваа бригада кои се определени да дејствуваат во рамките на мировните сили реализираа вежба со боево гаѓање каде е симулирана борба со незаконски вооружени формации во зоната на одговорностите на оваа бригада. Во таа пригода применети се и средства за борбена техника како што се десантните борбени возила БМД-4М и оклопните транспортери БТР-МДМ „Ракушка“.

Воздушно-десантната бригада која е позната како „Уљјановска“ опремена е со најсовремено вооружување и со борбена техника, како и со индивидуална тактичка опрема која е наменета за вооружување на нејзините припадници. Пред неколку години овој специфичен состав на руската армија меѓу првите доби комплети униформи од новата генерација 6Б52 „Ратник“. Кога станува збор за оклопните возила бригадата усвои нови десантни борбени возила БМД-4М како и десантни оклопни транспортери БТР-МДМ „Ракушка“. Оваа техника има способност за десантирање со падобрани од воздухот (воено-транспортни авиони Ил-76).

Конкретно, станува збор за падобранско-бесплатформските системи ПБС-950У и ПБС-955 кои се специјализирани за авионско десантирање на оклопна борбена техника. Со помош на овие системи од воздух може да се десантираат оклопни борбени средства БМД-4М и БТР-МДМ „Ракушка“ со комплетниот екипаж кој се наоѓа во нив. Падобранските системи ПБС-950У и ПБС-955 се развиени во рамките на опитно-конструкторскиот проект „Бахча-У-ПДС“. Тие ќе овозможат ефикасно десантирање на оклопните борбени возила БМД-4М и БТР0МДМ „Ракушка“, во сите климатски услови, од сите верзии воено-транспортни авиони кои се развиени на база на Ил-76.

Основната огнена поддршка кога станува збор за оклопната борбена техника падобранците ќе ја имаат во возилото БМД-4М кој претставува современо дизајнирана борбена платформа со исклучителна огнена моќ која не е карактеристична за поголемиот број борбени оклопни возила. Оваа платформа е мошне проодна, брза, може да совладува водени препреки и може да се десантира од воздух. Возилото настана како резултат на соработката помеѓу конструкторските инженери и припадниците на ВДВ кои предложија некои свои идеи со цел возилото да стане што пофункционално во падобранските единици. Претпоставка е дека бригадата од Уљјановск поседува два десантни состави од рангот баталјон кои се во целост опремени со овие средства.

Ова возило е способно да води успешна борба против сите современи тенкови кои денес се наоѓаат во оперативна употреба, на оддалеченост и до 5.5 километри. Ова му го овозможуваат противтенковските ракети 9М117М1-3 „Аркан“ кои се исфрлаат од топ 2А70 со калибар од 100 милиметри, а чиј тандем кумулативна боева глава (9Н136М) може да пробие 700-750 милиметри оклоп заштитен со динамичка заштита. Исто така, ова возило може да уништува непријателска жива сила и леснооклопени борбени средства на оддалеченост и до 7 километри. Покрај гореспоменатите противтенковски ракети 9М117М1-3 „Аркан“, во борбениот комплет БМД-4М се наоѓаат и фугасни гранати кои овозможуваат ефикасно уништување на живата сила на непријателот на тие далечини. Вкупниот борбен комплет за топот 2А70 изнесува 34 гранати + 4 птрк 9М117М1-3 „Аркан“. Не треба да не се има на ум дека покрај основниот топ 2А70, ова возило е вооружено и со брзострелен топ 2А72 со калибар од 30 милиметри (б/к 400 гранати), како и со митралез ПКТМ со калибар од 7.62 милиметри (б/к околу 2.000 куршуми).

Кога станува збор за транспортната функција на рускиот контингент мировните сили ќе се користи нови повеќенаменски десантни оклопни возила БТР-МД „Ракушка“. Овој „гасеничар“ е произведен во Волгоградскиот тракторски завод. Возилото е тешко 13.2 тони и е вооружено со два митралези. Екипажот е составен од два члена, а може да транспортира десантна група од тринаесет војници.

Исто така тука се наоѓаат и неколку десантни борбени оклопни транспортни возила БТР-82А. Ова средство претставува длабока модификација на оклопниот транспортер БТР-80. Опитните модели на ова возило се направени во 2009 година. Четири години подоцна, оклопниот транспортер беше усвоен во вооружувањето на руската армија. Масата на возилото изнесува 15.400 килограми. Овој транспортер може да превезува до 10 војници со целосна борбена опрема. Опремен е со дизел-мотор кој генерира 300 коњски сили. Благодарение на ова, но и на потпирањето на тркалата, БТР-82А на патот може да постигне и до 100 километри на час. За време на совладувањето на водните препреки „осумдесет двојката“ плови со брзина до 9 километри на час. Со полн резервоар овој оклопен транспортер може да совлада пат во должина од 600 километри. Вооружен е со автоматски топ 2А72 со калибар од 30 милиметри на кој е поставен митралез со калибар од 7.62 милиметри. Максималната брзина на испукувањето што ја остварува овој топ е околу 300 гранати во минути. Енергијата на гранатата овозможува ефикасна борба против живата сила на непријателот на оддалеченост и до 4.000 метри, како и леснооклопена борбена техника до 2.000 метри. Панцирната поткалибарска граната „Кернер“ со калибар 30х165 милиметри може да пробие хомогена челична плоча со дебелина од 30 милиметри која се наоѓа под агол од 60 степени на оддалеченост од 1.000 метри. Модернизираните варијанти на овој транспортер (БТР-82АТ) можат да бидат вооружени и со противтенковските водечки ракети „Корнет“.

Рускиот мировен контингент за заштита на пешадијата и на борбената техника од минско-експлозивни средства ќе користи повеќенаменски комплекс за радиоелектронска борба РБ-531Б „Инфауна“. Конкретно, ова возило е опремено со таков тип опрема, која може да оневозможи далечинско активирање на минско-експлозивни средства, но и водено борбено оружје. Едноставно, со активација на овој систем на определен сектор на боиштето, доаѓа до блокирање во распростирањето на радиобрановите кои се користат за комуникација, но и за управување/активација на борбени и експлозивни средства. Покрај тоа, благодарение на мошне чувствителните радиосензори, како и софтверот кој е интегриран во ова возило, овој систем, на пример, може да го детектира точното место каде непријателот употребува уреди за комуникација и да го проследи до офанзивните групи на јуришната авијација или на најблиските огнени позиции на кои се наоѓаат артилериско-ракетните борбени средства.

„Инфауна“ е употреблива за време на обезбедувањето на преминот и на напредувањето на оклопно-механизираните, моторизираните и пешадиските борбени колони од рангот на баталјон низ делот од територијата кој уште не е во целост исчистен од непријателот. Неговата основна функција е да ги открие и да ги блокира изворите кои испуштаат радиобранови, како и непријателските диверзантско-терористички групи, кои сигурно на главните правци на офанзивата ќе организираат постојани заседи. Во случајот на ВДВ (Воздушно-десантна војска) на која ова специјализирано возило ѝ е наменето, веднаш по формирањето на офанзивната оклопно-механизирана колона полна со падобранци, „Инфауна“ има за задача брзо да ја активира својата антена за попречување, и на целиот нејзин пат да формира „непробојно поле“ за секој облик на непријателска радиокомуникација и радиоуправување. Покрај тоа, овој систем има задача во случај на детекција на напад на падобранската колона, активира значаен број димни бомби за создавање димна завеса.

Во вооружувањето на специјалната руска група која ќе обезбеди прекинување на непријателството на територијата на Нагорно Карабах ќе се наоѓаат и тактичките извидувачки беспилотни летала „Орлан-10“. Ова летало е производ на руската компанија „Специјален технолошки центар“. Нејзина основна намена е воздушно набљудување на тактичниот борбен простор во радиус од 50 до 120 километри. Интегрален дел е на специјалниот систем за врска „ЕСУ ТЗ“ кој работи на принципите на мрежноцентричното војување, а кој во реално време ги обединува речиси сите фактори кои учествуваат на боиштето. „Орлан“ ја имаше својата борбена премиера во Сирија. Врз основа на практичните искуства, руските конструктори го модернизираа ова летало, опремувајќи го со 12 камери со висока резолуција, што овозможува тридимензионално мапирање на боиштето. Покрај овие модификации, специјалистите од оваа компанија во соработка со колегите од холдингот „Роселектроника“ направија мобилен управувачки пункт кој овозможува истовремено управување со три независни беспилотни летала „Орлан“ на оддалеченост и до 100 километри.

Накусо за бригадата

31 гардиска самостојна десантно-јуришна бригада се наоѓа во составот на Воздушно-десантната војска на руската армија. Нејзиното седиште е во градот Уљјановск. Создадена е врз база на 104 гардиска воздушно-десантна дивизија која во 1998 година е преформирана во бригада. Има учествувано во борбени операции на руската војска на просторот на Кавказ (Република Чеченија), како и за време на интервенцијата во Јужна Осетија во август 2008 година кога учествуваше со една баталјонско-тактичка борбена група. Во определени медиуми е регистрирано нејзино присуство и во Сирија, но тоа не е официјално потврдено. Спаѓа во една од најквалитетните единици во состав на руската армија. Врз база на неа се разгледува можноста за повторно формирање на 104 гардиска десантно-офанзивна дивизија која би била пополнета со три падобрански полка.

Формацискиот состав на бригадата се состои од команда и приштапски делови, еден падобрански баталјон, два десантно-офанзивни баталјони, еден артилериски дивизион, една чета за материјално-техничко обезбедување, една ескадрила на воено-транспортната авијација и чета инженери. Вкупната сила на овој состав е проценета на 3.500 војници и офицери. Комплетната единица е составена од професионален воен кадар.

Руската врховна команда посвети особено внимание на техничкото унапредување на оваа бригада, особено кога станува збор за најновите борбени и транспортни оклопни средства, кои се наменети за изведување падобрански десант. Имено, на 28 април 2017 година во кругот на касарната во Уљјановск, која инаку е дом на оваа бригада, одржана е свечена церемонија на примопредавање на баталјонскиот комплет кој беше составен од 50 единици БМД-4М и БТР-МДМ „Ракушка“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња