На интернет се појави фотографија од руски ракетен ПВО-систем 9А331 „Тор-М1“, кој се наоѓа во арсеналот на грчката армија. Според информации од различни извори, грчката армија во рамките на Копнените сили располага со 21 единица на самоодниот противвоздушен ракетен систем со краток дострел 9А331„Тор-М1“, додека уште четири од овие системи се наоѓаат во рамките на класичните ПВО-единици. Според тврдењата на воено-политичкиот институтот Military Balance, грчкото Министерство за одбрана има во план да набави дополнителни 18 единици од овој систем за пополнување на единиците за противвоздушна одбрана на грчката армија.
Самоходни ракетни ПВО систем кратког домета 9А331 „Тор-М1“ у саставу грчке армије pic.twitter.com/X47ZCqetCU
— Marsonline Борбени Ефективи (@gvozdenavolja) November 3, 2020
Познато е ривалството на линијата Анкара-Атина кога станува збор за вооружените сили на обете земји, кои инаку се членки на НАТО алијансата. Во последно време Турција значително ја зајакнува својата армија откако нејзината воена индустрија успеа да направи сериозен исчекор во високотехнолошката сфера, особено кога станува збор за комплетирање на разни видови беспилотни летала, од кои најпознат е фамозниот „Бајрактар“. Последните борбени операции во Либија, но и во Нагорно Карабах, каде војува Азербејџан, кој е голем купувач на турско модерно оружје, покажуваат дека Турците располагаат со многу корисни беспилотни летала што вршат извидувачки и ударни борбени дејствија. Во врска со ова, Атина е заинтересирана за набавка на воздухоплови кои можат ефикасно да се спротивстават на масовната употреба на беспилотни летала кои секако би биле применети од страна на турската армија во хипотетички вооружен конфликт, но и на ефикасни противвоздушни системи специјализирани за борба против овие минијатурни и пред сé опасни „натрапници“. Бидејќи Анкара скоро го набави рускиот ПВО/ПРО-систем С-400 „Триумф“ со долг дострел, Атина веќе започна со постапката за набавка на американски повеќенаменски ловци-бомбардери од петтата генерација Ф-35А (најмалку 2 ескадрили со вкупно 20 авиони).
Ракетниот ПВО-систем со краток дострел 9А331 „Тор-М1“ претставува пакет модернизација на основната верзија на системот. Таа е усвоена кон крајот на 80-тите години на минатиот век (1989 година). Од 1991 година системите кои го имаа овој стандард почнаа да се усвојуваат во оперативното вооружување на руската армија. Што се однесува до пакетот М1, тој подразбираше унапредување на системот за управување со огнот (двоканален режим на работа), како и вградување на посилна боева глава во ПА-ракетите 9М331. Подобрена е ефикасноста на системот за борба против маневрирачки цели кои летаат на мала висина, а се појави и можност за остварување функционална врска со батерискиот команден пункт 9С737 „Ранжир“. Системот доби и способност за побрза реакција, поточно му беше потребно помалку време за детекција на воздушна цел, нејзино зафаќање и лансирање на ракета.
Сериозни промени претрпе и внатрешната архитектура на средството. Борбениот екипаж е намален на три члена (командир, оператор и возач). Радарската станица ја зголеми толеранцијата на електронско попречување, а за препознавање на вистинска од лажна цел се задолжени специјални алгоритми.
Новите ракети 9М331 имаа способност да маневрираат под оптоварување од 30 g. Овие ракети можеа да ги соборат сите воздушни цели кои изведуваат маневри под оптоварување до 12 g. Ракетите се сместени во вертикални транспортно-лансирни контејнери 9Я281. Ефективниот хоризонтален дострел на ракетата изнесуваше 12,5 км. Системот со голема ефикасност може да соборува цел спектар воздушни цели. Најголемата веројатност за успешно соборување се однесува на борбените авиони и хеликоптерите, како и на крстосувачките ракети.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче