Зашеметува: „Економист“ ја оцени модернизацијата на руската армија

„Торнадо-С“

„Торнадо-С“

Александар Галперин/Sputnik
Изданието „Економист“ (The Economist) објави статија, насловена како „Руската армија зашеметува по една деценија реформи“.

На почетокот авторот потсетува дека по распадот на Советскиот Сојуз руските вооружени сили беа во жална состојба. Но, во средината на 2000-тите години започна нивниот препород. Од 2005 до 2018 година, инвестициите во рускиот одбранбен комплекс се удвоија, пишува „Росијскаја газета“.

Значителен дел од средствата беа искористени за опремување на армијата. Во текот на изминатите десет години во Русија се произведени 600 нови авиони, 840 хеликоптери и 2300 беспилотни летала. Според Џулијан Купер од Универзитетот во Бирмингем, рускиот возен парк од оклопни возила е обновен за 27%, а воздухопловните сили на земјата се состојат од 71% модерни авиони и хеликоптери.

Најзначајните инвестиции се направени во високопрецизното оружје: ракетните системи „Искандер“, крстосувачките ракети со поморско базирање „Калибар“ и со воздушно базирање Х-101.

Руската армија не само што е добро вооружена, туку е и поподвижна. Во написот се сугерира дека Вооружените сили на РФ се способни за 30 дена да испратат 100000 војници заедно со тешка опрема на секое кое било жариште во Европа. А да се стават околу пет илјади руски падобранци во полна борбена готовност, ќе бидат потребни само неколку часа.

Шефот на британското воено разузнавање, генерал-потполковник Џим Хокенхол, забележува дека руската армија „ја замени масовноста за брзина“.

Големите воени вежби им овозможуваат на војниците секогаш да бидат во форма. На последните - „Кавказ-2020“ - присуствуваа 80000 војници. Покрај тоа, Вооружените сили на РФ имаат уште една предност - реално борбено искуство во Сирија. Тие успеаја таму да го испробаат високопрецизното оружје во пракса, да разработат средства за заштита од беспилотни летала и да користат свои беспилотни летала.

Во написот не се занемарува развојот на руското нуклеарно оружје, како и создавањето на „сензационални видови оружје“. Станува збор за хиперсоничниот боев блок „Авангард“, нуклеарното торпедо „Посејдон“ и ракетата на нуклеарен погон „Буревесник“.

Како заклучок, авторот забележува дека аналитичарите на НАТО ги потценуваат можностите на модернизираната руска армија.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња