Експерти од САД: Рускиот ловец-пресретнувач од 6 генерација ПАК ДП ќе ги промени правилата на игра?

Според американските воени аналитичари, руските конструктори од корпорацијата „МиГ“ работат на развој на ловец-пресретнувач ПАК ДП, кој ќе може да постигне брзина дури 5 пати поголема од брзината на звукот. Тоа ќе биде летало што ќе има специјални видови ракетно оружје со долг дострел (тнр. ракети-пресретнувачи) кои ќе имаат способност да се одвојат за време на својот лет на неколку парцијални сегменти кои групно ќе соборуваат хиперсонични проектили, вклучувајќи ја и платформата што го носи.

Овој авион во последно време се означува како невидлив пресретнувач од шестата генерација или ПАК ДП (за него се употребува и ознаката МиГ-41), за кој се смета дека ќе биде беспилотен. Се работи за наследникот на советскиот ловец пресретнувач Миг-31, кој беше произведен во голем број единици (според кодификацијата на НАТО - Foxhound). Генералниот директор на корпорацијата „Микојан Гуревич“ Илја Тарасенко во разговор со руските новинари изјави дека работата над авионот МиГ-41 преминала во „експериментална фаза“ и додаде дека комплетниот развоен циклус на леталото ПАК ПП ќе трае околу десет години. Се разбира, завршувањето на работите не е исто што и сериско производство и воведување во вооружувањето, така што точната количина на експериментални ловци-пресретнувачи ПАК ДП што ќе ги произведе корпорацијата „МиГ“ засега не е позната, пренесува веб-порталот inosmi.ru.

Според достапните информации, работата над проектот на перспективниот ловец-пресретнувач од следната генерација е завршена минатата година. Илја Тарасенко рече дека авионот ќе биде направен според концептот на оперативниот ловец МиГ-31, кој се модернизира на стандардот БМ и се воведува во оперативно дежурство на руската армија. Патем, модернизираниот ловец-пресретнувач МиГ-31БМ (Foxhound според кодификацијата на НАТО) е наменет за пресретнување воздушни цели на големи дистанци кои според борбениот радиус се недостапни за класичните ловци. Борбените апарати од овој тип се способни да решаваат задачи во услови кои ги диктираат современите облици на управување со борбените дејствија, како што е мрежноцентричниот облик на комуникација со практично сите учесници во борбата. МиГ-31БМ е опремен со радарска станица која има високочувствителна фазна антенска решетка (ФАР) „Заслон-М“ која има опсег и до 320 километри. Новиот офанзивно-навигациски систем овозможува истовремено следење на 24 цели, од кои компјутерот или операторот ги избира најопасните и го насочува огнот кон нив. Еден МиГ-31БМ сега може наместо четири да гаѓа и до осум различни цели. За овој авион е развиена и ракетата со голем дострел Р-37 која има оперативен дострел од дури 300+ километри. Оваа ракета нема апсолутно  никаква конкуренција во светот (американската ракета воздух-воздух со најголем дострел AIM-47 „Falcon“ има максимален дострел од 210 километри).

Со вакво вооружување МиГ-31БМ може да пресретнува балистички и крстосувачки ракети, а исто така и да уништува непријателски сателити кои оперираат во блиската Земјина орбита (проект на противсателитска ракета со кинетичка боева глава 79М6 „Контакт“). Борбена патрола составена од четири авиони МиГ-31БМ може да покрие простор од околу 380 илјади метри квадратни (Република Македонија има површина од 25713 километри). Покрај ракетата Р-37 тука се и нешто постарите ракети Р-33 со дострел од 160 километри на час, како и ракетите Р-73 со мал дострел кои се особено ефикасни во услови на догфајт. Димензиите на овој авион се особено импресивни. Има должина од речиси 22 метри, максималната полетна маса достигнува 46,2 тони. Подобрената погонска група, која се состои од двопроточни турбомлазни мотори Д-30Ф6 овозможуваат авионот со маса од речиси 46 тони да ги достигне границите на хиперсоничната брзина (максималната брзина на Миг-31 изнесува 3000 км/час). Горната граница на летање е 20600 метри. Оперативниот долет на леталото, кое е вооружено со четири ракети Р-37 / Р-33 со два поткрилни резервоари за гориво изнесува 3000 км. Авионот има способност да дополнува гориво во воздух (авион-цистерна).

Благодарение на употребата на новата технологија која е применета при развојот на рускиот ловец од петтата генерација Су-57, новиот авион значително ќе го надмине својот претходник кога станува збор за летечко-техничките карактеристики на леталото. Ако МиГ-31БМ е способен да оствари брзина од 2,8 Маха, додека неговата крстосувачка брзина е околу 2,3 Маха, проектираните параметри на пресретнувачот од нова генерација се такви што неговата максимална брзина ќе биде во опсег од 4,0-4,3 Маха, а брзината на крстосување не помала од 3 Маха. Меѓутоа, руските експерти сметаат дека новиот авион ќе може да достигне вртоглави брзини поголеми од 5 Маха.

Покрај супериорните брзински способности, МиГ-41 ќе може да оствари рекордно високи вредности на висина на летот, меѓутоа засега нема познати поконкретни бројки во однос на ова прашање. Многубројни руски воени коментатори активно дебатираат дали МиГ-41 ќе може да стигне до зоната на поблиската вселена. Овие шпекулации ги прекина првиот човек на корпорацијата „МиГ“, кој своевремено за интернет порталот РИА „Новости“ изјави дека ПАК ДП ќе може да дејствува и во вселенското пространство.

Неодамна се појави информација дека корпорацијата „МиГ“ работи на беспилотна верзија на ловецот-пресретнувач ПАК ДП, но оправдано се поставува прашањето дали ваквиот концепт ќе биде изводлив во блиска иднина. Во разговор со новинар на веб-порталот „Национален интерес“ (The National Interest) американскиот воен експерт Семјуел Бендет рече дека „конверзијата на современите борбени летала со екипаж во беспилотни летала бара значителен напредок кога се во прашање нови технологии и ресурси, кои во моментов претставуваат проблем за Русија, особено поради причината што трансферот на оваа технологија најмногу се експлоатира од развојот на беспилотни летала“.

Сè уште не е јасно какво вооружување ќе користи перспективниот руски ловец-пресретнувач ПАК ДП. Генерал Виктор Бондарев, кој беше командант на Воздушно-космичките сили на руската армија, во едно интервју изјави дека МиГ-41 ќе ги користи ракетите со долг дострел од класата „воздух-воздух“ Р-37 и дека неговиот арсенал ќе биде надополнет со перспективната програма за ракетно вооружување која е сè уште во развој. Работата над развој на ракетата со долг дострел Р-37 започна во 80-тите години од минатиот век, за во својот конечен облик да биде претставена минатата година, по долга пауза во научно-истражувачката и опитно-конструкторската работа. Првите варијанти на оваа ракета до сериското производство на перспективниот ловец-пресретнувач Миг-41ќе станат застарено ракетно вооружување. Модернизираниот модел на оваа ракета Р-37М, кој има способност да лета со хиперсонична брзина, во овој момент е сè уште во фаза на развој, а прашање е дали ќе биде компатибилен со перспективниот ловец МиГ-41.

Според информациите на весникот „Газета“, МиГ-41 ќе добие „мултифункционален ракетен комплекс за пресретнување на големи далечини, кој ќе може да соборува хиперсонични проектили“ со помош на неколку одвоени боеви глави. Овој концепт, објавен од „Газета“, изгледа многу едноставно: по детекцијата на непријателски воздушен објект кој се движи со хиперсонична брзина со помош на копнените радарски станици, ловците-пресретнувачи МиГ-41 лансираат ракета-пресретнувач со долг дострел. За време на летот на оваа ракета, таа се дели на неколку одвоиви единици со самостојни боеви глави, кои групно ја напаѓаат зафатената цел. Рускиот воен експерт Дмитриј Корнев смета дека овој систем ќе биде употреблив и за уништување на платформи кои лансираат хиперсонични ракети. Системот за пресретнување на ловецот Миг-41 може да ја зголеми борбената ефикасност на рускиот систем за противракетна одбрана, но сè уште не е познато дали тој ќе биде наменет за борба против интерконтинентални балистички ракети или тактички ракетни проектили што се движат со хиперсонична брзина.

Нема сомнение дека ловецот-пресретнувач ПАК ДП во комбинација со стратешкиот бомбардер од новата генерација ПАК ДА ќе биде технолошки најнапредниот авион што ќе се појави во руското воено воздухопловство. Сепак, како што обично се случува при најавувањето на големите проекти на руската воена индустрија и нивното толкување, најголемиот дел од податоците се добиени преку интервјуа, протекување информации од страна на неименувани инсајдери од рускиот воено-индустриски комплекс и експертски анализи. Дотогаш, ни останува да видиме што ќе се случува во иднина кога станува збор за понатамошниот развој на перспективниот ловец-пресретнувачи ПАК ДП.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња