Единиците на ПВО на Централниот воен округ успешно го одбија нападот на ударните беспилотни летала на условниот непријател кој беше фокусиран на оперативно-тактичките ракетни системи од класата „земја-земја“ „Искандер-М“. Ова боево гаѓање се реализираше во рамките на воената вежба на единиците за противвоздухопловна одбрана што се одржа на полигоните во Оренбуршката област.
Според сценариото на вежбата, формациите опремени со оперативно-тактички ракетни системи „Искандер-М“ изведоа комбиниран марш во правец на воениот дострел Донгуз со цел да се дислоцираат заради лансирање балистичка ракета. Единиците на ПВО имаа задача да ја покријат оваа колона од напад на условниот непријател од воздушниот простор. Со цел проверка на борбената готовност на ангажираните формации на ПВО кои ја реализираа воената вежба „заштита на колона во движење“, беа лансирани неколку лажни мамки кои имитираа доаѓање на ударни беспилотни летала во зоната на нападот. Овие имитатори летаа на височини до 3 илјади метри.
Ангажираните единици на ПВО кои ја придружуваа оваа колона реагираа брзо и успешно ги извршија сите поставени задачи. Сите потенцијално опасни објекти за колоната која се состоеше од оперативно-тактички ракетни системи „Искандер-М“ беа соборени со здружено дејство на хибридните ракетно-топовски ПВО-системи со краток дострел „Тунгуска“ и екипажите вооружени со лесни преносни ракетни системи (лпрс) „Игла“.
Противвоздухопловниот топовско-ракетен систем „Тунгуска-М1“ поседува лансери со ПА-ракети и два топа 2А38М со калибар 30 мм и темпо на стрелба од 5000 гранати во минута. За разлика од основната верзија на системот, овој може да отвора оган во движење и со помош на ракетите да соборува авиони и хеликоптери на далечина до 8000 метри и во висина до 3500 метри. Со текот на времето овој систем претрпе мноштво модификации за да може да одговори на предизвиците на современата доба, така што тој и понатаму е еден од најубоитите противвоздухопловни системи со краток дострел.
Неодамна на воениот полигон Донгуз, кој се наоѓа во Оренбуршката област, беше реализирана воена вежба во која беше проверена борбената готовност на главните единици на 2 комбинирана армија на Централниот воен округ. Притоа во прв план се најдоа ракетните формации вооружени токму со оперативно-тактичките ракетни системи „Искандер-М“, кои истрелаа неколку балистички ракети и успешно ги уништија сите поставени цели на условниот непријател.
Оперативно-тактичкиот ракетен систем „Искандер-М“ е наменет за уништување на системи за ПВО и ПРО на непријателот и неговите критички важни објекти во тактичка и оперативна длабочина на непријателскиот фронт. Во неговото вооружување е ракетата 9M723, која се карактеризира со корелативен тип на наведување и квазибалистичка траекторија. Квазибалистичката ракета 9M723 се одликува со исклучително голема брзина на лет. Се карактеризира со променлива траекторија, така што претставува многу изискувачка цел која е многу тешка за соборување со системите на ПРО. Ракетата е способна за маневрирање во висина и правец при брзина поголема од 7500 км/ч. Притоа таа трпи оптоварување и до 30G. Во текот на летот може да достигне висина и до 100 км. Нејзиниот максимален дострел изнесува 500 км. На таа далечина нејзиното максимално отстапување од целта е само 5-7 метри.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче