Концернот „Калашников“ на почетокот на 2010-тите го направи суперпрецизниот автомат АК-107, со тоа што тој требаше да биде главното оружје на опремата „Ратник“ во наредните неколку децении. Меѓутоа, со сите свои добри страни, автоматот сепак не помина на армискиот тендер. Зошто?
Главната карактеристика на автоматот АК-107 е избалансираната автоматика. Во конструкцијата постојат два гасни клипа кои се движат во спротивни насоки. Вториот клип го компензира импулсот на првиот кој го турка затворачот, и така во извесна мера се намалува трзајот.
„Со избалансираната автоматика е зголемена густината на рафалната стрелба од автоматот „Калашников“ за 20% во споредба со моделот АК-74М кој тогаш помина на конкурсот и е вброен во арсеналот на руската армија. Тие 20% се многу сериозен периметар, особено во рацете на недоволно истрениран борец кога отвора оган во нестабилна положба“, изјави за порталот Russia Beyond професорот на Академијата за воени науки Вадим Козјулин.
Според него, во споредба со претходните традиционални модели, избалансираната автоматика ги подобрува тактичко-техничките карактеристики на автоматот „Калашников“ при рафална стрелба независно од траењето на рафалот.
Со конструкцијата се предвидени две повратни пружини. Едната е на вообичаеното место меѓу задниот дел на сандакот со ракофатот и склопот на носачот на затворачот, а другата меѓу носачот на затворачот и балансерот и се собира при отворање на затворачот.
„Со тоа техничко решение е надминат стариот проблем на автоматот „Калашников“, т.е. густината на огнот поради која АК со децении е критикуван со тврдењето дека М-4 е подобар“, истакнува експертот.
АК-107 доби нов режим на стрелба во кратки рафали по три истрели (подоцна кај моделот АК-12 тој режим е ограничен на два истрела).
Автоматот доби и Пикатини шини така што обичните војници можеа да ставаат нишански справи. Во задниот дел на сандакот со ракофатот е поставен прилагодлив диоптерски нишан кој ги заменува традиционалните рецки на нишанот на автоматот „Калашников“.
„Во Русија отпорноста на секое оружје се тестира според стандардите од 1950-тите. Постои цел комплекс тестови за проверка на стрелбата од правливо, замрзнато и наквасено оружје. Исто така, се проверува дали случајно може да истрела, дали функционира која е вжештено итн. Се покажа дека механизмите на новиот АК-107 се чувствителни – не го издржаа военото тестирање. А во руската армија сигурноста и функционирањето во сите услови се третира како најважен показател на квалитетот“, додава Козјулин.
Според него, конструкторите мораа да се откажат од техничките решенија затоа што поради нив функционалноста на оружјето е помала во тешки борбени услови. „Поради тоа „Калашников“ се откажа од своето оригинално решение во полза на поедноставната автоматика на моделот АК-12, но со цела низа дополнителни ергономски решенија благодарение на кои се зголемува ефикасноста на борецот на бојното поле“, истакна експертот.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче