Командант на руска бригада за специјална намена: Што сé мора да знае и умее специјалецот?

Виктор Драчов/TASS
Снаодливост, сигурност и универзалност.

На 24 октомври во Русија се одбележува Денот на единиците за специјална намена. Во пресрет на овој празник командантот на гардиската бригада за специјална намена на Централниот воен округ на Русија Алберт Омаров зборуваше за критериумите за селекција на специјалците и нивото на техничка опременост на единиците, а исто така откри специфичности на борбената обука и главните вештини кои мора да ги владее еден припадник на специјалните единици.

Според овој офицер, бригадата денес во целост ја сочинуваат професионални војници. Припадниците на специјалните единици се во состојба самостојно да извршуваат задачи во непријателска позадина благодарение на издржливоста, способноста да преживее во агресивна средина, физичката и психичката супериорност над непријателот.

„Во текот на наставно-борбените активности припадниците на специјалните сили тренираат десант, потрага по важни објекти и напад врз нив, организација на заседи, методи на војување во населени места, заземање на зграда, гаѓање со артилериско орудие и напади од воздух. Сите активности се изведуваат во услови кои максимално имитираат услови на војување со примена на искуства од борбените дејствија во Сирија“, изјави Омаров, пренесува „Краснаја звезда“.

Освен одличната физичка подготвеност, главните показатели на подготвеноста на борците се снаодливоста, сигурноста и универзалноста, која се рефлектира во способноста да користат разни типови вооружување и технички средства за извидување од руско и странско производство.

„Исто така, тука е и вештината од прирачни средства да се направат убојни средства против непријателската жива сили и објекти. Како и умешноста за камуфлирање, прецизноста на одредување на координатите на важни објекти и проследување на податоците за нив“, додаде командантот.

Омаров истакна дека бригадата денес има комплети технички средства за извидување кои можат да детектираат цел и да даваат упатства за нејзино гаѓање во различни временски услови, дење и ноќе и на големи растојанија. Освен тоа, во состав на вооружувањето на специјалните единици се наоѓаат ново стрелечко оружје, оклопни возила и беспилотни летала.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња