Турците „озрачија“ грчки авиони F-16 со радарските системи на ПВО-комплексот С-400 „Триумф“

Слободан Ѓукиќ
Аналитичкото и експертско издание е убедено дека Турција ги употребила радарите кои се наоѓаат во состав на неодамна набавениот ПВО-систем со голем дострел С-400 „Триумф“ за да открие авиони-ловци F-16 на грчкото Воено воздухопловство во текот на воената вежба „Еуномиа“ која кон крајот на септември беше одржана со Војската на Кипар.

Оваа активност предизвика голема загриженост и неспокој во администрацијата на САД, што доведе до тоа министерот за надворешни работи Мајк Помпео двапати работно да го посети овој регион: Кипар (12 септември), а малку подоцна и Грција (27-29 септември). Оваа информација пред некој ден ја пренесе грчкиот весник „Катимерини“, пренесува веб-порталот anna-news.info.

Практично, посетата една по друга на толку висок функционер на администрацијата на САД на „грчкиот свет“ уследи во рамките на неговите активности на подрачјето на Источниот Медитеран. Оваа посета недвосмислено има за цел да ѝ испрати јасна порака на Турција дека САД, меѓу другото, нема лесно да ја проголтаат одлуката на официјална Анкара (членка на НАТО) унилатерално да ги набави најсовремените руски ПВО-системи со голем дострел.

Од друга страна, турските медиуми ја информираа јавноста дека нивната војска (се мисли на ракетните единици на ПВО) во наредниот период ќе изведе тестирања на ракетните системи С-400 „Триумф“ на простор кој ќе зафати добар дел од акваторијата на Црното море, кое ги заплискува северните брегови на Турција (појава на самоодните радарски компоненти на овој систем е забележана во градот Самсун – заб. на прев.).

Официјална Атина го пречека високиот гостин со голем оптимизам. Имено, Помпео ја посети и воената база „Суда“ на Крит. Американците решија да ги засилат своите воени потенцијали во Средоземното море, така што во оваа база вплови тешкото логистичко пловило на американската Воена морнарица Hershel „Woody“ Williams кое всушност претставува мобилна поморска база. Овој брод е во состојба да транспортира разни видови хеликоптери, ударни беспилотни летала и нивно вооружување. Властите на Кипар го дополнија овој потег на ВМ на САД со значителни инфраструктурни работи кои ќе резултираат со зголемување на воените објекти кои ќе ги користи кипарската војска, но и американски војници.

Од друга страна, официјална Анкара негативно гледа на сé потесната соработка меѓу САД и Кипар. Турското Министерство за одбрана издаде соопштение во кое се наведува дека потпишувањето на меморандумот меѓу Вашингтон и Никозија подразбира изградба на воен центар за обука на овој остров и не придонесува за смирување на тензиите и меѓусебната доверба во Источниот Медитеран.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња