Две летала на современиот воено-транспортен авион Ил-112В до крајот на следната година ќе му бидат испорачани на руското Министерство за одбрана, додека во план е од 2023 година да започне неговото сериско производство и усвојување во вооружувањето на руската армија. Ова на новинарите им го соопшти првиот човек на Министерството за индустрија и трговија на РФ Денис Мантуров. Покрај тоа, овој авион има исклучително висок извозен потенцијал, пренесува веб-порталот ТАСС.
„Ние имаме обврска до крајот на следната година да ги испорачаме првите два комплетирани примероци на овој авион кои ќе влезат во фаза на државно тестирање кое ќе биде реализирано во рамките на Министерството за одбрана. По завршувањето на овие тестирања планираме да влеземе во сериско производство при што веќе од 2023 година ќе ѝ ги испорачаме на руската армија првите летала“, им рече на насобраните новинари Денис Мантуров.
„Леталото што го развивме има современ облик и поседува висок извозен потенцијал. Во таа смисла ние паралелно со обврските што ги имаме спрема основниот нарачател на зделката, ќе правиме и контингент летала наменети за извоз“, изјави Мантуров. Министерот појасни дека судејќи според прелиминарните планови за сериско производство на воено-транспортниот авион Ил-112В тој ќе се комплетира со темпо од 15 авиони годишно (за потребите на руското Министерство за одбрана – заб. на прев.).
Министерот додаде уште една важна работа. Имено, вкупната маса на новиот воено-транспортен авион е намалена за околу 800 кг. Од врвот на компанијата ПАО „Ил“ рекоа дека при комплетирањето на експерименталните примероци на новиот авион е регистрирана нивна малку поголема маса. Генерално, се работи за стандардни проблеми кои се јавуваат при комплетирањето на прототипските летала. Што се однесува конкретно до воено-транспортниот авион Ил-112В, неговата маса треба да биде помала за околу 2000 кг. Инженерите на воздухопловната компанија „Ил“ веќе успеаја да го олеснат леталото за околу 800 кг со примена на полесни, но истовремено цврсти материјали, кои не го намалуваат квалитетот на конструкцијата на авионот.
Ил-112В претставува лесен воено-транспортен авион које е наменет за транспорт на товар со помал габарит, како и на жива сила. Максималната тежина на товарот што ќе го превезува овој авион нема да надминува 5 тони. Како и кај својот претходник (авионот Ан-26), станува збор за концепт на слободноносечки висококрилец кој ќе го придвижуваат два силни турбоелисни мотори1. Основните барања за време на неговата конструкција беа да се добие апарат кој ќе може да користи куси аеродромски писти, вклучувајќи и принудно слетување на полетно-летни ленти кои воопшто не се бетонирани (пустини, ливади, ниви). Исто така се инсистираше да се добие летало кое ќе биде мошне лесно за одржување, а кое ќе се одликува со висок степен на техничка издржливост за време на експлоатацијата со работен век од речиси 35 години (45000 работни часови или околу 30000 полетувања).
Авионот покрај стандардната воена верзија која ќе обезбеди сигурен и комфорен превоз на различна воена техника, борбен товар, војници со целосна борбена опрема и слично, ќе има и цивилна варијанта за превоз на класични патници (верзија со ознака –Т).——————————————————————————————————————————
¹Силата на секој турбоелисен мотор ТВ-12-117СТ кој ќе го движи овој авион ќе достигнува 3.000 коњски сили што ќе му овозможи на Ил-112В да постигне брзина на летот од околу 550 километри на час, а исто така и група од 44 војници со полна воена опрема да префрли на растојание од 2400 километри без дополнување гориво во воздух.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче