ТАКТИЧКА АНАЛИЗА: Борбена употреба на ИСУ-152 попознато како „Зверобој“

ИСУ-152

ИСУ-152

Слободан Ѓукиќ
ИСУ-152 (Објект „2411“) претставува тешко советско самоодно артилериско оружје (САУ) од периодот на Втората светска војна. Ова светско самоодно оружје масовно се применувало во завршните операции на Црвената армија, каде во тактичка смисла ги покрива сите аспекти на самоодната артилерија. Ја анализираме неговата примена низ три тактички улоги: ИСУ-152 како офанзивно оружје, како ловец на тенкови и како самоодна хаубица.

ИСУ-152 (Објект „2411“) претставува тешко советско самоодно артилериско оружје (САУ) од периодот на Втората светска војна. Првата буква „И“ претставува дополнување на стандардното советско означување на самоодните оружја „СУ“, што всушност значи дека ова оружје е направено врз база на тешкиот тенк „ИС“ („Јосиф Сталин“). Треба да се спомене дека советската воена индустрија има произведено самоодно оружје со топ од ист калибар кое ја носело ознаката Су-152, само што тоа било направено на друга тенковска база. Ознаката „-152“ го означува калибарот на основното вооружување кое го имало ова средство.

Оружјето го развиваа инженерите на конструкторско-опитниот завод бр. 100. Тој по брзото тестирање е усвоен во вооружувањето на советската армија во ноември 1943 година. Сериското производство на ова оружје е организирано во чељабинскиот Кировски завод (ЧКЗ) и траеше сè до 1946 година. Пролетта 1945 година во производството на ова оружје се вклучија и капацитетите на ленинградскиот Кировски завод (ЛКЗ) кои го комплетираа ИСУ-152 сè до 1947 година. Моделот оружје ИСУ-152 што го произведуваше ленинградскиот Кировски завод незначително се разликуваше од моделот што се произведуваше во Чељабинск.

ИСУ-152 масовно се применуваше во завршните операции на Црвената армија каде во тактичка смисла ги покриваше сите аспекти на самоодната артилерија. Покрај Црвената армија ИСУ-152 влезе и во вооружувањето на Полска и на Чехословачка, а определени заробени примероци од ова оружје ги користеше германскиот Вермахт како и финската армија.

Во повоениот период ИСУ-152 мина низ фаза на модернизација и долго време беше во оперативна служба во единиците на советската армија. Определен контингент од ова оружје беше испорачан на оклопните единици на египетската армија. Тие учествуваа и во арапско-израелските војни на Блискиот Исток. Кон средината на седумдесеттите години од минатиот век ИСУ-152 е повлечен од оперативната употреба на советската армија, а на негово место дојдоа посовремени самоодни артилериски оружја. Денес десетици вакви расходувани оружја се наоѓаат во музејските поставки или ги красат спомениците во голем број земји што го имаат користено, или каде биле активен учесник во најразорниот судир во историјата на човековата цивилизација, Втората светска војна.

Жаргонскиот назив на ова средство беше „Зверобој“. Поради исклучително големата разорна моќ на муницијата што ја користеше, Германците го нарекоа „Dosenöffner“ (мак. „отворач за конзерви“).

Тактичка примена ИСУ-152 во борбени услови

ИСУ-152 како тешко офанзивно оружје

Основната намена на самоодното артилериско оружје ИСУ-152 беше огнена поддршка на офанзивните ешалони на оклопно-механизираните и пешадиските состави на Црвената армија. Главно оружје на ИСУ-152 беше топот-хаубица МЛ-20С со калибар од 152 милиметри што испукуваше силни артилериски проектили ОФ-540 со разорно-шрапнелни боеви глави со вкупна маса од 43.56 килограми. Оваа муниција беше особено ефикасна за време на дејствијата врз незаштитената пешадија (густо расфрлање фрагменти/гелери и нивна огнена моќ), но и против фортификации (бункери, ровови) каде особено се истакнуваше нејзината исклучително голема разорна моќ. Доволен беше прецизен погодок на еден проектил ОФ-540 за во целост да се уништи живата сила на непријателот што се крие во стан од средна квадратура.

ИСУ-152 особено се употребувал во уличните борби, во текот на големите офанзивни операции за време на ликвидацијата на непријателската војска во Берлин, во Будимпешта или во Калининград. Одличната оклопеност на самоодното оружје му овозможила да пријде доволно близу до добро утврдена непријателска огнена точка, и да ја уништи со директен погодок. На овој начин се избегнувале непотребните загуби во своите редови, особено кога на истурените позиции морале да се носат влечни артилериски средства чиј екипаж знаел да страда од уфрлени диверзантски групи непријатели или негови снајперски тимови.

За да се намалат загубите од непријателот кој имал рачни противтенковски средства („панцершрек“ или „фаустпатрони“) во тактичка улична борба ИСУ-152 главно настапувал во група која била составена од 1-2 оружја и зајакнато пешадиско0 одделение вооружено со автоматско оружје, голем број рачни боми и средства за индивидуална заштита (офанзивни групи). Во рамките на овие групи биле и снајперистите, а неретко нивниот напад го поддржувале и специјалци вооружени со фрлачи на пламен. Во вакви околности голема штета за непријателот правел и тешкиот митралез ДШК со калибар од 12.7 милиметри кој се наоѓал во вооружувањето на ИСУ-152. Тој бил особено ефикасен за време на елиминацијата на непријателската жива сила на вооружените противтенковски средства кои се криеле на горните катови на утврдените згради, по подрумите и кратерите, зад масивни барикади. Вака конципираната борбена група, која покрај тоа е и доволно синхронизирана, можела да ги реши сите поставени задачи со минимален број сопствени загуби. Во спротивно, кога поради разни околности доаѓало до недоволно добра координација во самата група, оклопните средства станувале мошне лесна мета за „панцершрековите“.

Познатиот тенкист и автор на воени мемоари Д.Ф. Лоза најдобро го опишува карактерот на борбените дејствија кога во нив учествува ИСУ-152. Дејствието се однесува на борбените дејствија кои се изведувале за време на ослободувањето на Виена, Австрија:

Набргу хитлеровците почнаа да гаѓаа од противтенковски топови кои преку ноќ успеаја да ги изнесат на врвот од една повеќекатница северно од Ратуша. Погодени беа два наши тенка на кои им беа оштетени гасениците. Ситуацијата беше таква што изискуваше носење итни мерки со цел запирање на ова дејство кое се закануваше да уништи големи количества борбена техника која беше сконцентрирана источно од Ратуша, зградите на универзитетот и на парламентот. Придвижувањето на оваа техника во длабочината на фронтот носеше опасност за загуба на градските квартали кои беа заземени претходните денови со голема мака. Го повикавме командантот на батеријата на самоодни артилериски оружја ИСУ-152 и му дадовме наредба брзо да ја уништи непријателската огнена точка. Самоодниот топ кој се движеше по разурнатиот асфалт со своите широки гасеници, зазеде позиција на една од многубројните улици кои беа свртени кој југоисточната страна на плоштадот. Ова предизвика голема заинтересираност кај тенкистите и кај офанзивните тимови кои со нетрпение го очекуваа дејството на оклопната грдотија која беше наречена „Зверобој“.

Наскоро се слушна страшен тресок чиј ефект го зајакнаа тесни виенски улици набиени со голем број станбени објекти. Гранатата која беше испукана од топот едноставно го разнесе горниот дел од зградата во која се наоѓаше непријателската огнена точка, додека остатокот се урна на земја. Сите стакла на масивните прозорци прснаа од тресокот, а нивните парчиња ги преполнија позициите на кои се наоѓаа љубопитните војници кои ја набљудуваа оваа ситуација. Големото количество стакло и искршени штокови за време на падот повреди голем број војници (главно исеченици по незаштитените делови од телото), а кај двајца се регистрирани дури и преломи на клучната коска. За среќа, сите војници (тенкисти и пешадија) имаа шлемови, така што главите им останаа нечепнати.

ИСУ-152 како ловец на тенкови

ИСУ-152 исто така можел мошне успешно да се користи и во тактичка улога на „ловец на тенкови“, иако имал значително помали способности од специјализираните истребувачи на тенкови, кои во своето вооружување имаа исклучиво противтенковски топови. За уништување на оклопните цели „Зверобој“ користеше панцирни гранати БР-540 со маса од 48.9 килограми. Оваа храната која во устата на цевката доаѓаше со почетна брзина од 600 метри во секунда можеше да ги уништи практично сите тенкови што се наоѓаа во вооружувањето на Вермахтот. Единствено челен оклоп што го поседуваше германското тешко самоодно оружје „Ferdinand“ можеше да го здржи директниот погодок од панцирната граната со калибар од 152 милиметри.

Треба да се спомене дека основната намена на ИСУ-152 не беше противоклопна борба. Неговата топ-хаубица имаше мошне ниско темпо на оган во споредба со вистинските „ловци на тенкови“ како што се германскиот „Јагдпантер“ или советскиот Су-100. Брзината на огнот на нивните топови изнесуваше 5-8 гранати во минута. Од друга страна, добрата камуфлажа, брзата примена на огнената позиција и употребата на ИСУ-152 во групни напади во кои учествуваат 4-5 оружја знаеше да го компензира големиот недостаток кој се однесува на брзината на гаѓањето.

Покрај тоа, во периодот од 1944 до 1945 година во оклопните единици на Црвената армија се појавија голем број специјализирани ловци на тенкови од различни типови како што се Су-85, Су-100 и ИСУ-122, така што бројот на фронтални судири помеѓу германските тенкови и Су-152 не беше толку изразен како на почетокот од неговата оперативна примена. ИСУ-152 во практика најмногу се употребуваше како класично офанзивно оружје (види го описот во претходниот текст), зашто разорната сила на неговата муниција во голема мера ги надминуваше останатите советски тенкови и самоодни оружја кои беа во употреба.

Во врска со ова постои уште еден цитат од воените мемоари на Д.Ф. Лоза:

Сложената ситуација која одеднаш се појави пред нас моравме брзо да ја ублажиме, и фала Богу, во нашите раце постоеше ефикасно средство тоа да го направиме – самоодните оружја. Со командирот на батеријата со ИСУ-152 натпоручникот Јаков Петрухин детално разработивме план на дејствување. Се договоривме самоодните оружја ИСУ-152, користејќи ги своите далекустрелни основни оружја и разораната сила на нивните гранати од 152 милиметри, да го фокусираат својот оган на германските „Пантери“ и да го докусурат кога ќе бидат погодени. Особено го истакнавме значењето на скриеното заземање огнени позиции од страна на овие прилично габаритни оружја. Овој маневар требаше да го покриваат „Шермани“ кои имаа задача да вршат демонстративен напад со цел свртување на вниманието на германските тенкисти.

Јаков Петрухин со својата единици зазеде погодно место за гаѓање, каде камените огради го покриваа корпусот на оружјето од непријателските панцирни проектили.

Од наша страна беше отворен оган по целата линија на фронтот каде бевме во допир со германските сили. Групите што ги изведуваа демонстративните дејствија не им дозволуваа на Германците да тргнат кон централниот дел од фронтот, концентрирајќи го својот оган на затворање на сите улици кои водат кон главниот плоштад, истовремено покривајќи го излезот на батеријата со ИСУ-152 на заземените позиции.

Набргу се слушнаа две страшни пукања. Ударниот бран ги скрши речиси сите прозорци во близина, кревајќи огромен облак прав. Тешката пробојна граната со калибар од 152 милиметри погоди германски тенк „Пантер“ и буквално ја откина тенковската купола од неговата гасенична платформа. Другиот „Пантер“ по погодувањето беше зафатен од огромен пламен. Во тој момент два ИСУ-152 тргнаа да ја напуштат својата огнена позиција. Остатокот од германската тенковска група тргна да се повлекува назад, оставајќи ги на милост и немилост панцерграндирите на кои се насочија советските офанзивни групи.

Според сведочењето на советските борци, ИСУ-152 против германските тенкови употребувал и разорно-шрапнелни гранати ОФ-540 кои благодарение на својата огромна разорна сила исто така знаеја да остварат добри резултати.

ИСУ-152 како самоодна хаубица

ИСУ-152, иако многу ретко, се употребувало и како самоодна хаубица за време на гаѓањето на засолнати огнени позиции. Црвената армија не поседувала специјализирана воена техника за оваа намена. Од друга страна Вермахтот го имал самоодното артилериско оружје Hummel, американската војска Howitzer Motor Carriage M7, а Англичаните Sexton. Тенковските и механизираните единици на Црвената армија беа исклучително добро опремени со големи количества влечна артилерија. Меѓутоа, тоа беа исклучително „ранливи“ оружја, а исто така и бавни (долг премин од маршова во борбена положба и обратно), така што не можеа да ги „стигнат“ и да ги поддржат оклопно-механизираните единици кои обично се движеа брзо нив непријателската одбрана. Во ваква ситуација ИСУ-152 се употребуваше за артилериска поддршка. Максималната далечина на гаѓањето изнесуваше 13 илјади метри, без оглед на ограничувањето на аголот на елевација на основното оружје. Единствен проблем кој се јавуваше кај ИСУ-152 беше релативно малата брзина на пукањето. Покрај тоа, за разлика од влечните артилериски оружја како што е основната хаубица МЛ-20 која имаше агол на елевација од 65 степени, ИСУ-152 не можеше да дејствува по траекториите кои имаа голема уфрлувачка патека. Ова во голема мера ги намалуваше борбените можности на средството да дејствува како класична самоодна хаубица.

Огненото дејство на ИСУ-152 како самоодна хаубица од скриени позиции исто така е предмет на полемика на воените форуми кои се занимаваат со темата на Втората светска војна. Според воените документи недвосмислено е дека овие средства понекогаш се употребувале како класични самоодни хаубици, а исто така постојат и фотографии на ИСУ-152 кои од скриена позиција дејствуваат по непријателот, каде покрај него се наоѓа и сток со артилериска муниција. Во уште неколку мемоари што ги имаат напишано активни учесници на Втората светска војна, се наоѓаат сведочења кои го поткрепуваат овој факт. Исто така, постојат уште неколку воени извештаи како и фотодокументација која укажува дека ИСУ-152 се употребувани како самоодни хаубици. Меѓутоа, нивниот релативно мал број во однос на документацијата за другите артилериски средства укажува дека ИСУ-152 како самоодни хаубици мошне ретко се користеле на фронтот.

Меѓутоа, во периодот по Втората светска војна тактичкиот сегмент на употреба на ИСУ-152 од офанзивно оружје полека се преместува кон самоодна хаубица. Новите тенкови од типот Т-55 и Т-62 имаа мошне висока тактичка и оперативна мобилност, така што тешките и тромави ИСУ-152 не можеа ефикасно да се користат како офанзивни самоодни оружја. Масивниот оклоп на ИСУ-152 кој е правен според технологијата која во беше актуелна во периодот на Втората светска воја, повеќе не беше толку имун на погодувањето од новите топови на противтенковското вооружување, додека новите тенковски топови со калибар од 100 и од 115 милиметри (основно вооружување на тенковите Т-55/Т-62) имаа мошне поголема разорна моќ на шрапнелно-разорната граната, така што во суштина ИСУ-152 повеќе не беа потребни. Во услови на стагнација, советската самоодна артилерија која остана во сенка на бурниот развој на реактивни артилериски системи, ИСУ-152 и понатаму остана во оперативна употреба, но само како јуришно оружје кое се употребуваше во уличните борби (или како самоодна хаубица), односно онаму каде факторите оклопеност и оперативна мобилност не беа толку изразени.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња