Основниот борбен тенк Т-90М „Пробој“ (најмодерната верзија на семејството тенкови Т-90 – заб. на прев.) со понатамошната модернизација ќе го добие системот за активна оклопна заштита на тенкот „Арена-М“. Фронталниот дел на тенкот ќе биде заштитен со динамична заштита „Реликт“, која во перспектива ќе биде заменета со новата генерација оклопна заштита која е аналогна на онаа применета кај тенковите Т-14 „Армата“ („Малахит“, заб. на прев.).
Кон крајот на минатата година се појавија информации дека руските конструктори работат на системот за активна заштита „Арена-М“ кој би можел да најде примена кај основните борбени тенкови Т-73Б3М и Т-90М „Пробој“. Овој комплекс претставува модернизација на изворната верзија на системот „Арена“ која е наменета за интеграција кај тенковите од семејството Т-80. Се смета дека ефикасноста на системот „Арена-М“ во однос на основната верзија е значително зголемена, така што со противтенковски средства, како што е, на пример, TOW, практично е невозможно да се пробие. Згора на тоа, сериозни извори од руската војска велат дека се работи за потполно нов систем за активна заштита кој со претходниот нема некоја голема врска, освен дека работи на сличен принцип.
Се претпоставува дека до 2025 година современите верзии на основните борбени тенкови Т-72Б3М, Т-80БВМ и Т-90М според своите борбени способности и степенот на ефикасност ќе го задржат паритетот со најсовремените тенкови на другите армии. Потоа ќе биде потребно да се осмисли наредниот пакет модернизација, пренесува веб-порталот РГ повикувајќи се на материјалите од 38 научно-истражувачки институт за тенковско вооружување и друга оклопна техника кој е дел од руското Министерство за одбрана.
Борбената жилавост на тенкот Т-90М ќе се зголеми со интеграција на дополнителни контејнери на современа динамична оклопна заштита. Научниците работат на проект за освојување на електромагнетна заштита на тенкот и нова генерација на систем за попречување на високопрецизно противоклопно вооружување кои се исто така составен дел од основниот борбен тенк Т-14 „Армата“. Тука се наоѓа и комплексот „Лесочек“ кој има функција за попречување радиоканали за далечинско активирање на мини.
Т-90М според многубројни тактичко-технички карактеристики е целосно нов тенк: редизајнирана е куполата на тенкот, интегриран е нов автоматизиран систем за управување со огнот кој е ефикасен во сите метео и временски услови (ден/ноќ), модернизирано е основното орудие на тенкот – топот, применет е системот за оклопна заштита на тенкот од последна генерација „Реликт“. Покрај тоа, тенкот доби и многу квалитетен систем за климатизација, кој во меѓувреме ќе стане задолжителна опрема на новите и модернизираните оклопни борбени возила.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче