Путин се увери во огнените можности на новиот повеќецевен ракетен лансер ТОС-2 „Тосочка“

На рускиот претседател му беа прикажани огнените можности на новиот тежок повеќецевен ракетен лансер ТОС-2 „Тосочка“ кој уништи непријателска колона во движење. Исто така, по реонот на кој се наоѓаше моторизиран баталјон на условниот непријател дејствуваа девет орудија ТОС-1А „Сонцепјок“ со стотина ракети опремени со термобарични и напалм-боеви глави.

Руската армија првпат го употреби новиот тежок повеќецевен ракетен лансер ТОС-2 „Тосочка“ за време на одржувањето на стратешката воена вежба „Кавказ-2020“. Новото орудие беше успешно испробано на воениот полигон Капустин Јар во Астрахањската област. На целиот настан присуствуваше и претседателот на Руската Федерација Владимир Путин.

Новиот повеќецевен ракетен лансер ТОС-2 „Тосочка“ уништи истурена непријателска колона која се состоеше од оклопни борбени возила. „Со удар на ненаведувани ракетни проектили опремени со термобарични боеви глави ТБС-М3 кои ги карактеризира зголемена разорна моќ, на непријателот му беа нанесени значајни загуби“, соопшти информативната служба на руското Министерство за одбрана, пренесува веб-порталот ТАСС.

Покрај „Тосочка“, на полигонот се појави и група тешки повеќецевни ракетни лансери ТОС-1А „Сонцепјок“ од составот на артилерискиот баталјон на Јужниот воен округ (9 орудија), кои со плотунски оган уништија комплетен моторизиран полк на условниот непријател. По реонот, на кој според сценариото на вежбата се наоѓаше овој баталјон, дејствуваа ракети кои беа вооружени со термобарични и напалм-боеви глави.

Тешкиот повеќецевен ракетен лансер ТОС-2 „Тосочка“ претставува понатамошна еволуција на артилериско-пламенофрлачкиот систем ТОС-1А „Сонцепјок“, која ќе има зголемени тактичко-технички карактеристики. За разлика од својот претходник кој се наоѓа на тенковска шасија, „Тосочка“ како основна платформа употребува камион на тркала „Урал“ со зголемена носивост и проодност. „Тосочка“ поседува модернизирани ракети кои имаат поголем ефективен дострел во однос на претходните верзии. Системот за управување со огнот на ТОС-2 е во целост автоматизиран. На возилото се наоѓа кран-манипулатор, кој врши полнење на орудието со ракети така што на „Тосочка“ не ѝ е потребно посебно транспортно-логистичко возило. Покрај тоа, на „Тосочка“ е монтиран и систем за радиоелектронска заштита која е ефикасна во одбраната од високопрецизни типови убојни средства.

Стратешката воена вежба „Кавказ-2020“ беше реализирана од 21 до 26 септември на територијата на Јужниот воен округ и акваторијата на Црното и Каспиското море. Со целата вежба командуваше началникот на Генералштабот на руската армија, генерал на армија Валериј Герасимов. Според првичните податоци, во вежбата беа ангажирани околу 80 илјади луѓе, вклучувајќи и трупи кои доаѓаат од Министерството за вонредни состојби на РФ и Росгвардија. Покрај тоа, во вежбата учествуваа и околу 1000 странски војници (од Ерменија, Белорусија, Кина, Иран, Мјанмар и Пакистан) со јачина на две баталјонско-тактички групи.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња