Околу две мешовити ескадрили составени од борбени летала Су-34, Су-24М, Су-30СМ, МиГ-29СМТ и други, имитираа воздушен напад врз системот за ПВО на Јужниот воен округ. Оваа група имаше задача да ја совлада ПВО на непријателот и да ги уништи виталните радарско-набљудувачки станици, огнените позиции со лансирните системи на ПВО и авијацијата која се базираше на аеродромите, пренесува официјалниот веб-портал на руското Министерство за одбрана.
При продорот низ ешалонираната ПВО авионите летаа на различни висини, користејќи брзини од 200-2000 км/час. Леталата се движеа во различен борбен поредок. Некои летаа индивидуално, некои во пар или во состав на ударно одделение. Нападот беше вршен во прикриен режим на работа, во кој се исклучени сите уреди кои можат да го детектираат нивното движење.
Моќните радарско-набљудувачки средства на групацијата на ПВО кои беа раштркани на повеќе локации успеаја да ги детектираат елементите на оваа група и на нив да ги наведат дежурните ловци-пресретнувачи Су-30СМ. По забележаните цели беше дејствувано со ракети од класата „воздух-воздух“ и „воздух-земја“. Ракетите беа лансирани електронски. Резултатот на здруженото дејство на ловечката авијација и ракетните ПВО-системи С-400, „Бук-М2“ и „Панцир-С“ беше 100% уништување на сите зафатени цели.
Покрај тоа, екипажите кои управуваат со хибридните ракетно-топовски системи си краток дострел „Панцир-С“ имаа задача да ги соборат имитациите на ракетите кои летаа со голема брзина. И оваа задача беше успешно реализирана.
Стратешката воена вежба „Кавказ-2020“ се реализира од 21-26 септември на територијата на Јужниот воен округ и акваториите на Црното и Каспиското море. Со целата вежба командува началникот на Генералштабот на руската армија, генерал на армија Валериј Герасимов. Според првичните податоци, во вежбата се ангажирани околу 80 илјади луѓе, вклучувајќи и трупи кои доаѓаат од Министерството за вонредни состојби на РФ и Росгвардија. Покрај тоа, во вежбата учествуваат и околу 1000 странски војници (од Ерменија, Белорусија, Кина, Иран, Мјанмар и Пакистан) со јачина на две баталјонско-тактички групи.
Рускиот противвоздушен систем С-400 „Триумф“ е наменет за борба против сите современи и перспективни средства на воздушно-космичкото оружје. Неговиот максимален хоризонтален дострел е околу 400 км (ракета 40Н6Е), додека во височина дејствува и до 35 км. Формациски, во рамките на еден дивизион најчесто има 2-3 батерии на овој систем, со вкупно 8-12 транспортно-лансирни единици. Значи, еден дивизион во својот состав има 48 ракети подготвени за моментално дејство. Цел ракетен полк хипотетички може да нападне 96 непријателски воздушни цели во оперативен борбен радиус до 400 км.
9K317 „Бук-М2“ претставува модернизирана верзија на ПВО-системот со среден дострел кој е наоружан со новата исклучително потентна ракета 9М317, која има способност да се бори против цел спектар воздушни цели – од авиони на стратешката и тактичката авијација, па сé до тактички балистички ракети и воздухопловни бомби. Еден „Бук-М2“ може истовремено да нападне 24 различни воздушни цели. Покрај тоа, сето тоа го прави во услови на масовна примена на средства за ПеБ (противлектронска борба), што го прави исклучително жилав противник во борбениот поредок на ПВО. Максималниот хоризонтален дострел на системот 9K317 „Бук-М2“ е 50 км.
96К6 „Панцир-С1” е противвоздухопловен хибриден ракетно-топовски систем со мал дострел. Наменет е за заштита на цивилни и воени објекти од напад со сите модерни и перспектива средства за воздушен напад, во сите временски услови, без оглед на периодот на денот (ден/ноќ), при масовна употреба на противнички системи за противелектронска борба. Со ракетите може да гаѓа цели на далечина од 20 км/висина 15 км, додека со топовите покрива далечина до 5000 метри. Топовите дејствуваат со брзина од околу 4800 гранати во минута. Благодарение на својата универзалност, системот може да се користи и против копнени и надводни цели.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче