ВИДЕО: Погледнете ретка снимка од слетување на МиГ-29К на писта на носач на авиони

Ова летало го красат исклучително современата авионика, напредниот напаѓачко-навигациски систем, намалената радарска видливост, зголемениот убоен арсенал и значително поголемиот радиус на дејство. Добар дел од МиГ-29К е направен од композитни материјали, а со цел намалување на неговата видливост е применета технологијата на тнр. „оладено крило“. Го имаат воздухопловствата на Русија и Индија.

МиГ-29К (според класификацијата на НАТО - Fulcrum-D) претставува советски/руски палубен повеќенаменски борбен авион од четвртата генерација, настанат со понатамошна еволуција на базичниот ловец МиГ-29, пишува порталот Mars Online „Борбени Ефективи“.        

Благодарение на големата нарачка на ВВ на Индија, оваа специфична модификација на леталото е модернизирана до генерацијата која се означува како „4+(+)“¹. Според мислењето на западните воени експерти, модернизираната верзија на овој авион ги има сите елементи кои треба да ги има едно повеќенаменско палубно борбено летало.

Во него е вградена последната генерација авионика, напреден инфрацрвен автоматски радиокомпас за прецизно означување на цели, убоен арсенал составен од ракети со краток дострел од класата „воздух-воздух“ кои можат да се наведуваат преку нишанскиот уред кој е интегриран со шлемот на пилотот, намалена радарска рефлексивност, и она што е најважно – новата радарска станица „Жук-МЕ“ со чија помош можат да се откријат цели на далечини и до 200 км. Ова отвора можност за употреба на ракетите со среден дострел од класата „воздух-воздух“ (до 110 км) РВВ-АЕ, како и на наведуваните воздухопловни бомби КАБ-500. Тука се наоѓаат и противбродските ракети Х-31 и Х-35, од кои втората може да погоди површинско пловило на далечини над 200 км.

Во однос на палубната верзија на тешкиот ловец Су-33 ова летало има помал радиус на дејство, но и носивост на полезен товар. Меѓутоа, тоа е далеку покомпактно кога е во прашање неговата летечка фигура, што обезбедува порационален сместувачки капацитет на поморски платформи како што се носачи на авиони. Модернизираните верзии на авионот правени за Индија имаат можност да носат поголема тонажа на убоен товар (до 5500 кг). Исто така, неговата површина е третирана со различни видови специјални премази, вклучувајќи и вградување на неметални композитни делови, кои значително ја намалуваат радарската видливост на леталото. За намалување на видливоста во инфрацрвен спектар е употребена технологијата на „оладено крило“. Исто така, бидејќи оваа летало првенствено оперира над морската површина, во него е вграден систем за дополнување гориво во воздух, што му обезбедува значително поголем борбен радиус.

МиГ-29К претставува верзија со која управува еден пилот. Покрај оваа верзија, развиена е и палубна верзија на авионот со ознака МиГ-29КУБ со која управува двочлен екипаж (двосед).

Покрај руската армија, ова летало го употребува и индиската армија. Воената морнарица на оваа држава има 45 апарати МиГ-29К/КУБ.

¹ Неодамна корпорацијата МиГ ја извести јавноста дека работи на проект на нови пилотски шлемови наменети за пилоти на МиГ-29К/КУБ кои ќе бидат опремени со систем на дополнителна реалност. Новиот систем ќе биде во состојба да прикажува информации од летечка и тактичка природа (како и траекторијата на летот) на визирот на пилотскиот шлем. Имено, пилотот ќе има специјален монокулар интегриран на шлемот преку кој ќе се исчитуваат информациите за висината, брзината и правецот на летот, како и за моменталното оптоварување. Пилотот ќе биде во состојба во исто време да ја гледа реалната слика, но и виртуелната слика направена од компјутерот кој е специјално проектиран за нејзина изработка. Во критичните ситуации кои се јавуваат за време на воздушна битка или при вонредно слетување, вниманието на пилотот повеќе нема да го одвлекуваат бројните инструменти во пилотската кабина или индикаторите кои се наоѓаат на ветробранското стакло на леталото. Исто така, оваа руска корпорација соопшти дека во моментов интензивно работи и на проекти за развој на систем за автоматско управување со авионот, како и на систем за автоматска контрола на преоптоварувањето што се јавува при нагли промени на брзината и траекторијата на летот.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња