За руската вакцина против коронавирус заинтересирани 50 земји

Виктор Лисицин/Global Look Press
Русија го разгледува со 50 земји прашањето за испорака на вакцината против коронавирусот, создадена од Центарот „Гамалеја“ и Рускиот фонд за директни инвестиции. Се преговара со 50 земји, а фокусот во моментов е врз 20, со кои преговорите се во поодмината фаза.

Ова за рускиот „Прв канал“ го изјави директорот на фондот Кирил Дмитриев.

Тој истакна дека Русија засега може да произведе „само извесна количина“ од овој препарат и затоа бројот на држави со кои преговара Рускиот фонд за директни инвестиции е ограничен.

„Преговараме со 50 земји. Фокусот во моментов е врз 20, со кои преговорите се во поодмината фаза“, рече тој.

Дмитриев додаде дека во многу земји почнуваат клиничките испитувања на руската вакцина. Таа веќе во октомври или ноември би можела да добие одобрение од надлежните органи.

Русија прва на светот регистрираше вакцина против COVID-19. Препаратот е создаден од Научноистражувачкиот центар за епидемиологија и микробиологија „Гамалејаˮ во соработка со Рускиот фонд за директни инвестиции. Вакцината го доби називот „Спутник Vˮ и е веќе пуштена во производство.

Оваа недела првата партија на препаратот беше пуштена во употреба, а исто така започна и третата фаза на клиничките испитувања. Како што изјави рускиот министер за здравство Михаил Мурашко, веќе се пријавиле преку 30 илјади доброволци. За следење на нивната состојба е развиен нов формат, вклучувајќи мобилна апликација која ќе овозможи воспоставување директен контакт меѓу пациентот и производителот на вакцината.

Масовната вакцинација против COVID-19 ќе почне по зголемувањето на производството и собирањето доволен број информации од третата фаза на испитувањата, истакна Министерството за здравство на Русија.  

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња