На московските улици почна тестирањето на робот-курир. Јандексовиот ровер, јави еден од корисниците на „Пикабу“ (руски еквивалент на Reddit), а информацијата, инаку, за нашиот портал ја потврдија од службата за односи со јавноста на „Јандекс“.
„Синоќа, додека ја чекав жена ми од работа, го видов Јандексовиот робот за достава. Запираше кога ќе наидеше на минувачи, а потоа продолжуваше да се влечка“, напиша корисникот Rovenant.
Коментаторот Mike40in напиша дека го сретнал Јандексовиот ровер во Москва како чека на премин да се запали зеленото светло на семафорот, а кога се појавило, си отишол, подобро кажано, се одвлечкал.
Коментаторите го доживеаја како „страшно симпатичен“ и го споредија со роботот Вол-И од познатиот цртан на „Пиксар“.
Руската интернет-компанија „Јандекс“ го претстави роботот Јандекс ровер во ноември минатата година. На блогот на оваа компанија го споредуваат со возилото за движење на Месечината со шест тркала и висина од околу 50 сантиметри. Роверот е наменет за превоз на поситен товар кој може да се смести во специјалниот оддел во телото.
Никој не управува со роботот. Тој самиот си ја прави рутата и ги препознава пречките пропуштајќи ги луѓето и животните. Однесувањето на роверот го следат од далечина операторите за да не дозволат евентуални дефекти и судари.
На почетокот роверот разнесуваше документи и помали предмети во седиштето на „Јандекс“. Во април годинава роботите-курири почнаа да ја вршат таа функција во технолошкиот парк Сколково во Подмосковје, а во август во Интерполис во Татарстан. Задачите ги поставуваа самите вработени преку смартфон.
Во јули роботот првпат се појави во една улица во руската престолнина за да собере податоци со цел обука на вештачката интелигенција.
„Во овој момент имаме десетина ровери. Дел минуваат тестирање на разни дестинации, а два постојано работат во Сколково. Во иднина роботите ќе може да се користат како во сервисите на „Јандекс“, какви што се, на пример, „Једа“ или „Лавка“ (сервиси за достава на храна од ресторан), во работењето на други компании кои имаат потреба да достават помал товар од точка А во точка Б, како и во магацинската логистика“, велат од службата за односи со јавноста на „Јандекс“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче