ВИДЕО: Погледнете неуспешно лансирање на ракета од ЛПРС „Игла“ со среќен крај

Скриншот
На видеоматеријалот се гледа неуспешно лансирање на ракета од противвоздухопловен лесен преносен ракетен систем (ЛПРС) „Игла“. Инаку, се работи за многу сигурно оружје кое се стекна со завидна репутација во локалните конфликти ширум светот, вклучувајќи ја и агресијата на НАТО против СРЈ 1999 година.

Во 80-тите години на минатиот век советскиот воено-индустриски комплекс го развива ЛПРС со ознаката 9К38 „Игла-1“, кој имаше задача да го надмине својот претходник (ЛПРС „Стрела“) според различни тактичко-технички показатели. Тоа особено се однесуваше на интеграцијата на посовршената ИЦ глава за самонаведување која можеше да врши зафат на цели и во доаѓање. Ракетата поседуваше боева глава која имаше значително поголема разорна моќ, што го зголеми процентот на уништување на целта. Ракетата имаше поголем аеродинамичен облик, а и лансирниот механизам имаше вграден индикатор кој ги распознаваше своите и противничките воздушни објекти. Овие технички зафати му обезбедија на овој ЛПРС да води борба на далечина и до 5000 м, а во височина и до 3500 м. За неа подоцна беа развиени и модификации, па така настанаа верзиите со ознаките -Д, -В, -Н, -С. Последната верзија на семејството „Игла“ ја носи ознаката 9К338 „Игла-С“ и претставува модернизирана верзија на овој комплекс со значително зголемени тактичко-технички борбени потенцијали во однос на своите претходници. Во вооружувањето на руската армија влезе 2002 година. Ракетата е способна да пресретнува објекти кои летаат со суперсонични брзини, а зголемен е и нејзиниот дострел кој во далечина изнесува 6000 метри. Особено е ефикасна против против беспилотни летала и крстосувачки ракети. Нејзината разорна моќ е исклучителна и обезбедува практично 100% уништување на воздушни цели како на пример борбени авиони, хеликоптери, крстосувачки ракети и беспилотни летала.

Борбената примена на ЛПРС „Игла“ во локалните војни беше особено смртоносна за противничките хеликоптери. Така, на пример, припадниците на Војската на Република Српска со овој систем соборија француски повеќенаменски борбен авион Dassault Mirage 2000 при бомбардирањето на Република Српска. Исто така, постојат засега неофицијални податоци дека при НАТО агресијата врз СРЈ 1999 година со овој систем се погодени неколку американски тактички јуришници А-10 и борбени хеликоптери „Апачи“, како и дека „Иглите“ имале одлучувачка улога во одвраќањето на напаѓачите од копнена инвазија која сепак бара далеку поширока примена на „нисколетечка“ бомбардерска и хеликоптерска поддршка на трупите ангажирани на копно.

Лесните преносни противвоздухопловни ракетни системи (скр. ЛПРС) се појавија уште во 60-тите години на минатиот век и уште тогаш ја покажаа ефикасноста на својата примена. Стрелците наоружани со овие средства е многу тешко да бидат забележани на земја, затоа што системот според своето функционирање е пасивен, т.е. нема никаква емисија на топлотно ниту пак на електромагнетно зрачење. Од друга страна, тие во своите раце поседуваат исклучително убојно оружје способно да собори воздухоплов, без оглед на неговите габарити. Да не зборуваме за односот во цената меѓу една таква ракета и современ борбен авион, кој вреди десетици милиони американски долари.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња