Најсовршениот руски лесен преносен ракетен систем за противвоздушна борба „Верба“ доби нови можности. Благодарение на автоматизираниот систем за управување, тој може да гаѓа цели што операторот не ги гледа. На тој начин единицата која се наоѓа во движење, а која е опремена со ова средство, може над себе да образува непробојно поле за сите типови беспилотни летала. Самиот ракетен систем може да ја покрие зоната на оддалеченост и до 6.000 метри, додека ефективниот дострел по висина достигнува 4.000 метри. Се проценува дека овој систем масовно ќе влезе во вооружувањето на единиците на Копнената војска и на Воздушно-десантните единици (ВДВ). Според воените експерти современиот преносен ракетен систем „Верба“ може да влезе и во единиците на руската Воената морнарица и во Воздушно-космичките сили.
Преносните ракетни системи „Верба“ можат да гаѓаат и цели кои не се наоѓаат во видното поле на операторот, велат за весникот „Известија“ извори од руското Министерство за одбрана. Овие системи главно одат заедно со автоматизирани системи за управување, но исто така се поврзани со посебни командни пунктови. Специјалната техника им овозможува на операторите на овие системи претходно да го наведат своето оружје во насока на очекуваниот напад на непријателот, а исто така и на време да се подготват за дејство врз минијатурни воздушни цели (дронови) или крстосувачки ракети, додека тие сè уште не се видливо со голо око (додека не се наоѓаат во видниот спектар).
Во јуни информативната служба на Централниот воен округ соопшти дека во вежбаа на нејзините копнени единици е проверена функционалната врска меѓу операторот кој е вооружен со лесен преносен ракетен систем „Верба“ и со автоматизиран систем за управување (АСУ). Батеријата опремена со овие средства успеа со помош на радар да го детектира непријателот на оддалеченост од 80 километри. Автоматизираниот систем за управување имаше функција да определи прецизни параметри на откриена цел и да ги извести огнените позиции на кои се наоѓаа војниците вооружени со „верби“, од каде се очекува да наиде непријателот. Резултатот на ова содејство е што сите детектирани цели се уништени на оддалеченост од 3 до 6 илјади метри.
„Современите средства за детекција не можат точно да определат кој тип дрон се наоѓа во воздухот: дали е тоа извидувачки, ударен или дрон-камиказе“, вели на Интернет-порталот „Известија“, воениот експерт Виктор Мураховски. „Секој од овие апарати претставува голема опасност. Ние сме сведоци на бројни видеоматеријали кои доаѓаат од зоните на воени конфликти ширум светот, во кои се гледа колку беспилотните летала се опасни за време на уништувањето на воената техника и на командните пунктови. Истовременото уништување на овие летала-натрапаници со противвоздушни ракети е мошне скапа работа. Употребата на лесните преносни ракетни системи во овој конкретен случај е во голема мера поефикасна. Централизираното управување, зафатот на целта, побрзото проследување на задачите се мошне важни в функционирањето на единицата за противвоздушна одбрана. Порано фаќањето на целта со помош на лесни преносни ракетни системи беше мошне посложена задача. Денес со употреба на автоматизиран систем за управување, единиците кои во своето вооружување имаат ЛПРС можат да се борат не само со една, ами и со група непријателски цели.
Според податоците што ги има собрано руското Министерство за одбрана, руските бази кои се наоѓаат во Сирија речиси секојдневно се соочени со поединечни и со групни напади од минијатурни извидувачки и ударни дронови кои ги користат терористите. Непремостлива брана за овие напасти претставува системот за противвоздушна одбрана кој го покрива поширокиот простор околу овие бази. Посебно се ангажирано ракетните системи за противвоздушна одбрана со краток дострел како што се „Панцир С1“ и „Тор-М2“. Меѓутоа, неодамна се појави вест во која се наведува дека едно беспилотно летало што го контролирале терористите било соборено од руска „Верба“.
Новиот лесен преносен систем за ПВО 9К333 Верба со ракета 9М336 започна да влегува во вооружувањето на руската армија во 2014 година. Овој систем го разви Конструкторското биро за машиноградба , а први единици кои го усвоија овој систем доаѓаат од Копнената војска и од Воздушно-десантната војска.
Превооружувањето се изведуваше во обем кој одговара со бригадното и со дивизиското опремување. Според информациите што доаѓаат од руското Министерство за одбрана, оваа година беа реализирани големи испораки со овие ракетни системи на единиците на три комбинирани армии на копнената војска. „Верба“ не претставува само ракета од класата „воздух-земја“, а која се испукува од рамо. Според информациите на нејзиниот производител, во комплет со овој систем влегува во системот на нишанење/фаќање на воздушната цел, команден пункт на ракетари, радиолокациски станици со мали габарити, и друга опрема. Новиот систем е мошне покомплетен кога станува збор за информациско-комуникациски компоненти. Тој може да се поврзе во автоматизиран систем за управување на единиците за ПВО на различни нивоа.
Главната карактеристика на самата ракета се однесува на интеграција на нови 3-дијапазонски високочувствителни глави за самонаведување. Според информациите на производителите, таа е 10 пати поотпорна на попречување на претходните системи/ракети. Воздушните цели со мали габарити кои не зрачат топлина, како што се беспилотните летала и крстосувачките ракети, не се невидливи за самонаведувачаката боева глава на оваа ракета. Таа може да ја фати својата цел на далечини кои се два и пол пати поголеми одошто кај ракетата со 2-дијапазонски боеви глави.
Ефективниот дострел на лесно преносниот ракетен систем „Верба“ надминува 6.000 метри. Ракетата може да погоди цел на висина од 4.000 метри. Зголемената боева глава гарантира уништување не само на дронови и крстосувачки ракети, ами и повеќенаменски борбени авиони и ударни хеликоптери. Благодарение на интеграцијата на ноќниот нишан, ракетниот систем може да се употребува во сите временски услови и дење и ноќе.
Во состав на една батерија која е опремена со овие средства се наоѓа радарска станица со мали габарити 1Л122 „Гармоњ“. Малиот портабл радар може да открие воздушни цели на оддалеченост и до 40 километри. Доколку е неопходно овој радарски систем може да прими податоци и од автоматизираниот систем за управување кој се наоѓа во единицата за ПВО во ранг на дивизион.
Боевите модули кои се опремени со лесни преносни ракетни системи широко се применуваат на различни типови борбена техника што ја користат копнените единици на руската армија. Токму овој систем може да се монтира на различни платформи како што се бродови, хеликоптери, гасенични платформи, како и оние на тркала (оклопни автомобили и транспортери). За непосредна заштита на пешадијата, воздушно-десантните единици и спецназот минатата година направени се мобилни системи за ПВО кои ја носат ознаката „Гибка-С“. Овој систем е вооружен со ракетите Верба, како и со ракети кои се со нешто постар датум на производство, но и понатаму се мошне ефикасни. Лансирната опрема и средствата за детекција и за нишанење се монтираат на оклопниот автомобил „Тигар-М“. Вака конципираниот систем може да дејствува во движење со брзина од 30 километри на час.
Сличен систем се наоѓа и во единиците на руската воена морнарица. Тој има ознака 3М47 „Гибка“ и главно се наоѓа во вооружувањето на малите артилериски бродови од класата 21630 „Бујан-М“, кои покрај со овој систем се вооружени и со крстосувачки ракети Калибр.
Веќе зборувавме дека овој систем може да се види и во вооружувањето на современите ударни хеликоптери. Тој ќе се најде и во арсеналот на ударните хеликоптери Ми-28НМ и Ка-52М. Негова основна намена ќе биде заштитата на овие хеликоптери од напади од воздушниот простор, како и операции на „лов“ на непријателски беспилотни летала.
Интересно е да се истакне дека со лесните преносни ракетни системи „Верба“ ќе бидат вооружени и екипажите кои управуваат со далекустрелни радари. Нивна основна намена ќе биде одбрана на овие софистицирани борбени техники од нападите на ударните беспилотни летала.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче