Русија го има единствениот пловечки космодром на светот. Зошто тој беше проблем?

Виталиј Ањков/Sputnik
Уште на почетокот на овој месец постоеше можност оваа уникатна платформа да заврши како старо железо. А, сега е решено дека во неа ќе се вложат милијарди.

Пловечкиот космодром „Морски старт“ распламти многу надежи откако се најде во сопствеништво на руска компанија. Како прво, тоа беше единствениот космодром во приватно, а не во државно сопствеништво, како и единствен проект на „тешката“ приватна космонаутика во Русија. Како второ, Русија не го набави без мака. Како трето, никој на светот освен Русија нема пловечки космодром.

Последниот фактор најмногу ја распламти фантазијата. Зашто мобилен космодром среде Тихиот океан овозможува ракетите да се лансираат директно од екваторот. Доколку космодромот се наоѓа на екваторот, од него може да се лансира поголем товар со максимално ефикасно користење на енергијата на ротација на Земјата. Ова е уникатен проект, на кој му завидува дури и Илон Маск.

Како Русија дојде до космодромот?

Првобитно тоа беше меѓународен проект, иако со руски „корени“. Во 1993 година идејата за ваков космодром настана во водечката руска корпорација за производство на ракети „Енергија“, но компанијата немаше пари за проектот. Тогаш беше решено да се вклучат странски партнери. Акциите ги поделија американскиот „Боинг“ (40%), руската „Енергија“ (25%), украинските бироа „Јужное“ (5%) и „Јужмаш“ (10%) и норвешката компанија „Акер Кварнер“ (денес „Акер Солушн“).

Освен тоа, во балтичкото пристаниште згодно се најде самоодната јапонска нафтена платформа „Одисеј“, истата таа која во 1988 година преживеа пожар и влезе во светската историја на најголемите поморски катастрофи. По пожарот никој повеќе не ја користеше за првобитна намена и неколку години нејзиниот ‘рѓосан труп можеше да се види од пристаништата на шкотскиот град Данди. Потоа платформата беше донесена и поправена во Виборшкото бродоградилиште.

Пловечката платформа „Одисеј“, бродот кој оди со неа, како и целокупната опрема на нив, и копнената база во пристаништето Лонг Бич во близина на Лос Анџелес – сето тоа беше проектот „Морски старт“. Во 1998 година од него беа изведени 36 лансирања, од кои 32 успешни. Излезе дека тоа не беше доволно за покривање на сите трошоци и во 2009 година конзорциумот банкротираше. Неговата инфраструктура најпрво премина во сопственост на „Енергија“ и на “Роскосмос“, а потоа во 2016 година ги откупи руската космичка компанија С7 Спејс. Блумберг тогаш врз основа на свои извори ја процени вредноста на платформата на 100 милиони американски долари.

„Морски старт“ беше главниот имот на компанијата С7 Спејс која планираше да стане директна конкуренција на Илон Маск и на неговата Спејс Икс, притоа создавајќи своја ракета-носач. Оттогаш странските медиуми почнаа да го споредуваат основачот на С7 Спејс Владимир Фиљов со Илон Маск и со Џеф Безос, предвидувајќи интересна космичка трка. Меѓутоа, С7 тогаш не откупи завршен и профитабилен бизнис, ами проект кој е буквално преоптоварен со проблеми. Компанијата беше уверена дека ќе се избори со нив.

Коронавирусот го уништи нивниот сон

Една од главните тешкотии беше недостигот од ракета. Поради настаните во Украина во 2014 година украинскиот „Јужмаш“ одби за „Морски старт“ да ја испорача за него прилагодената ракета-носач „Зенит“. Воспоставувањето сложена шема со учество на Украина, САД и Русија се изјалови.

Тогаш компанијата се сврте кон ракетата „Сојуз-5“ (Иртиш) на која работи „Роскосмос“, но таа треба да се појави дури во 2023 година. А, со оглед дека од територијата на САД не може да се лансира руска ракета, целиот космодром мораше да биде префрлен преку Тихиот океан до Приморскиот крај на Русија. Овој маневар, од друга страна, изискуваше од почеток да се изгради цела крајбрежна инфраструктура. Сето тоа време платформата која се користи од деведесеттите години на минатиот век продолжи да старее, а покрај тоа и не е во функција. Имено, последното лансирање од неа е изведено во 2014 година.

Сите космички амбиции на С7 конечно ги закопа коронавирусот. Во приватната авиокомпанија со финансиски загуби поради пандемијата, за сето тоа повеќе нема пари, и таа космодромот го понуди на продажба како непрофитен имот. Но, уште во јуни 2020 година никој не виде смисла во таквото купување,

Престижот е над парите

На форумот „Армија-2020“ потпретседателот на руската влада Јуриј Борисов соопшти дека пловечкиот космодром ќе биде обновен, со почетно вложување од 35 милијарди рубли (претходно „Росатом“, земајќи ја предвид инфлацијата, трошоците за нејзина обнова ги процени на 91 милијарда рубли, што е за 8 пати повеќе од цената за која е купен од С7). Оваа одлука е донесена, според зборовите на Борисов, по советувањето со претседателот на Русија Владимир Путин.

Чии средства ќе бидат вложени останува отворено прашање. Меѓу можните инвеститори се појавуваат „Росатом“, „Роскосмос“ и уште некои фондови и банки зашто се „потребни пари“. Објаснувајќи зошто космодромот треба да се спаси, Борисов рече: „За нас би било глупаво да не го обновиме 'Морски старт' и да не го користиме. Сето тоа е технички можно“.

Но, независните експерти тврдат дека постои само една причина за оваа одлука: „Морски старт“ се спасува поради престиж. „Сепак тоа е интересен проект од техничка гледна точка, единствена пловечка платформа“, вели основачот на проектот „Отворен космос“ Виталиј Егоров.

Според него, од комерцијална гледна точка „Морски старт“ на Русија не ѝ е потребен. „Тој ќе биде конкуренција на руската Ангара-5 и на космодромот Восточни, домашните потреби, како државните, така и комерцијалните, не се доволни за овие два проекти, а на светскиот пазар тешко дека ќе може да се натпреварува со СпејсИкс“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња