Која атомска подморница ќе ги користи новите ракети „Калибар-М“ со дострел над 4000 километри

Слободан Ѓукиќ
Соговорник на агенцијата ТАСС рече дека новите крстосувачки ракети „Калибар-М“ ќе имаат можност да се лансираат со конвенционална разорна или нуклеарна боева глава. Нивниот дострел ќе надминува 4 илјади километри.

Пред малку повеќе од еден месец во бродоградилиштето „Севмаш“ започна изградбата на атомските подморници „Воронеж“ и „Владивосток“. Двете подморници спаѓаат во класата јуришни подморници на нуклеарен погон 885М „Јасен-М“. Овие подморници ќе бидат првите кои ќе ги носат новите крстосувачки ракети „Калибар-М“ чиј ефективен дострел ќе изнесува преку 4000 километри. Овие информации на рускиот веб-портал ТАСС му ги пренесе извор од одбранбено-технолошкиот комплекс, кој со своите експонати учествува на Меѓународниот саем на современо вооружување и воена техника „Армија-2020“.

„Новите повеќенаменски подморници ќе станат платформа која ќе биде наоружана со целосно нов тип крстосувачки ракети „Калибар-М“ чиј дострел ќе надминува 4000 км“, рече соговорникот на оваа новинска агенција. Изворот додаде дека новите крстосувачки ракети „калибар“ ќе имаат можност за опремување со конвенционална разорна боева глава, вклучувајќи и нуклеарна боева глава. Ракетите „Калибар“ првпат беа употребени на 7 октомври 2015 година во Сирија, кога беа ракетирани позиции на терористите. Тогаш беа истрелани вкупно 26 ракети „Калибар“ од водите на Каспиското море. Ракетите беа лансирани од ракетниот брод од класата 11661К „Дагестан“ и малите ракетни бродови од класата 2163 – „Град Свијажск“, „Велики Устјуг“ и „Углич“.

Првата подморница од класата 885 „Јасен“ (име „Северодвинск“) влезе во состав на Северната флота во 2014 година. Во меѓувреме, руските конструктори направија проект за модернизација на јуришните подморници од оваа класа кој ја доби ознаката 885М „Јасен-М“. Првата подморница изградена според модернизираниот проект - 885М „Казањ“, влезе во оперативното вооружување на руската Воена морнарица во 2020 година.

Во овој момент бродоградежната компанија „Севмаш“ вкупно гради пет подморници од класата 885М „Јасен-М“ кои се наоѓаат во различни стадиуми на својата изградба.

Основното вооружување на повеќенаменските нуклеарни подморници од класата 885/885М се крстосувачките ракети со подводно базирање „Калибар-ПЛ“ кои имаат дострел од неколку илјади километри. Тука уште се наоѓаат и „убијците“ на носачи на авиони - суперсоничната ракета „Оникс“, додека подморниците од модернизираниот проект 885М ќе можат да носат и подводна верзија на хиперсоничната ракета „Циркон“ од која нема одбрана.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња