Удар од копно и море: „Алмаз-Антеј“ интензивно работи на унапредување на ракетите „Калибар“

Слободан Ѓукиќ
Дефинитивно може да се заклучи дека модернизираните ракети „Калибар“ ќе имаат поголем ефективен дострел, но и дека ќе дојде до извесни промени на нивните габарити. Техничкото опслужување ќе биде поедноставено, а ќе бидат продолжени и роковите на нивната експлоатација. Исто така, се најавува проширување на листата борбени платформи од кои ќе можат да се применуваат овие ракети.

Рускиот концерн „Алмаз-Антеј“ во блискиот временски период ќе му предложи на Министерството за одбрана на РФ пакети модернизација за унапредување на ракетниот комплекс „Калибар“. Ова неодамна го соопшти претседателот на директоратот на концернот Михаил Фрадков.

Крстосувачката ракета „Калибар“ сигурно претставува еден од главните ударни адути кој се наоѓа во вооружувањето на површинските бродови и подморници на руската Воена морнарица. Пошироката јавност се запозна со нив откако бродовите на Касписката флотила изведоа масивен ракетен напад (1) врз цели на терористите во Сирија. Овие цели се наоѓаа на далечина од околу 1500 километри и притоа беа уништени со голем степен на прецизност.

Концернот „Алмаз-Антеј“ интензивно работи на проекти за модернизација на ракетниот комплекс „Калибар“ кој се базира на различни платформи. За површинските воени бродови е развиена варијанта на ракетата која ја носи ознаката „Калибар-НК“, додека за подморниците е развиена варијанта на ракетата со ознака „Калибар-ПЛ“. Во февруари 2019 година рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу даде изјава во која се зборува за неопходноста од развој на копнена варијанта на комплексот „Калибар“ како одговор на излегувањето на САД од Договорот за уништување и забрана за производство на ракети со краток и среден дострел. Така што сите очекуваат скора појава на уште посовршени верзии на ракетите „Калибар“ со значително подобри тактичко-технички карактеристики.

Извесно е дека пакет модернизација ќе претрпи крстосувачката ракета со ознака ЗМ-14 која е наменета за удари по копнено-стационарни цели, како и противбродската варијанта на ракетата која ја носи ознаката ЗМ-54. Пред две години руското Министерство за одбрана побара од военоиндустрискиот комплекс да ги реализира проектите за модернизација на овие ракети, да го поедностави нивното техничко опслужување и да ги продолжи роковите за нивна експлоатација.

Процените се дека максималниот ефективен дострел што можат да го постигнат ракетите ЗМ-14 од составот на бродскиот комплекс „Калибар-НК“ е околу 1500 км. Постојат податоци дека ракета опремена со разорно-фрагментарна боева глава може да достигне 2000 км, додека варијантата со термонуклеарна боева глава може да ја погоди својата цел на далечини и до 2600 км. Меѓутоа, засега сето тоа е нагаѓање, затоа што прецизните тактичко-технички перформанси на овие ракети се наоѓаат под превезот на воена тајна. Сепак, дефинитивно може да се заклучи дека модернизираните ракети „Калибар“ ќе имаат поголем ефективен дострел, но и дека ќе дојде до извесни промени во нивните габарити.

Руската Воена морнарица ја изрази својата желба дека би сакала да поседува крстосувачка ракета која може да ја погоди својата цел на далечина поголема од 4500 км. Рускиот военоиндустриски комплекс веќе работи на овој проект кој во јавноста е означен како „Калибар-М“.

Во склад со изнесеното оди и изјавата на рускиот претседател Владимир Путин, кој при крајот на минатата година рече дека руската морнарица ќе го удвои бројот на воени бродови кои ќе бидат во состојба да носат крстосувачки ракети „Калибар“. Ова тој го изјави на работниот состанок со највисоките офицери на руската армија, кој во декември 2019 година се одржа во градот Сочи.

(1) Ракетите „Калибар“ првпат беа употребени на 7 октомври 2015 година во Сирија, кога беа ракетирани позиции на терористите. Тогаш беа истрелани вкупно 26 ракети „Калибар“ од водите на Каспиското море. Ракетите беа лансирани од ракетниот брод од класата 11661К „Дагестан“ и малите ракетни бродови од класата 2163 – „Град Свијажск“, „Велики Устјуг“ и „Углич“.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња