Како руска техника осуети напад на „невидливи“ F-35 на Иран и спречи судир од поголеми размери?

Слободан Ѓукиќ
Драматичната ситуација настана непосредно по ракетирањето на американските воени бази во Ирак на 8 јануари оваа година. Имено, група американски повеќенаменски ловци-бомбардери F-35 во борбена формација се приближуваше до воздушниот простор на Иран со намера да изврши возвратни удари по витално важни објекти на Исламската Република, што сигурно ќе предизвикаше разгорување на судир со несогледливи последици.

Извозната верзија на радарско-набљудувачкиот систем „Резонанс-Н, која се наоѓа во вооружувањето на ПВО на Војската на Иран, успеа на голема далечина да детектира и зафати американски авион-ловец од петтата генерација F-35 кој во борбен режим се приближуваше до воздушниот простор на Исламската Република.

„Целиот настан се случи на почетокот на 2020 година, по веќе познатите настани. Радарска станица откри и изврши стабилно следење на американски ловец од петтата генерација F-35. Благодарение на екипажот на оваа радарско-набљудувачка станица, која преку отворени канали ги пренесе информациите за прецизната маршрута на детектираните летала, противничката страна не изведе напад кој ќе доведеше до судир од поголеми размери“, изјави заменик-генералниот директор на компанијата НИЦ „Резонанс“ Александар Стуличин, а пренесе веб-порталот РГ.

На 8 јануари оваа година Иран изведе ракетни удари по објекти на две американски воени бази во Ирак. Акцијата уследи откако американската војска го ликвидираше генералот на „Корпусот на стражата на исламската револуција“ Касем Сулејмани.

„Резонанс-НЕ“ (Резонанс-НЭ) претставува извозна верзија на современата стационарна радарско-набљудувачка станица што ја произведува руската компанија НИЦ „Резонанс“. Наменет за откривање и следење на широк спектар воздушни објекти на големи далечини. Стационарната станица „Резонанс“ е способна прецизно да ги класифицира сите современи летечки објекти, вклучувајќи ги и оние кои имаат стелтни карактеристики, како и мини-беспилотни летала и летала кои се движат со хиперсонична брзина. Оперативните способности на радарскиот комплекс значително ги подобрува интеграцијата на фазната антенска решетка, каде локаторот преку системот за информирање во автоматски режим на работа разменува податоци со останатите радарски системи.

„Резонанс“ е способен да открие цели на далечини преку 1000 км. На растојание до 600 км тој ги синтетизира комплетните информации за зафатените цели, неопходни за наведување и гаѓање со системите на ракетната ПВО со голем дострел. Претпоставката е дека во режимот на следење неговиот процесор може да обработи повеќе од 500 цели.

Специфичноста на овој комплекс е што нема карактеристична ротирачка антена. Скенирањето на просторот во круг од 360 степени се врши со помош на посебни електронски средства. На овој начин се зголемува параметарот на сигурност на целокупниот систем, се продолжува неговиот работен век и се намалува потрошувачката на неопходната енергија. Комплетната радарска станица е направена исклучиво со употреба на руска технологија. „Резонанс-Н“ е специјално наменет за користење во суровите арктички услови.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња