Што ќе поседува модернизираниот „Армата-М“? Нов топ, масивни кинетички пенетратори, ласери...

Руските конструктори работат на пакет модернизација за основниот борбен тенк од новата генерација Т-14 „Армата“. Основната карактеристика на овој пакет е изработка на нова купола која ќе може да интегрира топ со калибар 152 мм. Моменталното основно орудие на стандардната верзија на тенкот „Армата“ претставува топот со калибар 125 мм. Покрај тоа, се планира и развој на нова тенковска муниција која ќе се одликува со поткалибарски пенетратор кој ќе лета со хиперсонична брзина, како и унапредени типови на високоексплозивна муниција со  со далеку поразорни ефекти на целта, пишува Mars.online.

Имено, руските конструктори веќе далеку стигнаа кога е во прашање развојот на нови типови муниција (тенк “Армата”) која се состои од поткалибарски пенетратор. Така руското Министерство за одбрана на РФ кон крајот на јануари објави информација дека годинава ќе ги набави најновите покталибарски проектили за борба против непријателска тешка оклопна техника 3БМ44 „Лекало“. Имено, до крајот на годината војската ќе добие околу две илјади вакви проектили. Со оваа муниција, руските тенкови ќе можат ефикасно да уништат современа оклопна техника на далечина од 3-5 километри.

„ЗБМ44 „Лекало“ е компатибилен со сите тенковски топови со калибар 125 мм кои денес се користат во руската армија. Во арсеналот муниција што ја користат овие топови, „Лекало“ е надвор од секоја конкуренција“, изјави своевремено воениот експерт Алексеј Хлопотов за „Известија“ и додаде дека „ако неговиот претходник „Манго“ (исто така поткалибарски проектил) може да пробие тенковски оклоп со дебелина од 520 мм на растојание од 2000 метри, тогаш „Лекало“ од истата далечина пробива 650 мм оклоп. Ова е доволно за пробивање на американскиот основен борбен тенк M1A2 „Абрамс“ (негова модификација).

Токму на база на овој проектил руските конструктори на тенковска муниција работат над кинетички проектил од прва генерација за топот со калибар 152 мм. Овој проект го носи кодното име „Вакуум-1“ и засега има многу малку податоци за него. Претпоставката е дека овој проектил ќе има способност да пробие хомогена панцирна плоча со дебелина од 850-1000 мм, под агол од 90 степени на далечина поголема од 2000 метри.

Врз основа на материјалот што го усвоија експертите на 38 Научно-истражувачки институт за тенковско вооружување и воена техника, веќе постојат сериозни планови за унапредување на основниот борбен тенк Т-14 „Армата“. Стручњаците укажаа на сите потенцијални предизвици што ги чекаат современите тенкови до крајот на оваа деценија и врз основа на нив предложија мерки кои би биле составен дел на идниот пакет модернизација на тенкот „Армата“. Накратко, се работи за усвојување на дизајнот на нова купола со основно орудие со калибар 152 мм, перспективен комплет тенковски гранати и ракети, интеграција на извидувачко беспилотно летало кое би било составен сегмент на тенкот и перспективен примопредавателски комплекс за врска.

Експертите за оклопна техника предложија и понатамошно унапредување на оклопната заштита на тенкот. Тие предлагаат усвојување на систем кој ќе овозможи далечинска неутрализација на самонаведувани противтенковски средства на непријателот, автоматска детекција и уништување на цел на далечина до 1000 метри, далечинска неутрализација на противтенковски мини, како и вградување на ласерски уред за одбрана на наведувани противтенковски ракети. Модернизираниот тенк ќе има заштита од ласерски сноп наменет за „ослепување“ на компонентите на системот за управување со огнот.

Модернизираниот „Армата“ ќе добие и далеку поекономичен дизел-мотор, потоа ќе бидат дуплирани функциите за рачно управување со вооружувањето и статусот на моторот, а исто така ќе биде подобрена и општата ергономија на тенкот и неговата интегрираност со екипажот.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња