Бројни купувачи кои користат НАТО-куршум 5,56 мм ја сакаат модифицираната автоматска пушка АК-12

Калашников
На Меѓународниот военотехнички саем „Армија-2020“ ќе биде претставена новата автоматска пушка АК-19 која ќе користи муниција на НАТО со калибар 5,56 мм. Еден од водечките луѓе на концернот „Калашников“ кој ќе биде присутен на штандот на овој познат производител на стрелечко вооружување Владимир Онокој напомена дека овој куршум е еден од најпопуларните на светот.

Концернот „Калашников“ на Меѓународниот военотехнички форум „Армија-2020“ ќе ја претстави новата верзија на автоматската пушка АК-12, која користи НАТО-куршум со калибар 5,56 мм. Оваа автоматска пушка ја носи ознаката АК-19. Како што изјави за новинарите главниот експерт на концернот „Калашников“ Владимир Онокој, од моментот кога во руската војска се појавија автоматските пушки АК-12, концернот почнал да добива голем број барања од страна на бројни странски нарачатели, во кои се бара модус истата пушка да се конвертира за употреба на НАТО-муниција со калибар 5,56. На руските конструктори не им беше тешко да одговорат на овој предизвик, па врз база на АК-12 е конструирана автоматската пушка АК-19, пренесува веб-порталот ТАСС.

„Ние добивме конкретна понуда која гласеше – „ја сакаме автоматската пушка АК-12, но со калибар 5,56 милиметри“, поедноставено прераскажува Онокој. Тој во продолжение прецизира дека на конструкторите на концернот „Калашников“ не им било тешко да излезат во пресрет на сите овие барања и да произведат оригинално оружје со калибар на куршумот кој е стандарден за вооружените сили на земјата која е нарачател на зделката.

Тој нагласи дека куршумот со калибар 5,56 мм е многу популарен во светот. Првите руски автоматски пушки направени со НАТО-калибар ги носеа ознаките АК-101 и АК-102. АК-19 претставува понатамошна еволуција на семејството автоматски пушки чија основа лежи во базичната верзија АК-12.

Од 2018 година оваа автоматска пушка се произведува сериски и се испорачува на единиците на руската армија. Првично оваа автоматска пушка беше развивана да биде интегрален дел на борбено-тактичкиот комплет „Ратник“, со идеја да ги замени веќе застарените автоматски пушки АК-74 кои беа стандардни во единиците на руската армија, како и во другите безбедносни структури. Покрај модификацијата АК-19 со НАТО-калибар, врз база на АК-12 е направен и лесниот митралез РПК-16, потоа експерименталните модели АК-12К и АК-15К, кои претставуваат скратени верзии на автоматските пушки АК-12 и АК-15. Во план е изработка на цивилни верзии на овие пушки.

Меѓународниот военотехнички саем на оружје и воена техника „Армија-2020“ се одржува од 23 август на просторот на воено-патриотскиот парк на културата и одморот на Вооружените сили на Руската Федерација „Патриот“ во подмосковска Кубинка.

Прочитајте повеќе: Направен автомат „Калашников“ за НАТО-муниција

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња