„Охотник“ доби ривал: групата „Кронштат“ го претставува ударниот дрон со голема брзина „Гром“

Youtube
На Меѓународниот военотехнички саем на оружје и воена опрема „Армија-2020“, кој од 23 август ќе се одржува на просторот на воено-патриотскиот парк на културата и одморот на Вооружените сили на Руската Федерација „Патриот“, ќе биде претставено перспективното ударно беспилотно летало „Гром“, кое во руските медиуми се перципира како потенцијална конкуренција на тешкиот ударен дрон „Охотник“.

На воздухопловниот дел на изложбата која ќе биде претставена на Меѓународниот воено-технички саем на вооружување и воена техника „Армија-2020“ ќе бидат презентирани развојните проекти на групата  „Кронштат“, како што е на пример перспективното ударно беспилотно летало со голема брзина „Гром“, пренесува веб-порталот РГ.

На сајтот на оваа група е објавен текст од кој може да се види дека главната намена на ова беспилотно летало негова борбена употреба во предниот ешалон на силите што настапуваат, детекција и неутрализирање на системите за противвоздухопловна одбрана на условниот непријател, напад со високопрецизно оружје врз копнени и поморски цели на непријателот во тактичката и оперативно-тактичката длабочина на фронтот, како и реализација на операции за надзор и извидување.

Распонот на крилата на ударното беспилотно летало со голема брзина „Гром“ е 3,8 метри, додека неговата должина е околу 13,8 м. Полетната маса достигнува 7 тони, а количината на убојни средства која може да се монтира на леталото изнесува два тона. Другите летечко-технички и тактички карактеристики на ова беспилотно летало засега не се познати.  Исто така, неизвесно е во каков вид ќе биде претставено беспилотното летало „Гром“ на посетителите на Меѓународниот военотехнички саем „Армија-2020“.  

Полесна верзија на тешкиот ударен дрон „Охотник“?

С-70 „Охотник“ според процените ќе достигнува маса до 25 тони, што е, на пример, двојно повеќе од тактичкиот ловец од четвртата генерација МиГ-29. Ќе може да оствари висока супсонична брзина на летање која ќе изнесува околу 920 км/час. С-70 ќе може да прелета 3500-6000 км и да достигне висина (плафон на лет) над 10000 метри. Оттаму со високопрецизно оружје ќе може да уништува непријателски копнени цели и да врши операции на воздушно извидување. Процените се дека „Охотник“ ќе може да понесе средна до голема количина убоен товар која се движи во распон од 2-8 тони.

Минатата година руското беспилотно летало „Охотник“ успешно ги реализираше експерименталните летови без оглед на периодот на денот или временските услови. Тоа ќе има способност да дејствува потполно самостојно или во координација со авионите-ловци од петтата генерација Су-57, како и со останатите летала со слична намена.

Дронот ќе биде направен со технологија која ќе му обезбеди мала радарска рефлексивност-видливост. Основната конструкторска база за изработка на ова летало е концептот на „летечко крило“. Убојното вооружување ќе го носи во внатрешните борбени спремници, слично како кај ловците од 5 генерација. Корпусот на беспилотниот апарат ќе биде направен од композитни материјали.  

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња