Последниве неколку месеци дојде до нагол пораст на потенцијално многу сериозни инциденти во кои учествуваа американски и руски авиони. Повеќето вакви инциденти се регистрирани во близина на руските граници, поточно во меѓународниот воздушен простор над Црното море. Ваквите настани не можат секогаш во целост да се исконтролираат, поточно доволно е минимално невнимание на директните учесници па да дојде до инцидент со тешки последици. Воздушниот простор над акваторијата на Црното море во последно време е епицентарот на ваквите настани, пренесува веб-порталот inosmi.ru.
Кон крајот на јули руски авиони-ловци Су-27 извршија пресретнување на два американски извидувачки авиони. Според руски извори, тоа беше четврти пат руски борбени авиони да пресретнуваат американски извидувачки летала последната недела на јули. Сите пресретнувања се извршени во близина на руските граници. Не поминаа неколку дена, а на истото место повторно дојде до сличен инцидент во кој учествуваа американски извидувачки авиони кои особено се „настрвија“ на набљудување на поблиската руска континентална зона која ја заплискуваат водите на Црното море.
Американскиот експерт Џејсон Дик забележува дека официјален Пентагон во своите прес-брифинзи воопшто не обрнува внимание на овие инциденти. Според него, САД покажуваат „сé поголем интерес за овој регион поради потенцијални растечките тензии меѓу Руската Федерација и НАТО-членката Романија, особено кога е во прашање остварување контрола над внатрешните води на Црното море“.
По инцидентот што се случи на 30 јули оваа година, американски официјални лица изјавија дека во таа пригода руски авион-ловец Су-27 дошол многу близу до американско извидувачко летало. Пентагон го оцени овој маневар на рускиот пилот како исклучително опасен. Ваквиот одговор на Пентагон стана вообичаена пракса кога се во прашање блиски средби меѓу американски и руски авиони. Во јануари 2018 година американското Министерство за одбрана изјави дека руски авион-ловец се доближил на само 1,5 метри на американско летало кое се движело над акваторијата на Црното море. Покрај тоа, во септември 2016 година САД објавија дека во средба на руски и американски авион, првиот го претекнал американското летало на меѓусебна оддалеченост од само три метри.
Десетици, ако не и стотици слични ситуации се случуваат секоја година. Главната зона на инцидентите не е само акваторијата на Црното море, туку слични настани можат да се видат и над Балтичкото море, како и над копнениот дел на границата меѓу Руската Федерација и државите-членки на НАТО. Исто така, во овие инциденти треба да се вбројат и спектакуларните прелети на руските бомбардери над бродовите на американската Воена морнарица. Иако двете страни можат да се обвинат за непотребно провокативно и опасно однесување, треба да се биде искрен и да се каже дека сепак САД се одговорни за поголемиот дел од вината.
Имено, според истражувањата што ги направи американскиот телевизиски канал Ен-би-си Њуз (NBC news), повеќето од овие инциденти се случиле над акваториите на Црното и Балтичкото море. Овој медиум констатира дека главна причина е „опасното приближување на руските борбени авиони до американските летала, при што Русија се обидува да го поврати своето влијание по должината на своите граници“. Треба исто така да се признае дека руските летала повремено изведуваат провокативни мисии кон територијата на САД, особено кон зоната на Алјаска, како и дека се чини дека бројот на овие инциденти како што одминува времето се зголемува. Меѓутоа, нивниот број е далеку помал за разлика од бројот на летови што ги реализира американското Воено воздухопловство по должината на руската државна граница. Со други зборови, големо мнозинство вакви инциденти се одигрува во зоната на руско влијание, илјадници километри далеку од американските брегови. Непобитен факт е дека САД и НАТО во целина се обидуваат да ја опколат Русија, што не е така во спротивниот случај, па затоа на ваквите инциденти треба да се гледа токму во овој контекст.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче