ТОП-4 заборавени возила од ерата на поранешниот СССР

Покрај робусната и издржлива борбена техника која се наоѓаше во состав на единиците на советската армија, во нејзините редови имаше и свечени кабриолети, како и специјални теренски возила за офицерите со повисоки чинови. Дел од овие автомобили долги години учествуваше на воените паради, или служеше за комфорен превоз на високи воени службеници преку водени препреки или нерамен терен. Некои од овие возила можеа да се видат и на неодамна одржаната воена парада по повод Денот на победата на Црвениот плоштад во Москва. Оваа техника одблизу може да се види и во Музејот на воена техника кој се наоѓа во подмосковска Кубинка (60 километри од центарот на градот).

УАЗ-3172 (проект „Вагон“)

Кон крајот на седумдесеттите години од минатиот век советските конструктори работеле на замена на легендарните УАЗ. Проектот „Вагон“ беше експериментално теренско патничко возило со погон на сите четири тркала. Главната замисла на конструкторот беше да се добие лесна конструкција која е поволна за употреба на патиштата на сите категории, вклучувајќи и нерамно испресечен пат.

Возилото се движеше со мотор кој генерираше 100 коњски сили. На рамен пат УАЗ 3172 можеше да развие брзина од 130 километри на час. Неговата носивост изнесуваше околу 1.000 килограми, а во него можеше да собере и до 10 лица.

„На тестирањата што беа реализирани кон крајот на седумдесеттите години од минатиот век теренското возило во конкуренција со странските аналози прикажа подобри технички перформанси. Кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век возилото беше подготвено и за сериско производство, меѓутоа поради распадот на Советскиот Сојуз проектот згасна и сега еден од ретко произведените модели на ова возило може да се види во музејот Кубинка“, вели за Russia Beyond професорот на академијата за воени науки Вадим Козјулин.

Амфибија „Јагуар“

Кон средината на осумдесеттите години од минатиот век советските конструктори за потребите на воздушно-десантните војски ја развија амфибијата УАЗ-3907, според техничкиот проект „Јагуар“. Според Козјулин, согласно техничката задача „Јагуар“ мораше да совладува видени препреки во услови на сложени метеоролошки услови, каде на површината на водата се наоѓаат високи бранови. За време на тестовите на експерименталниот модел на реката Волга, тој се покажа како високоефикасно амфибиско средство кое од вода излегуваше само за дополнување гориво.

И сето тоа беше во ред, доколку и тука проблем не беа парите. Едноставно, во државната каса немаше доволно финансиски средства за да се организира негово сериско производство, а целиот проект потоа се зави во густата магла на заборавот.

ТПК Луаз-967

За разлика од претходно споменатите два проекти ТПК Луаз-967 по успешно завршената експериментална фаза дојде до сериско производство. Тој влезе во составот на советските падобрански и медицински единици. Оваа амфибија се користеше во единиците на советската армија за евакуација на ранети луѓе од фронтот кои се наоѓаа на мошне непристапен терен, потоа за акции за транспорт на муниција, вооружување и друга опрема. Интересно е да се спомене дека во централниот дел на возилото се наоѓаше волан кој се склопува и кој му овозможува на возачот управување во полулежечка состојба, што е посебна важност кога на возилото дејствува непријателот.

ЗИЛ-115В

Ова возило е произведено само во 3 примероци. Неговата функција била парадна, односно за време на големите воени манифестации неговите корисници беа највисоките воени раководители. Првиот од овие парадни кабриолети, беше наменет за министерот за одбрана, вториот за командантот на парадата, додека третиот постојано беше во резерва, подготвен да влезе доколку дојде до дефект на некое од двете први возила, или поради други непредвидени ситуации.

ЗИЛ-115В е направен врз база на крилатицата „сигурноста пред сè“. Конструкторите го дуплираа системот за палење на возилото и во него интегрираа два акумулатори. Покрај тоа, овој автомобил доби низа други таканаречени „парадни“ модификации. Така во него се наоѓаат микрофонски инсталации со озвучување, радиостаница во просторот за багаж кој работи во специјален систем за врска од затворен тип, како и грејачи кои го загреваат подот на возилото за да обезбеди максимален комфор за неговите корисници во текот на државните манифестации (командант на парадата).

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња