Бомбардерите Су-34 им овозможија на единиците на две руски армии да прејдат во контраофанзива

Вадим Савицки/Global Look Press
Генералното сценарио на воената вежба предвидува содејство на две оперативно-стратешки единици на руската армија со цел организација на одбраната и запирање на настапувањето на најкрупните единици на условниот непријател, кршење на неговиот напад, брз премин во контраофанзива и негово конечно уништување. Притоа се употребени и воздухопловни потенцијали со современи ловци-бомбардери Су-34.

Четири повеќенаменски ловци-бомбардери Су-34 изведоа воздушни удари по копнени цели кои имитираа лансирни системи на противвоздухопловната одбрана на условниот непријател. Оваа активност на борбената авијација е реализирана во рамките на големата воена вежба во која учествуваат единици на 41 и 2 гардиска комбинирана армија на Централниот воен округ (ЦВО), а кои се изведуваат во Оренбуршката област.

Екипажите на ловците-бомбардери Су-34 со помош на системот за противелектронска борба „Хибини“ создадоа лажни цели кои ги збунија непријателските системи за противваздухопловна одбрана и на тој начин ја сокрија својата вистинска позиција, пренесува официјалниот веб-портал на руското Министерство за одбрана.

Потоа овие авиони од висина од околу 3 илјади метри изведоа напад врз непријателските цели така што употребија дваесетина фрагментарно-разорни гравитациски бомби со маса од 250 кг. Прецизноста на бомбардирањето го надгледуваше извидувачко беспилотно летало „Орлан-10“ кое во реално време ги пренесуваше податоците од местото до командниот пункт (онлајн-режим).

„Сухој“ Су-34 (рус. Сухой Су-34, НАТО  Fullback) е тактички повеќенаменски ловец-бомбардер. Развиен е во KБ „Сухој“, а сериски се произведува во Новосибирската фабрика за авиони „Валериј Чкалов“. Неговата примарна намена се бомбардерски задачи, при што со употреба на ракети од класата „воздух-земја“ и авиобомби уништува широк спектар на копнени цели. Благодарение на неговата компатибилност со навистина обемната палета на воздухопловно вооружување, овој авион може да се бори против цели како на море, така и во воздухот. Во последно време овој авион е зајакнат со современи системи за електронски пречки, што значително ја отежнува позицијата на противникот во евентуален воздушен судир со овој авион, како и непријателските екипажи на средствата за ПВО. Се одликува со голем долет и носивост на вооружување (8000 кг).

Потсетник

Во големата воена вежба во која учествуваат единиците на 41 и 2 гардиска комбинирана армија на Централниот воен округ учествуваат повеќе од 12 илјади војници со околу 3 илјади единици борбена техника. Оваа вежба се реализира во временскиот период од 10 до 14 август на четири големи воени полигони во Сибир и Поволжјето.

Генералното сценарио на воената вежба предвидува содејство на две оперативно-стратешки единици на руската армија со цел организација на одбраната и запирање на настапувањето на најкрупните единици на условниот непријател, кршење на неговиот напад, брз премин во контраофанзива и негово конечно уништување.

Во овие дејствија е предвидена употреба на мултивидовски борбени групи составени од оклопно-механизирани, артилериско-ракетни и противвоздухопловни единици поддржани од страна на воздухопловните групи на оперативно-тактичката и армиската авијација, единиците за атомско-биолошко-хемиска одбрана, единиците за противелектронска борба, како и специјалните групи опремени со цела лепеза беспилотни летала како што се „Форпост“, „Орлан-10“ и „Елерон“. Оваа комбинирана воена вежба во која учествуваат оперативно-стратешките единици на Централниот воен округ се реализира под раководство на командантот на овој воен округ, генерал-полковник Александар Лапин.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња