Руската армија усвои нов контингент длабоко модернизирани хаубици 2С19М2 „Мста“

Vitaly V. Kuzmin/www.vitalykuzmin.net
Пакетот нова модернизација овозможи значително зголемување на прецизноста при дејствување, потоа зголемување на брзината на стрелбата која достигнува и до десет гранати во минута, способност за дејствување во режим на таканаречен „огнен налет“ кога неколку гранати истрелани од едно оружје истовремено паѓаат на својата цел.

Руската компанија „Уралтрансмаш“ (дел од концернот „Уралвагонзавод“) ѝ испорача на руската армија нов контингент модернизирани самоодни хаубици „Мста-С“. Овој контингент е дел од претходно потпишаниот договор со руското Министерство за одбрана кој предвидува опремување на армијата со артилериски средства во периодот 2019-2021 година.

Генералниот директор на компанијата „Уралтрансмаш“ Димитри Семизоров го извести рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу за испораката на модернизирани самоодни хаубици 2С19 „Мста-С“ на артилериските единици на руската војска, пренесува веб-порталот ТАСС.

„Самоодната хаубица 2С19М2 е артилериско орудие на гасеници кое одговара на сите барања на модерната артилерија. Нејзината конструкција вклучува имплементација на најнови технички решенија, што овозможува зголемување на прецизноста на стрелбата, нејзината брзина и скратување на времето за извршување на борбената задача“, ги пренесува зборовите на Семизоров информативната служба на оваа компанија.  

Како што објаснуваат од концернот, пакетот нова модернизација овозможи значително зголемување на прецизноста при дејствување, потоа зголемување на брзината на стрелбата која достигнува и до десет гранати во минута, способност за дејствување во режим на таканаречен „огнен налет“ кога неколку гранати истрелани од едно оружје истовремено паѓаат на својата цел. Подобрени се и параметрите на комфор за екипажот на ова орудие (интегриран систем за климатизација), а значително е намалена и видливоста во радарскиот, топлотниот и оптичкиот спектар. Најновата модификација ги зголеми експлоатациските карактеристики на орудието во однос на претходните верзии.

Како што истакнуваат од информативната служба на концернот „Уралвагонзавод“, хаубицата стана далеку побрза и поподвижна. Посебно внимание при модернизацијата е насочено кон зголемување на сигурноста на орудието за да се задржи статусот на главно артилериско средство на руската армија.  

Моменталната најмодерна руска самоодна хаубица од семејството „Мста-С2“ ја носи ознаката 2С19М2 (кодно име „Дилема“). Ова орудие претставува длабоко модернизирана верзија на хаубицата 2С19 „Мста-С“. Нејзината вкупна маса изнесува 43,2 тони, а нејзиниот калибар е 152,4 мм. Цевката на хаубицата е со должина од 47 калибри. Максималната далечина на гаѓањето зависи од видот на проектилот, но со стандардната муниција се движи во опсег од 25-29 км. Може да истрелува и паметен проектил „Краснопол“ на далечини до 20 км. Борбената каденца на хаубицата изнесува до 10 гранати во минута. Во борбениот комплет има 50 гранати со кал. 152 мм. Погонскиот агрегат, со сила од 800 КС, овозможува максимална брзина од 60 км/ч. Со полн резервоар може да совлада дистанца од околу 600 км.

Во нејзиниот состав се наоѓа и комплексот „Накидка“ (прев. Плашт) кој во голема мера го намалува радарското, оптичкото и топлотното зрачење на орудието што е исклучително важно за заштита од непријателското противдејство, односно контрабатирање.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња