Руски ловци Су-27 пресретнаа два американски авиона над Црното море

Министерство за одбрана на РФ
Руски ловци Су-27 изведоа пресретнување на американски извидувачки авион RC-135 и стандарден авион на патролната авијација Р-8А Poseidon над водите на Црното море. Ова на новинарите им го пренесе информативната служба на рускиот Национален центар за управување со одбраната (НЦУО).

Според податоците на оваа институција, денес средствата за контрола на воздушниот простор над неутралните води на Црното море детектирале две летала кои што се приближувале до рускиот воздушен простор, пренесува веб-порталот ТАСС.

„За пресретнување на овие цели се ангажирани ловци Су-27 од составот на дежурните сили на противвоздухопловната одбрана на Јужниот воен округ (ЈВО). Пилотите кои управуваа со овие летала пријдоа на безбедно растојание од американските авиони и извршија нивно идентификување. Во прашање беа стратешки извидувач RC-135, како и авион на патролната авијација Р-8А Poseidon“, соопштија од Националниот центар за управување со одбраната. На овие авиони не им е дозволено да го нарушат воздушниот простор на Руската Федерација. По пренасочувањето на американските авиони од нивната првична траекторија, руските ловци се вратија во постојаното место на свое базирање.

Како што истакнаа од Националниот центар за управување со одбраната, комплетната акција е реализирана во режим на строго почитување на меѓународните правила за употреба на воздушниот простор.

Ова е седми случај на пресретнување на американски апарати во последниве две недели. Слични активности се реализирани на 23, 24, 27, 30 и 31 јули, како и на 4 август. Конкретно, последен пат во акција на пресретнување на авион Falcon-20 од составот на норвешкото воено воздухопловство, кој се приближуваше до рускиот воздушен простор, учествуваше суперсоничен ловец-пресретнувач МиГ-31. Пресретнувањето е успешно реализирано над водите на Баренцовото море.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња