Русите имитираа дуел на атомски подморници за стратешка намена кај Камчатка

Министерство за одбрана на Русија
Атомската подморница за стратешка намена „Александар Невски“ изведе потера по условно кажано непријателска подморница, имитирана од исто така нуклеарната подморница „Владимир Мономах“. Се работи за подморници кои се далеку поманеварбилни во однос на своите претходници благодарение на усовршеното кормило и бочните плочи на хоризонталните стабилизатори. Сето тоа овозможи интензивен дуел на две морски „чудовишта“.

Екипажите на две атомски подморници за стратешка намена кои се наоѓаат во состав на Тихоокеанската флота на руската морнарица изведоа вежба во поширокиот регион на полуостровот Камчатка. Во прашање беше дуел во кој едната подморница ја имаше улогата на напаѓач, а другата улогата на бранител.

За време на вежбата се обработени тактички принципи на напад и контранапад врз подморници на условниот непријател. Ова на новинарите им го пренесе информативната служба на Тихоокеанската флота, пренесува веб-порталот „Интерфакс“.

„Атомската подморница за стратешка намена „Александар Невски“ изврши потера по условно кажано непријателска подморница, која исто така беше имитирана од нуклеарната подморница „Владимир Мономах“, се наведува во соопштението на информативната служба на Тихоокеанската флота.

Стратешкиот ракетоносец во прикриен маневар влезе во зоната на изведување на вежбата, потоа зазеде најдобра позиција за напад и го торпедираше условниот непријател. Од друга страна, подморницата што беше нападната имаше задача брзо да изведе дефанзивни маневри, со цел избегнување на надоаѓачките торпеда.

Атомската подморница со стратешка намена „Владимир Мономах“ успешно ја реализираше задачата и се извлече од ударот на непријателските торпеда. Таа потоа изврши контранапад со возвратно лансирање на поголем број торпеда по целта што дејствуваше по неа. Сето тоа создаде услови да се реализира сценарио на дуел на меѓусебно спротивставени подморници од блиско растојание.

Се работи за подморници кои се далеку поманеварбилни во однос на своите претходници благодарение на усовршеното кормило и бочните плочи на хоризонталните стабилизатори. Наместо ротирачки пропелер, кај подморниците од новата класа е интегриран воден Hydro-jet погон, кој со помош на млазниците обезбедува стабилно движење на подморницата под површината на морето.

Екипажите на овие подморници ги искористија до максимум можностите на своите пловила за да заземат што подобра позиција во однос на непријателот. Инаку, самата вежба е во програмата за редовна обука на ефективите за стратешка намена кои се наоѓаат во состав на Тихоокеанската флота.

Проектирањето на новите стратешки ракетоносци од класата 955 „Бореј“ започна во рамките на Централното конструкторско биро „Рубин“ во Санкт Петербург кон крајот на 80-тите години на минатиот век. Поради тешката економска криза предизвикана од колапсот на СССР, но и технолошката сложеност на проектот, работите над нуклеарната подморница „Бореј“ беа стопирани. Првата подморница од оваа класа „Јуриј Долгоруки“ започна да се гради 1996 година, но беше спуштена во вода дури 12 години подоцна (2008). Останатите две подморници „Александар Невски“ и „Владимир Мономах“ веќе се градеа многу побрзо.

Депласманот на нуклеарната подморница од класата 955 „Бореј“ достигнува 24 илјади тони. Нејзината должина е 170 метри, ширината 13,5 метри, а автономијата на непрекината пловидба достигнува 100 дена. Екипажот се состои од 107 морнари. Кога е под вода, „Бореј“ може да достигне брзина од скоро 30 јазли (54 км/час), и да се нурне на длабочина поголема од 400 метри.

Во перспектива нуклеарните подморници од класата 955 ќе ги заменат ракетоносци од третата генерација. Се работи за подморниците од класата 667БДР „Калмар“ и 667БДРМ „Делфин“, изградени уште во советско време. До крајот на 2023 година, покрај споменатата подморница „Кнез Владимир“, во состав на руската воена морнарица ќе влезат уште четири „Бореи“: „Кнез Олег“, „Генералисимус Суворов“, „Цар Александар III“ и „Кнез Пожарски“. Сите пет наведени подморници ќе припаѓаат на усовршената класа 955А „Бореј-А“.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња