Ракетниот полк за противвоздухопловна одбрана во Хабаровскиот регион доби полковски комплет ПВО/ПРО системи со голем дострел С-400 „Триумф“. Ова денеска го соопшти заменик-министерот за одбрана на Руската Федерација Алексеј Криворучко, пренесува веб-порталот ТАСС.
„За потребите на Воздушно-космичките сили денеска е испорачан полковски комплет противвоздухопловни ракетни системи со голем дострел С-400 „Триумф“, рече рускиот заменик-министер за одбрана на еден од приемите организирани од субјектите на руската воена индустрија. Заменик-министерот напомена дека новото вооружување го усвоил 1529 гардиски ракетен полк, кој е распореден во Хабаровск.
Командантот на полкот истакна дека сите годинешни планови кои се однесуваат на опремување на формации од овој ранг на овој начин се успешно завршени. Тој нагласи дека новото вооружување значително ги унапредило борбените способности на полкот, особено на планот на „детекција и пресретнување на средства за воздушен напад на противникот“.
Според зборовите на заменик-министерот за одбрана на РФ Алексеј Криворучко, руските Воздушно-космички сили во првата половина на оваа година добиле 15 нови и еден ремонтиран борбен авион (МиГ-35С, Јак-130, Су-35с, Су-34 и Ил-76). Единиците на Воздушно-космичките сили добија и 36 нови хеликоптери, како и 17 летала кои поминаа ремонт. Се работи за хеликоптери Ми-28УБ, Ми-8АМТШ, Ми-8МТВ-51, Ми-8, Ка-27 и Ми-24. Покрај обнова на воздухопловниот парк, единиците на Воздушно-космичките сили добија и две нови радарски станици, додека една успешно помина генерален ремонт.
Рускиот противвоздушен систем С-400 „Триумф“ е наменет за борба против сите современи и перспективни средства на воздушно-космичкото оружје. Неговиот максимален хоризонтален дострел е околу 400 км (ракета 40Н6Е), додека во височина дејствува и до 35 км. Формациски, во рамките на еден дивизион најчесто има 2-3 батерии на овој систем, со вкупно 8-12 транспортно-лансирни единици. Значи, еден дивизион во својот состав има 48 ракети подготвени за моментално дејство. Цел ракетен полк хипотетички може да нападне 96 непријателски воздушни цели во оперативен борбен радиус до 400 км.
Системот влезе во вооружување на 28 април 2007 година. Државната програма за опремување на руската армија има во план до крајот на 2020 година да заврши комплетирање на 56 дивизиони системи С-400, што ќе овозможи комплетно превооружување на 28 ракетни полкови кои формациски се состојат од два дивизиона опремени со овие исклучително моќни средства. Во овој момент руската армија во своето вооружување има 53 дивизиони опремени со системи С-400 „Триумф“ кои се наоѓаат во вооружувањето на 23 ракетни полка и два центра за обука на ракеташи.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче