Кинески медиуми: Русија под водство на Владимир Путин гради моќна флота

Reuters
Повеќето луѓе знаат дека на 26 јули Русија го прослави Денот на Воената морнарица. Воени манифестации по повод овој настан имаше во градовите Севастопол, Санкт Петербург, Владивосток, како и во други градови во кои има големи поморски воени бази. По повод овој ден се огласи и рускиот претседател Владимир Путин, кој им го честиташе денот на сите морнари, истакнувајќи дека морнарицата веќе три века стои на стража на одбраната на суверенитетот на татковината и цврсто ги брани нејзините интереси.

Рускиот претседател нагласи во својот говор дека „воените бродови кои го носат легендарното Андреевско знаме, како и сите припадници на руската воена морнарица, постојано ги извршуваат најтешките задачи. Ние сме денеска горди. Горди сме на величествените воени победи на нашите големи сонародници“. Токму овие зборови на најдобар начин го отсликуваат денешниот момент кога е во прашање модернизацијата на вооружувањето и борбената техника што се наоѓа во единиците на руската воена морнарица.  

Прво, треба да се истакне дека Русија ја засилува научно-истражувачката работа и развојот на нови типови воени бродови и вооружување. Воената парада која во чест на Денот на Воената морнарица се одржа во Санкт Петербург и Калининград вклучуваше 46 бродови и помошни пловила, како што се на пример ракетната фрегата „Адмирал Касатонов“, големиот противподморнички брод „Вицеадмирал Кулаков“, големи десантни и мали ракетни бродови, корвети, подморници итн. Покрај тоа, беше демонстрирана и воздухопловна техника како што се авионите Су-33, Су-27, МиГ-29, потоа фронтовскиот бомбардер Су-24, авионите-амфибии Бе-200 и Бе-12, авионот за радарско набљудување (летечкиот радар) А-50. Значи, врз основа на средствата што учествуваа во оваа воена парада, може со сигурност да се каже дека силата на руската морнарица ни малку не е преувеличена.

Второ, Русија вложува големи напори да ја модернизира својата флота. Процената е дека руската воена морнарица особено внимание ќе посвети на развој на своите способности врз база на дигиталната технологија, потоа на развој на хиперсонични ударни системи, постепено воведување беспилотни подводни апарати и други видови современо вооружување и борбена техника. Ќе има унапредувања и на планот на тактичката употреба на ударните поморски групи, што ќе доведе до севкупно зголемување на борбените способности на руската флотила.

Трето, перспективното хиперсонично оружје ќе стане главната ударна сила на руските воено-поморски сили. Со ова вооружување ќе се опремат ракетните фрегати од класата 22350 „Адмирал Јумашев“ и „Адмирал Спиридонов“, кои се наоѓаат во фаза на изградба. Овие бродови ќе влезат во вооружувањето на руската флота до крајот на 2026 година. Во овој момент руската морнарица не планира воведување површински бродови за стратешка намена, како што се носачи н авиони. Наместо тоа, фокусот го става врз развојот на брзи, многу мобилни платформи кои ќе имаат хиперсонично вооружување. Ова е неспоредливо поевтина опција од изградба на големи пловила како што се носачите на авиони. Исто така, вака конципираните бродови имаат и далеку поголем извозен потенцијал, бидејќи можат да ги набават држави кои немаат толку големи буџети.  

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња