Колекционери од ЕУ „луди“ по набавка на оптичкиот нишан ПУ кој ги прослави советските снајперисти

Скриншот
Новосибирскиот технички завод за производство на специјален прибор за стрелечко оружје наскоро ќе пушти во производство јубилејна серија на оптичкиот нишан ПУ, кој активно го користеа советските снајперисти во текот на Втората светска војна. Целокупната серија на овие нишани е веќе однапред распродадена и оди кај странскиот партнер, напоменува холдингот „Швабе“.

Производната серија во целост ќе ја купат колекционери кои се наоѓаат во земјите на Европската Унија, соопшти информативната служба на холдингот „Швабе“, пренесува рускиот медиум „Интерфакс“.

Серијата е ограничена на комплетирање на 400 нишани ПУ. Секој произведен модел ќе има единствен сериски број, со кој ќе оди соодветна документација-сертификат. Комплетната работа ќе ја реализира Новосибирскиот технички завод за производство на специјален прибор за стрелечко оружје, кој е дел од холдингот „Швабе“. Планирано е да се почне со сериско производство на нишанот ПУ на јубилејната 80 годишнина од моментот кога е првпат направен. Во текот на Втората светска војна ПУ беше еден од најексплоатираните оптички нишани меѓу советските снајперисти.

Планирано е овие нишани веќе наесен да се најдат во продажба во земјите на ЕУ. Според податоците на информативната служба на холдингот „Швабе“, нишанот ќе биде спакуван во оригинална кутија, каде што ќе има и специјален додаток преку кој ќе може да се поврзе со бочната шина која се наоѓа на карабините „Сајга“.  

Генералниот директор на Новосибирскиот технички завод за производство на специјален прибор Василиј Расохин притоа рече дека „производството на јубилејната партија на овие нишани ќе го зголеми интересот на странскиот пазар“.

Имено, во последно време во Европа дојде до засилен интерес на бројните вљубеници во стрелечкото оружје за советското/руско оружје, особено кога се работи за периодот на Втората светска војна. За него се интересираат бројни колекционери и реконструктори на стрелечко оружје. Самиот нишан ќе биде многу интересен и како вреден подарок.

Оптичкиот нишан за пушка (мод. Оптический винтовочный прицел образца 1940 года), попознат по кратенката ПУ („прицел укороченный“), е развиен 1940 година во Харков. Првата серија на овие нишани била предвидена за опремување на пушките „Токарев“, а од 1942 година благодарение на конструкторските модификации на Дмитро Кочетов почнува да се употребува и на познатите пушки „Мосин 1891/30“.

Во годините на Втората светска војна оптичкиот нишан ПУ 3,5х22 го користеа најпознатите советски снајперисти кои сееја смрт во редовите на непријателот, како што се Људмила Павличенко, Василиј Зајцев, Роза Шанина. „Во периодот 1940-1945 година се произведени повеќе од 500 илјади оптички нишани ПУ. По завршувањето на Втората светска војна тие масовно се користеа на спортски и ловечки карабини“, истакнува информативната служба на холдингот „Швабе“.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња