Масовни баталјонско-тактички воени вежби почнаа на полигоните на Кавказот и Закавказјето

Слободан Ѓукиќ

Преку 5 илјади војници од составот на единиците на Јужниот воен округ учествуваат во неколку одвоени воени вежби на баталјонско-тактичко ниво кои се одвиваат на територијата на пет региони на Северен Кавказ и Закавказјето. Во вежбите учествуваат мешовити тактички групи составени од механизирани, тенковски и артилериски единици на руската армија. Во рамките на баталјонско-тактичките групи на артилериските и механизираните единици се наоѓаат и единици на инженеријата, атомско-биолошко-хемиската заштита, санитетски единици, единици на ПВО, специјални извидувачки единици итн.

Овие вежби се изведуваат истовремено на пет различни локации, соопштија од информативната служба на Јужниот воен округ.

„Воените вежби истовремено се изведуваат во Дагестан, Северна Осетија, Чеченија, како и во воените бази на Јужниот воен округ во Абхазија и Јужна Осетија“, се наведува во соопштението што го пренесува веб-порталот „Интерфакс“.

„Баталјонско-тактичките вежби претставуваат специјален вид на проверка на основната обученост на борбените единици кои треба да учествуваат во реализацијата на претстојната стратешка командно-штапска вежба „Кавказ-2020“, се наведува во соопштението на информативната служба која се повикува на зборовите на командантот на Јужниот воен округ генерал Александар Дворников.

Што се однесува до ангажираната борбената техника, во вежбите на баталјонско-тактичко ниво се употребуваат артилериски дивизиони и батерии кои во своето вооружување имаат повеќецевни ракетни лансери „Торнадо“ и „Град“, самоодни хаубици „Мста-С“, „Гвоздика“ и „Акација“. Во состав на оклопно-механизираните единици можат да се видат основни борбени тенкови Т-72Б3 и Т-90, како и борбени возила на пешадијата БМП-3.

Неодамна припадниците на гардиските оклопно-механизирани единици на Централниот воен округ (ЦВО) при воена вежба со боево гаѓање во Челјабинската област првпат ја употребија последната модернизација на основниот борбен тенк Т-72Б3М, која неодамна беше усвоена во вооружувањето на руската армија. Се очекува нов контингент од овие тенкови наскоро да ги засили и оклопно-механизираните единици на Јужниот воен округ.

Пакетот модернизација на овие тенкови вклучува: повеќеканален нишан „Сосна-У“ со дополнителна термовизиска камера од втора генерација кој има способност за автоматско следење на детектираните цели во сите временски услови. Овој комплекс е способен да открие и следи тешко забележливи цели во услови како длабока ноќ или силен дожд проследен со грмежи. Нишанџијата е само должен да ја „заклучи“ откриената цел со притискање на копчето, по што комплексот ги презема операциите за самостојно пресметување на сите параметри кои се важни за прецизен истрел. Тука се наоѓа и модернизираниот тенковски топ 2А46М-5 со калибар 125 мм со подобрена балистика кој обезбедува извонредни ефекти на дејството по забележаната цел. Огнената моќ на тенкот е исто така подобрена благодарение на усвојувањето на поткалибарниот кинетички проектил со зголемена пробојност.

Што се однесува до последната модернизација од стандардот Т-72Б3 на стандардот Т-72Б3М, овој основен борбен тенк доби уште неколку предности кога е во прашање зголемувањето на степенот на неговата оклопна заштита. Така на неговите бокови, куполата и телото на тенкот е применета динамичната оклопна заштита „Реликт“ која е со сличен квалитет како на тенковите Т-14 „Армата“ (се мисли на динамичниот систем за оклопна заштита на тенкот од новата генерација „Малахит“ – заб. на прев.). Руските конструктори интегрираа нов дизел-мотор кој е цели 200 коњски сили посилен од својот претходник. Модернизираниот стандард Т-72Б3М поседува погонски мотор од 1130 коњски сили кој ја движи машината тешка 46 тони. Односот на силата и тежината му обезбедува на овој тенк надвор од уредени комуникации да развие брзина и до 60 км/час.

Покрај тоа, командантот на округот им издаде наредба на своите потчинети да обезбедат централизиран видеопренос од сите одвоени воени вежби кои истовремено се реализираат на пет одвоени локации. Сликата во реално време ќе се пренесува преку интегрирани куполни камери кои ги покриваат воените полигони на ЈВО, како и со помош на оптоелектронскиот комплекс што го имаат беспилотните извидувачки летала.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња