Механизираните единици на руската армија примија контингент нови беспилотни летала

Беспилотно летало „Форпост“ (Searcher Mk II)

Беспилотно летало „Форпост“ (Searcher Mk II)

Слободан Ѓукиќ
Новото засилување ќе им обезбеди на офанзивните борбени единици на руската армија далеку поквалитетна подготовка и изведување на борбени дејствија особено на планот на оптоелектронското извидување од воздушниот простор, наведување на високопрецизни убојни средства, за операции на воздушно радиоизвидување, електронско попречување на непријателските системи за врска итн.

Во вооружувањето на единиците на комбинираната армија на Јужниот воен округ (ЈВО) кои се наоѓаат во Ставропол пристигна контингент извидувачки беспилотни летала, пренесува информативната служба на ЈВО. Се работи за извидувачки беспилотни летала „Орлан-10“.

„Три беспилотни летала со комплетна опрема „Орлан-10“ ги засилија единиците на механизираната бригада која со својот штаб се наоѓа во Ставрополскиот регион. Овие летала ќе обезбедат детекција на цели (извидување) и пренос на релевантни податоци до средствата за огнена поддршка во рамките на изведувањето на воени вежби од различен карактер, како и мониторинг при реализацијата на активности за борбена обука“, се наведува во соопштението.

Во понатамошниот текст се нагласува дека беспилотниот комплекс „Орлан-10“ е наменет за изведување на воздушно оптоелектронско извидување, каде што добиените податоци во реално време се пренесуваат до ударните средства за огнена поддршка (артилериско-ракетни батерии, ловечко-бомбардерска авијација). „Орлан-10“ може да се употреби за наведување високопрецизни убојни средства по зафатени цели, за операции за воздушно радиоизвидување, попречување на GSM врска и сл.

 „Од опрема „Орлан-10“ користи блок оптоелектронска опрема кој се состои од термовизиска камера, жиростабилизирана видеокамера во боја која се наоѓа на подвижна платформа, фотокамера, апаратура за примопредавање на податоците. Леталото се лансира од специјално конструиран катапулт“, се додава во соопштението што го пренесува веб-порталот „Интерфакс“.

Беспилотното летало „Орлан“ е производ на руската компанија „Специјален технолошки центар“ (Специальный технологический центр). Неговата основна намена е откривање и наведување на артилерискиот оган по непријателските цели на далечини до 50 км. Тој е составен дел на специјалниот тактички систем за врска „ЕСУ ТЗ“, кој работи врз принципите на мрежноцентричното војување, а кој во реално време ги обединува речиси сите фактори кои учествуваат на бојното поле.

„Орлан“ ја имаше својата борбена премиера во Сирија. Врз основа на практичното искуство, руските дизајнери го модернизираа овој летало опремувајќи го со 12 камери со висока резолуција, што овозможува 3-димензионално мапирање на бојното поле. Покрај овие модификации, специјалистите од оваа компанија, во соработка со колегите од холдингот „Роселектроника“ (Росэлектроника) создадоа и мобилен управувачки пункт, кој овозможува истовремено управување со 3 беспилотни летала „Орлан“ на далечини и до 100 км.

Врз основа на базичната варијанта на леталото „Орлан-10“, руските конструктори развија негова модернизирана варијанта со ознака „Орлан-30“, која наскоро треба да влезе во оперативното вооружување на руската армија.

Стартната тежина на модернизираното беспилотно летало „Орлан-30“ ќе биде значително поголема од верзијата „Орлан-10“ и ќе изнесува околу 30 кг. Леталото ќе може да лета 300 километри, со крстосуачка брзина на летот од 150 км/ч. „Орлан-30“ ќе може да остане во воздух повеќе од 5 часа (до 10 часа). Модернизираното беспилотно летало ќе полетува со помош на катапулт, што овозможува дополнителна заштеда на гориво, како и можност за негова употреба од неуредени позиции, пренесува интернет-порталот ТАСС.

Што се однесува до неговата главна намена, „Орлан-30“ ќе се користи за извидување на фронтот, откривање на цели и одредување на точните координати за изведување артилериски напади со високопрецизна муниција со голема разорна сила. Како што наведе извор од руското Министерство за одбрана, ова летало ќе биде целосно вмрежено со тешката артилерија. Ова првенствено се однесува на тактичкото вмрежување во реално време со тешките самоодни орудија 2С7М „Малка“ и 2С4 „Тулпан“ кои, покрај конвенционалната муниција, можат да истрелаат проектили со тактички нуклеарни боеви глави.

Покрај тоа, модернизираното беспилотно летало ќе го подобри коригирањето на огнот на артилериските батерии опремени со самоодни хаубици „Акација“ и „Мста“.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња