За доминација на океаните: Кои квалитети ќе ги има најголемиот нуклеарен крстосувач на светот?

Youtube
Тешкиот нуклеарен крстосувач од класата 1144.2 „Адмирал Нахимов“ за две години ќе се врати во оперативниот состав на руската воена морнарица. Ова за медиумите го изјави првиот човек на Обединетата бордоградна корпорација ОАК Алексеј Рахимов. Станува збор за пловен објект кој е изграден во осумдесеттите години од минатиот век.

Во последниве неколку години „Адмирал Нахимов“ минува низ етапа на ремонт и на капитална модернизација. Инженерите и механичарите на бродоградната компанија „Севмаш“ ќе го осовременат целиот сет системи за непречено функционирање на екипажот на овој крстосувач преку интеграција на радио-електронски компоненти на бродот, противбродски и противвоздушни системи од новата генерација. Постои голема веројатност дека „Адмирал Нахимов“ ќе стане еден од првите бродови кои во своето вооружување ќе има хиперсонични противбродски ракети „Циркон“. Експертите се согласуваат дека по извршената модернизација „Адмирал Нахимов“ сигурно ќе стане еден од најмоќните адути на руската воена морнарица.

Првиот човек на Обединетата бродоградна корпорација ОАК Алексеј Рахимов во интервју за РИА Новости рече дека тешкиот нуклеарен ракетен крстосувач од класата 1144.2 „Адмирал Нахимов“ повторно ќе влезе во оперативниот состав на ВМФ до крајот на 2022 година.

„Роковите кои се однесуваат на завршувањето на работата на модернизацијата на бродот остануваат непроменети, без оглед на програмата за неговото превооружување. Тоа е 2022 година“, категоричен е првиот човек на Обединетата бродоградна корпорација.

Како што пренесува медиумската куќа РТ, во овој момент „Адмирал Нахимов“ се наоѓа на пристаништето на бродоградната компанија во Северодвинск, каде се реализира процесот на неговиот ремонт и на неговата модернизација. Конечното завршување на работите на овој брод неколку пати беше одложувано. Во првиот момент беше предвидено дека овој брод ќе биде завршен до крајот на 2018 година.

Бројни руски воени експерти сметаат дека ова одложување е поврзано со проектираната етапа на модернизација која постојано се менува. Имено, руската армија планира на овие бродови да интегрира перспективно ракетно вооружување, поточно протибродски ракети „Циркон“. Овие ракети се одликуваат со хиперсонична брзина на летот, која е дури 9 пати побрза од брзината на звукот. Ракетата ќе поседува нов тип боева глава, а нејзиниот ефективен дострел ќе обезбеди уништување на површинската цел на далечина и до 1.000 километри.

Во интервју за телевизискиот канал „Звезда“ заменик-директорот на концернот „Севмаш“ Сергеј Ворјонко на крајот на минатата година истакна дека во 2020 година ќе започне етапата на подготовка за комплексни фабрички тестирања на тешкиот нуклеарен ракетен крстосувач „Адмирал Нахимов“.

Во март оваа година информативната служба на оваа компанија ја извести јавноста за почетокот на новата етапа во проектот за ремонт и за модернизација на овој брод, што подразбира интеграција на капитална опрема со големи габарити на борбеното средство од прва категорија. Бродските инженери и механичари тргнаа во амбициозна реализација на проект за инсталација на нови турбини и осовини со бродски пропелер.

Тешкиот нуклеарен крстосувач од класата 1144.2 „Адмирал Нахимов“ започна да се гради на 17 мај 1983 година во Балтичкиот бродограден завод (Санкт Петербург). Бродот беше пуштен во вода на 25 април 1986 година. Од 30 септември 1988 година тешкиот ракетен крстосувач под назив „Калинин“ влезе во вооружувањето на советската воена морнарица каде значајно го зајакна офанзивниот капацитет на Северната флота.

По распадот на СССР, војската го преименува бродот во тежок ракетен крстосувач „Адмирал Нахимов“. Инаку, ова име го носеше првиот оклопен крстосувач на императорската флота кој во своето вооружување имаше тешки бродски топови во куполите. Овој брод исто така беше направен во Балтичкиот завод во Санкт Петербург. Во мај 1905 година во состав на 2 Тихоокеанска ескадра стариот крстосувач „Адмирал Нахимов“ учествуваше во Битката кај Цушима. Во неа бродот претрпе неколку фатални оштетување, по што потона заедно со својот екипаж.

Радикална модернизација

Тешкиот ракетен крстосувач „Адмирал Нахимов“ е наменет за решавање широк круг задачи на отворени мориња, и претставува една од габаритно најголемите површински борбени платформи која се наоѓа во вооружувањето на руската воена морнарица, и воопшто во светот. Овој брод може со голем степен на ефикасност да влезе во битка практично со сите типови борбени ефективи на условен непријател кој може да се најде во вода, вклучувајќи ги тука и земските објекти и борбените средства од составот на воздушно-космичките сили.

Полниот депласман на бродот достигнува импозантни 16.190 тони. Неговата должина изнесува 252 метри. Бродот е широк 28.5 метри, газот е длабок 9.1 метар, додека екипажот е составен од 700 офицери и морнари. Тешкиот ракетен крстосувач го движат две парни турбини и еден нуклеарен реактор кој генерира 140 илјади коњски сили.

До почетокот на модернизацијата во борбениот комплет на ракетниот крстосувач „Адмирал Нахимов“ се наоѓаа противбродските суперсонични ракети П-700 „Гранит“ кои можеа да погодат површински брод на далечина и до 800 километри. Овие ракети поседуваа боева глава со голема разорна моќ која можеше да потопи и бродови со еквивалент на носач на авиони (конвенционална и нуклеарна боева глава). Исто така, во неговиот арсенал влегуваа и различни типови торпеда и мини.

За противвоздушните дејства бродот располагаше со далекустрелен ракетен систем за ПВО С-300Ф „Форт“, потоа со системи со краток дострел 4К33 „Оса-М“ и со артилериски модули за ПВО 3М87 „Кортик“.

Според воените експерти, кон крајот на деведесеттите години од минатиов век, но и во првата деценија на 21 век, брод со овој степен на опременост имаше потенцијал ефикасно да се одбрани од сите закани кои тогаш постоеја на отворените мориња. Меѓутоа, пред наглиот развој на воено-технолошката компонента која е особено изразена во последниве десетина години, овие вооружени системи започнаа забрзано да застаруваат. Покрај вооружувањето, ова се однесуваше и на ракетните системи за ПВО, на радио-електронската опрема и на главните механизми во функционирањето на бродот. Во врска со овие промени беше донесена одлука за радикална модернизација на тешкиот ракетен крстосувач „Адмирал Нахимов“.

Според информациите од руското Министерство за одбрана, на крстосувачот ќе му бидат заменети сложените јазли што поврзуваат различни системи, агрегати, системи за функционирање на бродот, радио-електронски системи, бродски енергетски компоненти. Како што за медиумската куќа Интерфакс неодамна изјави Олег Рахманов, во рамките на главниот проект на ремонтот и на модернизацијата на бродот реализирани се речиси 18 помали опитно-конструкторски проекти.

Процените на руските медиуми кои во таа пригода консултираа бројни руски воени експерти се дека на крстосувачот особено внимание ќе биде посветено на капиталната модернизација на компонентата за ПВО на бродот. Според податоците до кои дојде Интерфакс, главната задача на далекустрелната одбрана на бродот ќе ја имаат противвоздушните ракетни системи со вертикален лансер 3К96-2 „Полимент-Редут“. Со усвојувањето во вооружувањето на ракетата од класата море-воздух со голем дострел, системот ќе може да соборува непријателски воздушни цели на оддалеченост и до 400 километри. Во овој момент борбениот комплет на овој комплекс е составен од неколку видови ракети со различни задачи 9М100, 9М96 и 9М96Д, од кои ефективниот дострел на првата ќе изнесува 15, на втората 120, а на третата 150 километри (ешалонирана повеќеслојна одбрана).

Според информациите до кои дојде медиумската куќа РИА Новости, по проектот за модернизација на ракетниот крстосувач „Адмирал Нахимов“ овој брод во своето вооружување речиси сигурно ќе ја има бродската варијанта на ракетниот систем за ПВО-ПРО С-400 „Триумф“, чиј борбен комплет ќе биде составен од 96 ракети, како и длабоко модернизирана верзија на стариот систем С-300Ф „Форт“.

Експертите веруваат дека доколку се потврдат нивните предвидувања, модернизираниот „Адмирал Нахимов“ во рамките на системот за ПВО „Полимент-Редут“ ќе има универзални вертикални лансери за ракети 3С14 (УКСК), кои можат да се употребат и за лансирање на далекустрелни крстосувачки ракети „Калибар“, противбродски ракети „Оникс“, а во некоја специфична варијанта и перспективни хиперсонични ракети „Циркон“.

Гордост на руската воена морнарица

Како што повеќе пати повторија во руското Министерство за одбрана, тешкиот ракетен крстосувач „Адмирал Нахимов“ ќе поседува значително унапредување на техничко-тактичките карактеристики. По враќањето на овој брод во борбениот состав, руската воена морнарица „во голема мера ќе го зголеми ударниот потенцијал на своите површински борбени компоненти“. Според своите вкупни способности, советскиот крстосувач практично ќе стане нов брод.

Во октомври 2019 година американското списание „Милитари воч“ овој брод го претстави како најопасен воен брод на руската воена морнарица. Основните предности на овој брод, според американските извори, се унапредените средства за радиолекетронска борба, ракетите воздух-воздух со голем дострел и хиперсоничните ракети.

И останатите американски аналитичари исто така веруваат дека „Адмирал Нахимов“ по модернизацијата ќе стане исклучително опасен непријател на отворено море. Според нивните зборови, габаритите на бродот овозможуваат распоредување на широка номенклатура радио-електронска опрема, ударни средства и системи за заштита на бродот.

Процените на руските воени експерти се дека борбениот комплет на тешкиот ракетен крстосувач „Адмирал Нахимов“ ќе се зголеми на 72 ракети. Уништувањето на борбените групи на непријателот кој го предводи нуклеарниот носач на авиони (на пример од класата „Нимиц“) во тактичка смисла ќе биде овозможен со плотунско (истовремено) лансирање на огромен број ракети, кои ќе бидат индивидуално програмирани со помош на специјално вчитани алгоритми.

Освен тоа, модернизираниот брод ќе добие и нови артилериски системи. Тоа пред сè се однесува на потенцијалната интеграција на бродската варијанта на самоодна хаубица од новата генерација со калибар од 152 милиметри „Коалиција-СВ“, чиј ефективен дострел ќе изнесува 80 километри. Во овој момент основната копнена верзија на оваа хаубица се тестира во единиците на руската армија.

„На Русија ѝ е потребен бродот од океанска класа 'Адмирал Нахимов“, како и неговиот близнак 'Петар Велики', кој исто така се наоѓа во фаза на модернизација, а кои можат автономно да дејствуваат далеку од брегот на нашата татковина. Тие поседуваат исклучителен огнен потенцијал кој на условниот непријател може да му нанесе непоправлива штета. Овие бродови се проектирани ефикасно да се спротивстават на борбено најспособните поморски сили на непријателот“, истакнува рускиот воен експерт Дмитриј Литовкин.

Поранешниот заменик-командант на руската воена морнарица адмирал Игор Касатонов во коментар за руската медиумска куќа РТ изјави дека една од главните предности на модернизираниот тежок ракетен крстосувач „Адмирал Нахимов“ е противподморничкото вооружување. Според информациите од отворените извори, развојните инженери на компанијата „Севмаш“ работат на интеграција на перспективните системи „Пакерт-НК“ и „Ответ“ кои ќе го модернизираат ракетниот крстосувач и ќе му дадат сосема нови можности на ова поле.

„Способностите на ракетниот крстосувач 'Адмирал Нахимов' по модернизацијата ќе овозможи овој брод ефикасно да се спротивстави на поморските борбени групи кои ги предводат носачите на авионот, вклучувајќи и подморници на условен непријател. Тоа ќе биде повеќенаменски универзален брод, гордост на руската воена морнарица, кој ќе обезбеди успешна реализација на широк спектар задачи на мошне високо ниво“, резимираше адмиралот Игор Касатонов.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња